fbpx

Крајната десница на европските национални терени – кон и во власта

Трендот на зајакнување на крајната десница е очигледен, секако со исклучоци во некои земји. Меѓутоа, не е забележлив само овој тренд, туку и сé почестото практикување на власта или учество во владините коалиции, пишува Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика за Порталб.мк

-

Анализа за Порталб.мк на Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

 

Предизборните прогнози за Европскиот парламент не се изненадување ако се земат предвид трендовите од националните избори во европските земји. Трендот на зајакнување на крајната десница е очигледен, секако со исклучоци во некои земји. Меѓутоа, не е забележлив само овој тренд, туку и сé почестото практикување на власта или учество во владините коалиции.

Пратенички места на крајно-десничарски партии на последни парламентарни избори во одделни држави членки на ЕУ / Извор: https://www.statista.com/chart/6852/seats-held-by-far-right-parties-in-europe/

Процентот на освоени гласови или пратенички места не секогаш ја дава и реалната слика за позицијата на крајната десница во поединечните држави, што зависи од нивниот парламентарен систем и традиција, констелацијата на другите политички субјекти, како и други фактори.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Крајната десница е на власт во Унгарија – од 2010 година. Треба да се има предвид дека од почетокот Орбановиот Fidesz не беше квалификуван како ектремна десница и беше дел од Европската народна партија сé до 2021 година. Крајнодесничарските партии се дел од владејачките коалиции во Италија и Финска. Аналитичарите, по година и пол од владеењето, ќе констатираат дека Мелони на чело на коалицијата од три крајнодесничарски италијански партии, била поумерена од очекуваното. Во Шведска, партијата Шведски демократи (која самата не сака дa биде класификувана како крајна десница), ја поддржува владејачката коалиција, иако не е дел од неа, а значително ѝ расте популарноста. Во Полска, иако прва на изборите, Партијата Право и правда, која беше на власт пред минатогодишните парламентарни избори ѝ ја предаде власта на обединетата опозиција. Во Холандија во тек се преговори за новата влада, по победата на крајно десничарската Партија на слободата на ноемвриските парламентарни избори. Во Франција Националниот собир (поранешен Национален фронт) на Марин ле Пен е континуирано во раст. Во Романија крајнодесничарската АУР (Сојуз за Унија на Романците) од појавата во 2019 година бележи подем. Растот на популарноста на крајната десница во Германија минатата година предизвика национални протести, а новинските агенции веќе пишуваат дека опција е и забрана на партијата.  Во Грција на последните парламентарни избори во Парламентот влегуваат дури три екстремно десничарски партии.

Денес анти-имигрантската политика е веројатно првиот заеднички именител на партиите на европската крајна десница. Во сериозен ризик под напливот на крајната десница е политиката на климата, односно животната средина. Експертите предупредуваат на ризикот од сé поголема дискриминација и назадување во човековите права. Евро-скептицизмот, пак, се појавува во повеќе варијанти – од одбивање на идејата за евроинтеграција, до критики на практиката и/или натамошната интеграција. Крајната десница не е монолитна во нејзините ставови, што е видливо во разликите во односот кон Русија. И во поглед на проширувањето ставовите не се монолитни, но се чини дека е цврст отпорот кон сеопфатни реформи на ЕУ.

Факт е дека во владина коалиција или не, партиите на крајната десница веќе имаат големо влијание врз националните политики. На пример, во Шведска е намалено финансирањето на политиките на климата. Новиот, далеку построг француски закон за миграција, поддржан од крајната десница, е причина за бран на протести во земјата.

Видливо е и влијанието врз растот на популизмот, кој веќе не е одлика исклучително на десничарскиот екстремизам.

Од друга страна, и самата крајна десница ја менува реториката, но и тактиката, особено кога станува дел од власта, како што покажа примерот на Италија. Меѓутоа, прашање е колку промените во реториката или политичкиот паргматизам значат суштествено отстапување од основните ставови на крајната десница, кои го имаат потенцијалот да ги загрозат темелните вредноси на Европската унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...