Останаа уште 10 дена за пријавување на обуките за визуелни ефекти, анимација и моделирање

Њуменс Бизнис Акцелераторот и тренинг центарот VFX Nest, во соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата за филмски визуелни ефекти и 3D моделирање и анимација – Fx3x, го најавуваат стартот на две високо специјализирани обуки кои имаат за цел да оформат високо платени и лесно вработливи кариерни профили во областа на филмската и ТВ индустрија и визуелните уметности.

„Со обуката за визуелни ефекти за филм учесниците ќе стекнат знаења и вештини за градење кариера како артист за визуелни ефекти и работат на интегрирање на дигитални елементи во претходно снимени материјали за филм или телевизија, а со Обуката за 3D моделирање и анимација ќе можат да започнат кариера како CG Артист и да работат на компјутерски генерирани анимации и симулации, како и AR/VR/Game проекти. За време на обуките ќе учат од експерти со над 15 години искуство во индустријата со учество во преку 100 холивудски наслови и ќе работат на практични примери. Артистите во Fx3x, од каде доаѓаат и најголемиот дел од менторите, досега имаа можност да работат на филмовите: Terminator, Avengers, James Bond, Fast and Furious, Transformers, X-Men, Mission Impossible, Spiderman, Hunger Games, Alien, Jason Bourne, Star Wars, Star Trek, на суперхероите од Marvel и DC Universe и многу други,“ се вели во соопштението.

Заинтересираните кандидати кои ќе бидат одбрани, за учество ќе треба да обезбедат само дел од вкупната сума за партиципација во износ од 450 долари, во што е вклучен и бесплатен кариерен тест, кариерно советување од страна на кариерни советници и Сертификат, а за најуспешните учесници и можност за вработување во Fx3x, како и работа на холивудски проекти.

„Програмата оваа година е збогатена и со изучување на нови софтвери и техники на работа според најновите потреби од индустријата и покриваат изучување, покрај на основите и изработката на елементи за композитинг, и на напредни техники на целосно интегрирање на елементите во сликата кај обуката за визуелни ефекти, а во 3D моделирање и анимација додаваме и техники за обработка на предмети Motion Capture, како и изучување и апликација на Game Engines: Unity / Unreal и основи на Virtual Reality / Augmented Reality, кои ќе им овозможат на учесниците висока конкуретност и на поширокиот пазар на труд како во примарната, така и во сродните дејности,“ се додава во соопштението.

Кариерни профили со вакви знаења и вештини освен во дигиталните и продукциските студија, потребни се и на пазарот за дигитални видео игри, како и во маркетинг агенции, компании кои работат развој на продукти, а и во архитектонската и градежната индустрија.

Двете обуки ќе се реализираат паралелно во времетраење од 420 часа во период од 5 месеци, со почеток на 17 август 2020 година. Повеќе инфо за темите и предметите може да погледнете на https://www.facebook.com/events/720011865491790/

Аплицирањето е во тек и ќе трае до пополнување на групите, а најдоцна до 31 јули. Претходното искуство во областа е предност, но не е неопходно.