Ковачевски: На протестите вечерва се планира нешто што не доликува на земја-членка на НАТО

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека на денешните протести се планира нешто што не доликува на земја-членка на НАТО, посочувајќи дека ваквите информации ги добил од Министерството за внатрешни работи (МВР). Тој рече дека на синоќешните протести имало четворица повредени полицајци и напомена дека никому не треба да му бидат криви полицајците и владината зграда, поради тоа што европскиот предлог за почетокот на преговорите е доставен на широк консултативен дијалог.

Ковачевски денеска предупреди дека она што се случува пред владиното седиште е организирано од партии кои јасно застанале против членството на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ.

Тој потсети дека секој може да протестира во државата, но протести на маскирани лица кои носат качулки и фрлаат врз полицијата е случај којшто сме го имале претходно само еднаш – на 27 април 2017 година во Собранието.

„Секој може да протестира за секое прашање. Но целта, да се носат качулки, да се оди маскиран, е недозволиво за државата која го помина 27 април. Тоа не смее да се повтори“, изјави премиерот Ковачевски.

Потсети и дека доставениот предлог за почеток на преговорите е на сите 27 земји-членки на ЕУ, а секој од нас во оваа земја е претставен преку пратениците во Собранието на РСМ, каде што и ќе се донесе одлуката дали ќе се прифати или одбие европскиот предлог.