Мишел: Македонци, имате историска шанса да кажете ДА, ДА за ЕУ и ДА за нашите деца (видео)

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, фото: Влада на РСМ

„Дозволетеми искрено да ви кажам како пријател дека оваа можност е премногу важна за да се пропушти. Никогаш не сме биле толку блиску. Македонци имате историска можност да кажете „да“, „да“ за почетокот на преговорите, „да“ за ЕУ, „да“ за нашите деца. Вашата земја има можност повторно да стане првак во проширувањето, тоа ќе внесе нова динамика, овие реформи ќе ве приближат во ЕУ, поголем просперитет, стабилност како и отпорност на вашиот народ“. Со овие зборови претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го заврши своето обраќање на заедничката прес-конференција по состанокот со премиерот Димитар Ковачевски.

Мишел, пред да одговара на прашањата на новинарите додаде:

Почитуван Димитар, почитувани Македонци, само заедно можеме да се соочиме со огромните предизвици, само заедно може да живееме во просперитет и во безбедност и само заедно може да ги надминеме најголемите пречки. Цврсто сум убеден дека тоа може да го направиме сега.

Мишел во своето обраќање потврди дека целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик, но и додаде дека добрососедските односи се неопходен услов за влегување во ЕУ, како што е за сите партнери од Западен Балкан.

„Македонскиот јазик е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Законодавството на ЕУ целосно ќе биде преведено на македонски јазик. Исто така, свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет. И може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Европскиот совет дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права“, рече Мишел.

Што се однесува до почитување на малцинствата, тој посочи дека тоа е зацртано во договорот за ЕУ, а во земјава има одличен напредок по ова прашање. Според него, земјава е пример како мултиетничките држави може да напредуваат.

„Ако го промените Уставот тоа ќе се гледа како посветеност и придржување до овие повисоки стандарди и автоматски без натамошни одлуки тоа ќе ја отвори меѓувладината конференција и автоматски ќе ги започнеме преговорите. Одлуката за ова е кај вас. Тоа е ваш суверен избор. Знам колку е посветена вашата земја, колку вашиот народ е посветен на слободниот свет, на демократските вредности и начела“, рече Мишел.

Претседателот на Еворпскиот совет, Шарл Мишел и премиерот Димитар Ковачевски, фото: Влада на РСМ

Премиерот Ковачевски посочи дека откако ќе заврши широкиот консултативен процес за европскиот предлог за почетокот на преговорите со ЕУ и откога ќе биде презентиран билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, македонската влада ќе го испрати предлогот до Собранието на РСМ. Тој додаде дека на денешната владина седница европскиот предлог не бил предмет на разгледување и усвојување.

„Во Собранието се застапени претставници на сите партии, тие ќе имаат состаноци на кои ќе учествуваат и ќе треба да расправаат по однос на заклучоците во врска со европскиот предлог што го имаме добиено од ЕУ“, изјави премиерот Ковачевски.

Според него, Собранието ќе одлучи дали ќе донесеме одлука за почеток на преговори со ЕУ и откога ќе ја донесат ваквата одлука, треба да ја достават до владата за да ја спроведе и операционализира одлуката.

Ковачевски во однос на предлогот за почеток на преговорите потсети дека покрај со претставници на партиите од владината коалиција, изминативе денови имал средба и со Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Биљал Касами како дел од широкиот консултативен процес во однос на европскиот предлог.

Премиерот повтори дека доставениот предлог не е само на Франција, туку тоа е официјален предлог на 27 земји-членки на ЕУ за отпочнување на преговорите за членството на Северна Македонија.

Ковачевски додаде дека во доставениот европски предлог се вклучени нашите забелешки и јасно изразени ставови. Тој посочи дека предлогот е јавно објавен, а најави дека ќе биде објавен и билатералниот протокол со Бугарија.

„Пред нас имаме поволен предлог, од нас зависи одлуката за иднината на државата. Граѓаните заслужуваат да живеат во европското семејство“, рече премиерот Ковачевски.

Тој исто така, посочи дека во европскиот предлог јасно и недвосмислено е прифаќањето на македонскиот јазик, кој е еднаков со другите јазици на ЕУ без фусноти или дообјаснувања. Ковачевски тврди дека сите други шпекулации што се шират се лажни и невистинити.

Ковачевски посочи и дека билатералните историски прашања ќе бидат надвор од преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ. Овие прашања ќе треба да бидат затворени надвор од преговарачката рамка, а ќе бидат преговарани додека не се прифатливи од двете страни.

Тој истакна дека должност на Северна Македонија е да го почитува Договорот за добрососедство со Бугарија, на идентичен начин како што тоа го прави нашата земја со Преспанскиот договор.

Ковачевски додава дека билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија не е дел од европскиот предлог и дека тоа се два различни документи кои не се поврзани еден со друг.

Инаку, денеска и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РСМ, Никола Мицевски рече дека е планирано да се формираат работни групи помеѓу политичките партии коишто ќе работат на предлог-забелешки коишто се проблематични во европскиот предлог.

„Персоналниот состав на овие работни групи дополнително во текот на денот ќе биде одобрен и ваквиот процес доаѓа по повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, за да се разговара за измени коишто предлогот ќе го подобрат и ќе се вметнат одредени забелешки кои што се на штета на државата и националните интереси“, вели Мицевски и додава дека предлогот е во тие работни групи да бидат по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии.