Народна банка донела среднорочен план за управување со ризиците поврзани со климатските промени

Ќе се дејствува главно во регулативата, со цел да се поставуваат конкретни цели кај директни учесници во банкарскиот сектор и пошироко во областа на финансиското работење

Народна банка. Фото: Архива на Мета.мк

Советот на Народната банка го усвоил првиот Среднорочен план за активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година.

Според соопштението, овој план поставува сеопфатна, систематична и конзистентна рамка за активностите поврзани со управувањето со ризиците од климатските промени.

„Климатските промени се важно прашање за централните банка поради ефектите на истите врз ценовната и на финансиската стабилност“, објаснува Народна банка.

Ќе се дејствува главно во регулативата, со цел да се поставуваат конкретни цели кај директни учесници во банкарскиот сектор и пошироко во областа на финансиското работење.

„Преку спроведување на новиот среднорочен план, активностите на Народната банка ќе бидат насочени кон унапредување на постојната регулативна рамка и кон донесување Насоки за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени од страна на банките. Народната банка ќе го зајакне и супервизорскиот пристап, со постепено активно вклучување на климатските ризици при оцената на ризичниот профил на банките. Имајќи го предвид значењето на отпорноста на финансискиот систем кон ризиците поврзани со климатски промени, централната банка предвидува подготовка на повеќе анализи на влијанието на овие ризици врз банкарскиот систем, како и спроведување стрес тестови“, стои во соопштението.

Советот го усвоил и Годишниот извештај за надзор на платните системи и дадените препораки за 2022 година. Установено е дека платните системи функционираат со висок степен на сигурност и оперативна расположливост, при што достапноста е на највисоко ниво.