Според информации пренесени од двајца високо ренгирани израелски функционери до американскиот медиум „Аксиос“, во преговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Израел ќе стои зад ставот дека нема да им дозволат на раселени Палестинци да се вратат во своите домови во северот на Газа сѐ додека не се постигне нов договор за размена на заложници и затвореници.
Блинкен е во Тел Авив со цел да преговара околу управувањето со Газа по крајот на војната и како да се заштитат што е можно повеќе цивили, известува Гардијан. Според Аксиос, една од неговите главни цели е токму враќањето на раселени Палестинци дома.
Според агенцијата на Обединетите нации одговорна за палестински бегалци, околу 85 отсто од населението во Газа било раселено. Има и многу граѓани кои биле раселени неколкупати, како последица на наредбите за евакуација на израелските сили.
Но, дури и да им било дозволено на граѓаните на Газа да се вратат во своите домови во северот на Газа, прашање е дали ќе имаат дом во којшто е можат да се вратат. Анализи на сателитски фотографии покажуваат дека околу две третини од зградите во Северна Газа се уништени или оштетени од бомбардирањето на израелските сили.
Дополнително, администрацијата на Бајден изразува загриженост околу изјавите на неколку израелски политичари кои зборувале за целосно иселување на Палестинците од Газа. Имено, министерот за финансии Безалел Смотрич изјави оти „доброволната миграција“ на Палестинците, велејќи дека би било многу подобро „кога во Газа би имало меѓу 100 и 200 илјади Арапи“. Крајнодесничарскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир изјави дека протерувањето на Палестинци е единственото „хумано решение“ на кризата.
Според „Аксиос“, израелските преговарачи веруваат дека враќањето на Палестинците во северниот дел на Газа е значајна предност од која Израел не сака да се откаже додека се обидува да обезбеди нов договор за заложниците заробени од Хамас.