fbpx

Кристијан Тимоние: Да не бидеме заложници на логиката дека на Северна Македонија треба да ѝ се даде датумот како подарок

-

Во интервју за порталот „Порталб“, амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, зборува за очекувањата на неговата земја од Северна Македонија пред решавачкиот момент за евроинтеграциите, односно очекувањата во средината на месецов земјава да добие датум за старт на преговорите.

Францускиот амбасадор во изминатиов период постојано потсетуваше дека реформите мора да бидат видливи и реални и за граѓаните и за ЕУ. Тимоние вели дека Франција сè уште не донела одлука дали ќе даде зелено светло за доделување датум на Македонија и порачува дека „функционирањето на правосудството не е на соодветно ниво и сè уште не е ослободено од канџите на политиката“, како и дека „ветингот“ не треба да се прави само за да се отстранат политички неподобните од правосудниот систем. Тимоние вели дека не треба да бидеме „заложници на логиката дека на Северна Македонија треба да ѝ се даде датумот како подарок, само затоа што чекаше долго пред вратите на ЕУ“.

Зошто Франција сè уште нема јасен став во врска со датумот за преговори на Европската унија со Северна Македонија, дали е за или против? Став што нема да биде добро познатата реченица дека „ја поддржуваме европската перспектива на земјите од Западен Балкан“?

– Ова прашање останува отворено, како за Франција така и за други земји. Сè уште разговараме. Исто така, сакаме да ѝ дадеме на располагање уште малку време на Северна Македонија за да усвои некои решенија, и ова го очекуваме не само од владејачката партија, туку и од опозицијата. Прашањето за законот за Специјалното обвинителство и начинот на кој земјата ја третира високата корупција останува отворено. Законот е многу важен затоа што има судски предмети кои не се затворени, но се појавија и нови по скандалот Рекет, за што чекаме транспарентна истрага.

Функционирањето на правосудството не е на соодветно ниво и сè уште не е ослободено од канџите на политиката. Наместо партиите да се концентрираат на решавање на проблемите, особено корупцијата, тие се закануваат едни на други. Ова нè става како држава (Франција), но и другите земји, пред една реалност, дека ќе треба да пристапиме на подлабок начин, инаку поставувањето датум би било само формалност.

Па затоа, кога бараме време за да одлучиме за истото, тоа значи дека бараме датумот да има попрво содржина, отколку само форма. Треба да има реален, убедлив и сериозен напредок во областа на правосудството.

Што мислите за процесот на ветинг во правосудството како алатка за реформа во тој систем?

– Прашањето за ветингот не е лесно и не треба да се прави само за да се задоволи некој во Брисел. Ако тоа е само политички мотивиран процес со тенденција да се „тргнат“ некои луѓе, тогаш имаме многу опасна ситуација. Треба да се биде внимателен, зашто секој не може да помине низ тој процес.

Зошто Франција има толку големи резерви за датумот и што ризикува ЕУ ако даде датум за преговори?

– Ние ја сметаме Европската Унија за сериозна конструкција на европски вредности и претседателот Макрон се залага, со неговата визија, за продлабочување на оваа европска градба. Ние сме подготвени да се соочиме со прашањето за продлабочување и проширување на истата. Земјите од Западен Балкан се социолошки и историски специфични, па затоа и во однос на проширувањето, ние мора да гледаме преку соодветни модалитети, кои се специфични за овој регион.

Списокот на реформите сè уште останува неисполнет, реформите што требаше да се завршат не се завршени. На пример, законот за тајната служба кој требаше да се донесе со двотретинско мнозинство во Собранието сè уште не е донесен.

Затоа, не треба да бидеме заложници на логиката дека на Северна Македонија треба да ѝ се даде датумот како подарок, само затоа што чекаше долго пред вратите на ЕУ.

Но Северна Македонија сепак постигна напредок во однос на барањето на ЕУ за добрососедските односи, го смени уставот и името, донесе закони од областа на правдата…

– Важно е законите да не остануваат само на хартија, туку и да се спроведуваат. Во однос на надворешната политика, претседателот Макрон го поздрави за прв пат во нашата историја, преку видео порака, донесувањето на Договорот од Преспа, за да покаже дека ние високо го цениме она што го направи Северна Македонија, што има сериозно значење. Како и да е, не треба да гледаме само кон Преспа, туку она што влијае на одредувањето на датумот е функционалноста на вашиот систем, во кој припаѓаат институциите, се усвојуваат законите, во вашата способност да спроведувате реформи.

Идејата што преовладува кај јавното мислење е дека патот по кој се движи Македонија треба да биде успешен и брз, но нашата идеја е да се најде ефикасен и реален пат, по кој може да оди Македонија. Со оглед на претходните искуства со земјите-членки, можеме да кажеме дека членството на некои земји би можело да биде поефикасно. Ниту преговорите ниту нивното членство во ЕУ не придонесе да се променат многу нешта во овие земји. Ова е затоа што, и покрај реформите, нивниот систем останува блокиран од политичките партии, како и од десетина семејства кои го држат економскиот систем како заложник во земјата. Не сакаме да прифатиме повеќе такви земји во ЕУ.

Затоа, за интеграцијата на вашата земја да биде реална, ефикасна и ефективна и законите да не останат само на хартија, ние мора сериозно да ги процениме достигнувањата во врска со датумот за отпочнување на преговорите. Идејата на Франција е да се изгради вистински европски политички систем со земји кои имаат силни функционални политички системи и со тоа да може да биде конкурентна на другите моќни земји, како Кина, Русија, САД.

Но, ние зборуваме само за датум, тоа е само почеток на процесот, поглавјата ќе се отвораат едно по едно и тогаш ќе може да се направи проценка…

Оваа логика ме загрижува, „логиката на тобоган“, кога една земја се качила горе мора да се симне до крај. Во искуството со другите земји, видовме дека иако земјата се спуштила надолу, механизмите за контрола на нивните достигнувања не беа доволно ефикасни. Земјата не ги исполнила сите услови, како што е случајот со државите што всушност започнале разговори, каде има дури и регресија во некои области, како што се слободата на медиумите и владеењето на правото.

Владите се чини дека се „опуштаат“ и велат дека откако ќе ги отвориме преговорите, ќе има време, ќе работиме на тие прашања со години. Но, тоа не е нашата логика. Бараме значителна реформа во областа на правосудството, реален и сериозен напредок во земјите од Западен Балкан. Како што споменав погоре, ние сакаме држави со функционални системи кои ги почитуваат европските вредности.

Ако во Северна Македонија се усвоеше сериозен закон за спречување на корупцијата, ќе бевме убедени уште летото да го дадеме датумот. Постојат недостатоци, можеше да биде подобро.

На Антикорупциската комисија ѝ недостасуваат средства за да зајакне како што треба и да не биде пренатрупана со предмети. На политичките партии во земјата, како на власта, така и во опозицијата, им недостасува култура на вистински компромис, што нема да биде на штета на правдата и неказнивоста.

Но ако Северна Македонија не добие датум, ќе има големо разочарување кај населението, особено кај младите, кои ја напуштаат земјата, додека национализмот исто така ризикува да се врати…

– Вистинското разочарување кај граѓаните е кога нема вистински реформи. Ако го дадеме датумот и земјата не ги исполнува своите обврски, тоа е уште полошо. Како ние, така и населението, ќе види дека нема вистински напредок и по некое време ќе има поголемо разочарување.

Се разбира дека и ние сме за да ја задржиме европската надеж за Северна Македонија, но не на начин на кој сега ќе ги отвориме преговорите, да дадеме надеж само формално и нема да можеме да ги затвориме со децении, бидејќи нема вистински напредок.

Што мислите за пораките на водачите на ЕУ упатени до земјите-членки дека треба да се даде датум?

– Тие се слободни да кажат што мислат, исто како и ние. Тие се луѓе со кои ја споделуваме заедно основната идеја, но за нејзино спроведување ќе разговараме и дебатираме, а конечната одлука ќе ја донесе Советот на Европската унија.

Покрај внатрешните проблеми на земјата, очекувате ли други пречки или услови за членство на Северна Македонија во ЕУ? Да го земеме примерот со Бугарија, која стави црвени линии на некои историски личности (Гоце Делчев). Како ги толкувате овие условености?

– Тоа е сложена работа и не може да се реши за „5 минути“. Мора да има многу внимателен пристап кон ваквите чувствителни прашања. Медиумите исто така играат голема улога, бидејќи не треба да се разгоруваат страстите со одредени написи. Мора да се најде заеднички јазик што обединува, а не спротивното, пред периодот на парламентарни избори. Добро е што беше потпишан договорот за добрососедство со Бугарија, но можеби беше сето тоа беше малку избрзано и денес има стагнација, за којашто треба да се најде компромис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поскапе осигурувањето за регистрација на возила за 15 отсто

Осигурувањето за регистрација на возила од вчера поскапе за 15 отсто. Новите цени ќе важат за товарните возила и за коли со моќност над 44 киловати, додека цената за...