Јавното претпријатие за државни патишта во вториот квартал од годинава регистрирало намалување на вкупниот остварен промет од патарини за 40,7 отсто, како и намалување од дури 51,75 отсто на бројот на наплатени возила во споредба периодот април-јуни 2019 година. Од ова претпријатие велат дека негативниот исход се должи на корона кризата, која доведе до вонредна ситуација во земјава, затворени граници, полициски часови, а со тоа и намален сообраќај на патиштата, особено во делот на транзитот на туристи низ земјава.
Во вториот квартал од наплата на патарина остварен бил вкупен промет од 6.118.936 евра, при што овој надоместок бил наплатен од 5.040.905 возила од сите категории. Најголем дел од приходите се остварени во текот на јуни 2020, кога патарина е наплатена од 2.175.691 возило. Од ЈП за државни патишта за „Мета.мк“ велат дека состојбата со остварениот промет се подобрува со разлабавувањето на рестриктивните мерки и делумното отворање на границите.
– Во поглед на предвидувањата за летната сезона која вообичаено во овој период ќе беше во полн ек, многу зависи од состојбата со ковид-19, бидејќи таа ги диктира и мерките кои се менуваат често, односно дали нашите соседи ќе бараат посебни протоколи за движење, ова посебно се однесува на Грција, која доколку ги остави границите затворени, во голема мерка ќе влијае и на бројот на возила кои би транзитирале, а со тоа директно ќе влијае и на зголемувањето (или намалување) на остварениот приход од наплата на патарина – посочуваат од ЈП за државни патишта.
Единствена светла точка во последиците од пандемијата со ковид-19 е електронската наплата на патарина. Во вториот квартал биле продадени 1.787 електронски уреди, односно возачите набавиле 1.187 МСмарт картички и 600 МТаг уреди електронско плаќање на патарина. Од електронската наплата на патарина во периодот април-јуни 2020 година е остварен промет од 592.781 евра од продажба на електронските уреди и од нивното надополнување.
Од започнувањето на електронската наплата на патарина во јули минатата година, а заклучно со 30 јуни 2020 година, продадени биле вкупно 17.940 електронски уреди, при што од самата продажба и надополнувањето на уредите од возачите се остварени приходи од над 1,6 милиони евра.