fbpx

Контраспин: Ковачевски не може да знае дали ќе влеземе во ЕУ до 2030 г., па уште и први од Балканот

Сè на сè, никој, а не, пак, Ковачевски (или Маричиќ), не може да каже дали С. Македонија ќе биде земја членка на ЕУ во 2030 година и тоа прва од Западен Балкан

-

Недостасуваат повеќе елементи во равенката членство во ЕУ до 2030 година за да може некој да тврди дека ќе влеземе во ЕУ во 2030 година и тоа први на Балканот, само ако го смениме Уставот. Освен тоа, нема докази дека во моментов сме најдобри на Западен Балкан во однос на евроинтегративните процеси, без оглед што некои наши соседи во регионот поминуваат низ период на стагнација, пишува „Вистиномер“ во својот Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во телевизиско интервју даде изјава во која може да се препознаат елементи на спин:

Спин: Не се согласувам нашата држава и нашите граѓани, нивната држава, да остане во друштво со Косово и Босна и Херцеговинa во евроинтеграциите, бидејќи во моментов, ние сме пред сите држави во регионот.  И јас сум убеден доколку ги донесеме одлуките во Собранието, дека во 2030 година Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која што ќе стане членка на ЕУ

[Извор: Канал 5 ТВ – Ковачевски/интервју (5.40 мин.), датум: 31.08.2023]

 

Контраспин: Иако премиерот Димитар Ковачевски беше доволно внимателен да стави ограда дека станува збор за негово убедување, медиумите/јавноста, па дури и неговата партија СДСМ во соопштението за јавност изјавата за С. Македонија како членка во ЕУ во 2030, прва од Западен Балкан ја пласираа како факт што ќе се случи, доколку Собранието ги донесе уставните измени.

Станува збор за изјава која во себе содржи доза на спинување од две причини. Прво е кажана во контекст дека „во моментов сме најдобри во регионот“ во евроинтеграцискиот процес, што не може да се потврди со елементарни факти. Барем додека не го добиеме новиот извештај на ЕК за земјите од Западен Балкан.

Имено, Црна Гора, кај која интеграцискот процес беше во застој поради политичката криза со изборите и поради неизборот на членови на Уставниот суд, на Судскиот совет и на Врховниот суд, до ниво на нивна функционалност, веќе има затворено три поранешни поглавја (Наука и Истражувања, Образование и Kултура и Надворешна политика), кои сега се сметаат за привремено затворени поради новата методологија на преговарање по кластери.

Србија на пример, која во преговарачкиот процес го има товарот на односите со Косово (како и С. Македонија уставните измени со бугарското малцинство), по застојот во 2021 и 2022 година очекува попозитивни оценки во новиот извештај, ако ништо друго, затоа што го смениле Уставот и усвоиле сет законски измени поврзани со правосудството и владеењето на правото (напредок во поглавјето 23 и 24). Следејќи ги тамошните состојби, секако во предност се во состојби како што е здравството или процесот на дигитализација кој се преплетува со повеќе поглавја, но апсолутно се поназад од С. Македонија во поглед на реформи во медиумите, на пример.

 

Многу непознати елементи

Така што, иако Подгорица и Белград беа во застој, не може да се тврди дека С. Македонија најдобро стои во моментов во европските интегративните процеси од сите други на Западен Балкан.

Второ, нема доволно познати елементи во равенката за членството во ЕУ врз кои може да се тврди дека тоа ќе се случи во 2030 година, особено не први од Западен Балкан.

На пример, непознат елемент е како ќе се реши дисонантноста во односите во самата Европска Унија околу проширувањето и потребата за реформа на ЕУ претходно (изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, сè уште нејасниот став на Германија во однос на предлозите на Макрон, ставот на Австрија, итн – за што зборува Симонида Кацарска од ЕПИ). А, тоа јасно се гледа и во дисонантноста меѓу Европска комисија и Европскиот совет, ако се имаат предвид изјавите на Шарл Мишел од пред два дена и реакциите од ЕК.

Недостасува и елементот европски избори во 2024, избори по што ќе следат новите луѓе во Европската комисија и во Европскиот совет и кои, ако ништо друго, временски „ќе ја проголтаат“ 2024 година, па до 2030 г. ќе останат уште само пет години за да се спроведуваат новите европски политики.

Во равенката членство во ЕУ до 2030 година недостасува и 2024 г. во С. Македонија, каде што секако ќе има барем едни, а најверојатно двојни избори, претседателски и парламентарни. И ако дојде од промена на власта, непознат елемент е како новата власт ќе се однесува кон европските реформи, т.е. исполнување на бараните реформи по области и кластери, со која брзина, во која насока и со каков континуитет.

А, познат елемент е дека временски ќе се загуби 2024 г. поради изборите и формирањето на власта и нејзиното воспоставување по хоризонтала и вертикала. Процес што знае да трае и приближно една година (до последниот директор или началник на сектор, одделение, итн). Така што, дури и да го прифатиме толкувањето на Ковачевски и Бојан Маричиќ, што тоа значела Европа со повеќе брзини, никој не може да биде сигурен дека С. Македонија ќе биде во состојба „да испорача“.

Конечно, непознат елемент е колку геостратегиските околности, кои битно влијаеа врз будењето на Европа за потребата од проширување, ќе останат исти. Кој гарантира дека со евентуално стивнување на конфликтот Запад-Русија, поради некакво замрзнување на војната во Украина предизвикана со руската агресија, нема да ја „подзамрзне“ и сегашната актуелност на ЕУ околу прашањето на проширувањето…

Сè на сè, никој, а не, пак, Ковачевски (или Маричиќ), не може да каже дали С. Македонија ќе биде земја членка на ЕУ во 2030 година и тоа прва од Западен Балкан. Оттука, изјавата на Ковачевски во дел од интервјуто за Канал 5 може да се смета за изјава во која може да се препознае спинување.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...