Иако во февруари се одбележуваат две години страдање од руската агресија на Украина, илјадници загинати и безмерно уривање на сè што е важно за Украина и за Украинците, дезинформациите од Москва за овој нејзин воен поход и натаму упорно се пласираат во светот. Тие беа поттикнати лично од Путин во интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон, но потоа беа засенети со смртта на рускиот адвокат и најголем опозиционер на Путин, Алексеј Навални, кој почина за многумина во неразјаснети околности во далечен сибирски затвор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Двегодишнината од руската инвазија на Украина (24.02.2022) беше одбележана со оддавање почит на жртвите за слобода на Украина за кои претседателот Володимир Зеленски рече дека се над 31 илјада, што беше прво официјално признание на некоја бројка на загинати, за која понекогаш западни, понекогаш руски извори тврдеа или шпекулираа дека се над 200 илјади.
За таа цел во Киев почит оддадоа претставници на демократскиот Запад предводен од италијанската премиерка Џорџа Мелони, ЕУ, предводена од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лаен и канадскиот премиер Џастин Трудо, но и речиси сите други земји што ја поддржуваат Украина испратија свои високи претставници, вклучувајќи ја и Северна Македонија, која беше застапувана од претседателот на Собранието Јован Митревски.
Вие, Украинците, му ја покажавте на светот вашата храброст и дека вашата борба за слобода е важна… Вие се борите за безбедноста на целиот наш континент. Затоа зад себе ја имате целата Европска Унија. Повеќе од кога било, ние цврсто стоиме покрај Украина, финансиски, економски, воено и најмногу морално, додека вашата земја конечно не се ослободи, нагласи Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Мелони и на Канада, Трудо и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што пренесуваат медиумите на македонски јазик, подвлечена е единственоста во напорите на ЕУ и на другите земји од демократскиот свет за помош на Украина „онолку колку што е потребно“ до конечното ослободување на земјата. Меѓутоа, поприлично разногласие постои околу прашањето кога тоа ќе биде постигнато, по која цена и како? Па така, дел од коментарите во медиумите се дека во 2024 година не треба да се очекува мир, пред сè поради изборите во ЕУ и изборите во САД во ноември, а што се однесува до состојбата на фронтот, дел од медиумите го пренесуваат Зеленски дека најдоцна за еден месец треба да биде донесена одлуката во американскиот Конгрес за финансиската помош, за да може Украина да опстои во напорите да ѝ се спротивстави на Русија. Дел од медиумите веднаш по одбележаната двегодишнина пренесоа и изјави на украински официјални лица, како на министерот за одбрана Рустем Умеров дека половина од оружјето од Запад не се доставува навреме, а дел на украинскиот премиер Денис Шмигал дека очекува буџетска поддршка од САД од околу 12 милијарди долари за да го надмине земјата дефицитот од 37 милијарди долари настанат поради војната со Русија. Инаку, иако се генерално внимателни, медиумите на македонски јазик, пред сè онлајн медиумите сè уште пренесуваат вести од руски медиуми, како што е „Раша тудеј“, во кои се тврди дека Зеленски по средбата со Мелони во Киев, побарал од Италија да ги одземе визите за патување на оние граѓани кои се приврзаници на Владимир Путин, што е доста нелогична изјава.
Овие засилени повици за поекспедитивна помош резултираа и со изјава на францускиот претседател Емануел Макрон за можност некои земји од Европа да испратат и свои трупи во Украина, на што бурно реагираа повеќе европски премиери дека не планираат такво нешто. НАТО преку генералниот секретар Јенс Столтенберг соопшти дека Алијансата нема такви планови и Белата Куќа, исто така, демантираше дека некогаш ќе испрати трупи во Украина. Ова го искористи Москва за нов дезинфо наратив, најпрво преку портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, кој соопшти дека какво било испраќање на трупи ќе биде повод за војна на Русија со НАТО (дезинфо наратив за заплашување со нуклеарно оружје и трета светска војна). Ден подоцна, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова изјави дека ваквото негирање на изјавата на Макрон од страна на повеќе европски и светски лидери, едноставно значи дека Запад ја предал Украина (дезинфо наративот дека Запад ќе се бори во Украина до последниот Украинец или дека Украина е пион на Запад).
Дезинфо наративот за нуклеарна војна на крај го повтори и Владимир Путин во годишното обраќање до нацијата:
Тие се подготвуваат да ја нападнат нашата територија, користејќи ги своите најдобри и најделотворни сили. Но, се сеќаваме на судбината на оние кои се обидоа да извршат инвазија на нашата територија и, секако, нивната судбина ќе биде многу потрагична од сѐ со што би можеле ние да се соочиме. Тие не сфаќаат дека и ние имаме оружје, оружје со кое можеме да ги победиме на нивна територија…изјави Путин, пренесоа дел од медиумите на македонски јазик.
Навални стана легенда и маченик и покрај сите напори на Москва
Смртта на Алексеј Навални во рускиот строг затвор и покрај тоа што сè уште не е разјаснета (дури и украинските тајни служби тврдат дека е од залутан тромб), го претвори во маченик и мобилизираше многу руски граѓани дополнително и покрај сите напори на Москва во спротивното, а истовремено послужи како повод за нов бран руски напади на сите забелешки од демократскиот свет кои инсистираа на одговорност.
Навални почина на 16.02. а руски официјални личности веднаш почнаа да тврдат дека Запад и неговото семејство ќе ја искористат неговата смрт да ја обвинат Москва и дека Запад веќе донел заклучок. Дел од медиумите на македонски јазик уште веднаш почнаа да ги нотираат разликите во толкувањето на причините за смртта.
Во следните два дена повеќе илјадници граѓани протестираа на различни начини во 20-тина градови во Русија, а руските власти уапсиле најмалку 400 лица. Подоцна се дозна дека пред да ги ослободат од притвор или во текот на ослободувањето пред да излезат надвор од полициската зграда, руските власти им врачувале покани за регрутација во руската армија.
Сопругата на Алексеј, Јулија Навални кратко време по смртта обвини дека нејзиниот сопруг повторно бил отруен со отровот Новичок, иако причината за смртта засега останува онаква за каква што тврдеа руските власти, кардиоваскуларен проблем. Таа соопшти дека ја презема улогата на нејзиниот покоен сопруг и дека ќе ја предводи руската опозиција против Путин. Потоа направи серија разговори со ЕУ и со американскиот претседател Џо Бајден, по што ЕУ и САД воведоа нови санкции против Русија.
Телото на Навални, кое руските власти го чуваа 9 дена и не го предаваа на мајката која тврдеше дека ја уценувале околу начинот на кој треба да биде извршен погребот, беше предадено на семејството на 25.02., но погребот се одолговлекува бидејќи семејството има проблем да најде погребална компанија. Закажан е за за в петок, 01.03., но нема потврда дали ќе се одржи и церемонија. Во меѓувреме, протекоа доста шпекулации и околу начинот на смртта (се споменуваше и директно убиство со удар во срце), но и околу судбината на Навални. Директно потсмевање на сите сомнежи и провокација од високо ниво беше унапредувањето на еден од високите раководители на затворската служба, лично од претседателот Путин. Неколку дена подоцна унапреден беше и главниот истражител во судскиот случај со Навални.
Но, меѓу теориите кои ја разјаснуваат позадината на смртта на Навални, најинтересна е приказната што ја објави германскиот весник Билд, кој тврдеше дека Навални требало да биде разменет за руски разузнавач кој отслужува казна во Германија, а во преговорите бил вклучен и Вашингтон.
Како што дознава „Билд“, во замена за политичарот, рускиот претседател Владимир Путин сакал да го добие Русинот Вадим Красиков, кој е во германски затвор осуден за убиството на поранешниот чеченски командант на теренот Зелимхан Кангошвили во Берлин, пишуваат медиуми на македонски јазик. „Билд“ претходно објави дека неодамнешното апсење на германски државјанин на аеродромот „Пулково“ во Санкт Петерсбург може да се поврзе и со намерата на руските власти да го разменат за Красиков.
Овие тврдења се повторија после две недели во видеото на YouTube објавено на крајот од февруари со наслов „Зошто Путин го уби Навални сега? Близок соработник на опозициската политичарка Марија Певчик рече дека по неколкумесечно лобирање за размена на затвореници со Навални, „нашиот план беше одобрен“ – пренесуваат дел од македонските медиуми, повикувајќи се на Politico, а подоцна оваа информација ја потврдија и други западни медиуми.
Такер Карлсон – мегафонот на Путин
Најголем квантум на руски наративи и дезинформации беа пренеси во Северна Македонија преку медиумите на македонски јазик на почетокот на февруари, преку вестите за интервјуто на американскиот новинар Такер Карлсон со рускиот претседател Владимир Путин. Ова интервју беше објавено на 08.02. на мрежата X, поранешен Твитер и само 14 часа по објавата бројот на оние што го виделе изнесувал 100 милиони корисници, додека бројот на прегледи на Јутјуб каналот на Карлсон изнесувал 5 милиони лица, пишуваат дел од медиумите на македонски јазик.
Интервјуто на Путин со Такер Карлсон е главната вест, а деталниот преглед покажува дека низ целото интервју се пласираат традиционалните руски дезинформациски наративи. Почнувајќи од историјата, дека Украинците и Русите се еден народ, но дека насила биле раздвоени, дека и денес така се чувствуваат, а дека ова што сега се случува се „елементи од граѓанска војна“.
Путин потоа се фокусираше на почетокот на војната, тврдејќи дека не ја започнале Русите туку Украинците со државен удар кога не ги признале резултатите од претседателските избори.
Ние не ја почнавме оваа војна во 2022. Ова е обид таа да се сопре, кажа рускиот претседател.
Западот мисли дека борбените дејства во Украина засекогаш одвоила еден дел на рускиот народ од другиот, но до повторно обединување ќе дојде, вели Путин.
На обвинувањата дека ги крши меѓународните конвенции и право, Путин возвраќа со бомбардирањето на Југославија во 1999 година, пренесуваат дел од медиумите.
Штом почнаа случувањата во Југославија, Борис Јелцин го крена гласот во знак на поддршка на Србите. Не можевме да не застанеме во одбрана на Србите бидејќи ни се особено близок народ, со православна култура. Тоа е народ кој пател со генерации, кажа Путин, а во врска со НАТО бомбардирањето додаде:
Со тоа САД ја отворија Пандорината кутија. Што ни беше кажано кога Русија протестираше и го изрази своето негодување? Дека Повелбата на ОН и меѓународното право се застарени. Сега се повикуваат на меѓународното право, а тогаш зборуваа дека сè е застарено.
Карлсон го праша Путин и дали НАТО е загрижен дека ова ќе стане глобална војна или нуклеарен конфликт
Барем за тоа зборуваат и се обидуваат да го заплашат сопственото население со замислена руска закана. Оние кои се реални знаат дека сево ова е лага. Но тие се обидуваат да ја предизвикаат руската закана – рече Путин, пренесуваат дел од медиумите на македонски јазик.
Карлсон го отвори и прашањето дали заканата за која зборува е руска инвазија на Полска и Летонија и дали може да замисли сценарио каде ќе испрати руски војници во Полска?
Само во еден случај, ако Полска ја нападне Русија. Зошто? Затоа што немаме интерес за Полска, Латвија или каде било на друго место. Зошто би го направиле тоа? Едноставно немаме интерес. Тоа е само поттикнување закани – одговори Путин.
Против здравиот разум е да се вклучиш во некаква глобална војна и глобалната војна ќе го доведе целото човештво на работ на уништување. Средства за одвраќање секако постојат – рече Путин.;
Од другите дезинфо наративи, Путин повторно се осврна на денацификацијата на Украина додавајќи дека Русија се уште не ги постигнала своите цели на „специјалната воена интервенција“.
Реакции на интервјуто
Дел од медиумите пренесуваат реакција на Хилари Клинтон која го квалификува новинарот Карлсон како„корисен идиот“. Клинтон, сугерираше дека Карлсон е за потсмев во руските медиуми.
Ако навистина ги читате преводите на она што се зборува во руските медиуми, тие го исмејуваат, тој е како кученце, рече Клинтон. „Не би била изненадена ако добие договор за соработка со некој руски весник, бидејќи е корисен идиот“, додава таа.
Коментарот на „Ролинг Стоун“ беше дека Путин со Карлсон го избришал подот во Кремљ, пренесуваат медиуми на македонски јазик. А имаше и такви медиуми, кои коментираа пропутиновски во целост:
А Путин го видовте, нема потреба многу да драпаме околу него. Само ова: во споредба со својот акутелен американски колега, човекот е Ноам Чомски, Бизмарк и Мајкл Џордан.
Ходорковски ги разобличи лагите на Путин
Некој ден подоцна рускиот олигарх Михаил Ходорковски ги соопшти 12 – те лаги искажани од Путин во интервјуто со Карлсон, при што во неколку од овие разбиени лаги се кријат и повеќе познати руски наративи за Украина.
На пример, оној за проширувањето на НАТО, за што Ходорковски вели, „таков договор никогаш немало. Така кажа дури и Горбачов, а во секој случај земјите влегуваат во НАТО по своја волја. Ако Путин не сакаше НАТО да расте, не требаше да им објави војна на соседите“. Или пак, за тоа дека никогаш не рекол дека НАТО се подготвува за напад врз Русија. „Тој (Путин) го кажа ова три дена пред инвазијата на Украина, за која рече дека ќе биде „упориште“ за напад на НАТО“.
Путин не го познава украинскиот идентитет
Исто така Ходорковски преку лагата на Путин за чувствата на Украинците како Руси, го разбива и овој руски дезинфо наратив, кој е доста стар и често повторуван.
Путин фундаментално погрешно го разбрал украинскиот национален идентитет и лажно верувал дека Украинците се гледаат себеси како Руси, клучна грешка што доведе до катастрофална инвазија. Анкетата од 2022 година покажа дека 93 отсто од Украинците ја поддржуваат независноста, а само три отсто поддржуваат спојување со Русија, вели Ходорковски.
Ходорковски го разби и наративот за Зеленски како неонацист, преку разбивање на лага на Путин дека татко му на Зеленски соработувал со нацистите и нивните приврзаници во Украина.
Таткото на Володимир Зеленски е роден во 1947 година, по крајот на Втората светска војна – вели Ходорковски (тука може да се прочита оригиналот и целиот текст).
Медиумите, после оваа вест што стана вирална го пренесоа руски ТАСС, кој ја пренесува реакцијата на Дмитриј Медведев на Телеграм, кој оцени дека „лекот дејствувал“, мислејќи на интервјуто. Како што пренесуваат дел од медиумите на македонски јазик, Медведев, еден од најголемите пропагатори на руските дезинформациски наративи, посочи дека не е практика шефовите на држави да коментираат на тема интервјуа на своите колеги од други земји, пренесува ТАСС.
Но, во овој случај, еве. Двајца од најголемите политичари на нашето време, чудниот Британец Сунак и чистокрвниот Шваба Шолц, почнаа да изразуваат несогласувања со содржината на интервјуто на рускиот претседател со Такер Карлсон. Не им се допаѓа, не ги сакаат аргументите и, генерално, ништо не им се допаѓа,напиша Медведев на „Телеграм“, заклучувајќи дека тоа покажува оти „лекот удрил токму онаму каде што треба“.
Околу ова интервју имаше и дезинфо на Фејсбук, а во една објава што ја разобличи Вистиномер се тврдеше дека само Гардијан го објавил интервјуто, а другите медиуми посебно во САД го премолчале. Од другите руски дезинформации што ги детектираше Вистиномер се редовните за наводното богатство на Зеленски (овојпат дека имал две јахти), потоа дека Европа е во војна со Русија поради што македонските граѓани требало да се подготват за мобилизација и други.