Водителка на Си-ен-ен за време на вестите откри дека ѝ е дијагностициран рак на дојка

51-годишната презентерка својата дијагноза ја соопшти во емотивна исповед во информативното издание „CNN News Central“. На гледачите им кажа дека веќе втор месец прима хемотерапија и дека ќе биде подложена на зрачење и двојна мастектомија

фото: исечок од видео на Си-ен-ен / Јутјуб

Водителката на Си-ен-ен, Сара Сиднер, вчера соопшти дека во моментов е на третман за рак на дојка во трет стадиум.

51-годишната презентерка својата дијагноза ја соопшти во емотивна исповед во информативното издание „CNN News Central“. На гледачите им кажа дека веќе втор месец прима хемотерапија и дека ќе биде подложена на зрачење и двојна мастектомија.

„Никогаш не сум била болна ниту еден ден од мојот живот. Не пушам. Ретко пијам. Ракот на дојка не се појавил во моето семејство. А сепак, еве сум со трет стадиум рак на дојка. Тешко е да се каже ова гласно“, рече Сиднер во информативното издание на Си-ен-ен.

Таа оптимистички кажа дека ракот на дојка во трет стадиум „за повеќето жени веќе не е смртна казна“.

Презентерката била во Израел во октомври и известувала за војната меѓу Израел и Газа кога докторите и кажале дека ќе ѝ треба биопсија по нејзиното враќање во САД, откако резултатите од мамографот предизвикале загриженост, објави магазинот „People“ во ексклузивно интервју со водителката.

„Гледајќи какви страдања се случуваат каде што бев и гледајќи како луѓето го преживуваат најлошото нешто што им се случило, со благодат и љубезност, бев воодушевена од нивната издржливост. На некој чуден начин, тоа ми помогна со мојата перспектива за тоа со кое се соочив“, рече таа.

Сиднер во своето излагање ги потсети жените редовно да се тестираат.

„Му се заблагодарив на ракот што ме избра мене. Учам дека, без разлика низ каков пекол минуваме низ животот, сè уште сум лудо вљубена во овој живот и, самото тоа што сум жива, сега е навистина поинаку за мене“, вели Сиднер.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)