Инвестициите во заштита на животната средина растат, но малку се вложува во заштита на почвата и шумите [инфографик]

Во државата лани се зголемиле инвестициите во заштита на животната средина, но издвоените средства се далеку од рекордните нивоа што биле постигнати во текот на 2018 година. Најголеми се трошоците за постапување со отпад, но затоа пак најмалку се инвестирало во заштита на почвата и шумите во 2021 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Вкупните трошоци за заштита на животната средина во 2021 година изнесувале над 117,5 милиони евра или истите се зголемени за над 20 милиони евра во споредба со 2020 година. Од овие средства, 67,88 отсто биле инвестиции во зачувување на животната средина, односно вкупните вложувања се искачиле на над 76,9 милиони евра. Учеството на трошоците за одржување во вкупната сума за заштита на животната средина изнесува 32,12 отсто.

Притоа, државата, општините, компаниите и другите субјекти најмногу средства лани издвоиле за постапување со отпадот во земјава, каде што инвестициите за справување со овој еколошки проблем изнесувале над 24,7 милиони евра. За управување со отпадните води лани биле вложени средства од околу 23,6 милиони евра. За изведба на нови и обнова на постојните водоснабдителни системи во 2021 година биле издвоени речиси 17 милиони евра, без вклучените трошоци за одржување на водоводните системи.

Иако е сериозен проблем со којшто се соочуваат граѓаните во повеќето општини низ земјава, статистичките податоци покажуваат дека вложувањата во заштитата на воздухот се многу помали. Инвестициите за заштита на воздухот изнесувале 12,9 милиони евра во 2021 година.

Статистичкиот извештај за минатата година на ДЗС покажува дека минорни средства се издвоиле за заштита на почвата, површинските и подземните води, иако Македонија има многу жешки еколошки точки во земјава (арсенот во Лојане и Табановце, линданот во ОХИС, шестовалентниот хром во Јегуновце) кои остануваат нерешено прашање со децении наназад. За оваа намена во 2021 година биле издвоени инвестиции од само 633.000 евра во целата земја.

Фрапантни се статистичките податоци дека лани биле инвестирани само 7.256 евра во заштита на македонските шуми, иако земјава во текот на летото 2021 година беше соочена со најголемите шумски пожари што ја зафатија во изминатава деценија. Притоа, бројките покажуваат дека ваквите инвестиции се помали и од заштита на бучавата, за што лани биле издвоени околу 40.000 евра.

Лани пожарите ги покосија македонските шуми, но и за дрвокрадците имало повеќе работа [инфографик]

Анализирајќи ги објавените податоци, може да се забележи дека минорни средства биле издвоени и за активностите за истражување и развој за заштита на животната средина, за што минатата година биле издвоени скромни 4.690 евра.

Лани за образовни, воспитни и други активности кои ќе водат кон заштита на животната средина биле вложени само 19.545 евра.

Информациите за 2021 година говорат и дека во инвестиции на опрема за мониторинг и контрола, анализа за заштита на животната средина биле вложени околу 520.000 евра, додека за административни активности во однос на раководењето со проектите за зачувување на животната средина биле издвоени над 477.000 евра. За оценување на влијанието на животната средина и оценување на конзистентноста биле издвоени околу 53.000 евра во текот на минатата година.

Статистичкиот извештај на Државниот завод за статистика покажува и дека најголемиот дел од инвестираните средства во заштита на животната средина доаѓа токму од стопанството, кое е задолжено со актуелните закони да имплементираат филтри на оџаците, пречистување на индустриските води или за одлагање на отпадот од нивното работење.

Од вкупните трошоци за заштита на животната средина, најмногу трошоци се направени во индустријата и специјализираните производители – над 64,9 милиони евра, односно 55,29 отсто. Притоа, од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и специјализираните производители, 45,8 отсто биле наменети за инвестиции, а 54,2 отсто биле за одржување.

Инаку, во поглед на заштитата на животната средина, Мета.мк подолг период наназад пишува за неопходноста од издвојување на многу поголеми средства за справување со клучните еколошки проблеми со коишто се соочува земјава во моментов. Само за справување со контаминираните “жешки” еколошки точки, во 2005 година биле направени пресметки дека ремедијацијата на сите подрачја во земјава ќе чини приближно 77 милиони евра. Сепак, проектите за ремедијација или не се започнати воопшто или се одвиваат со забавено темпо, па така само чистењето на линданот во ОХИС од денешна перспектива е проценето дека решавањето на овој проблем ќе чини околу 50 милиони евра, односно значително е поскапо од претходно планираното.

Чистењето на жешките еколошки точки чини десетици милиони евра, мора да се најде економски одржлив модел