За една година ќе се исчисти малата депонија со линдан во ОХИС, другите ќе почекаат

Фото: Мета.мк

За една година треба да биде исчистена малата депонија со линдан во ОХИС. Денеска и официјално започнаа активностите во кои ќе се дислоцираат околу 7.000 тони од опасната хемикалија и контаминирана земја, што повеќе децении стојат во дворот на некогашниот хемиски капацитет. Тие ќе бидат спакувани во специјализирани буриња и веднаш ќе се транспортираат на безбедно уништување во Франција и Холандија.

Избраната компанија „Полиеко“ од Грција до септември ќе треба да ги заврши подготвителните работи и да започне со ископувањето. Самата локација ќе биде покриена со шатор обезбеден со филтри, со што ќе се оневозможи било какво загадување на воздухот или почвата додека трае чистењето.

Фото: Мета.мк

Министерот за животна средина Насер Нуредини информира дека во јули идната година малата депонија ќе биде чиста. Што се однесува до големата, што се наоѓа веднаш до неа и има околу 52.000 тони, дополнително ќе се бараат средства. Сепак, смета тој, тоа што ќе ја имаме експертизата и знаењето, по искуството со малата депонија, ќе го олесни процесот линданот целосно да замине од ОХИС.

„Со овој проект ја потврдивме нашата решеност да ги елиминираме жешките точки во земјава. Во изминатиот период беа безбедно отстранети и уништени огромни количини на екстремно опасни хемикалии што со децении беа складирани во кругот на ОХИС, а денес присуствуваме на почетокот на чистење и на линданот, како историски проблем на чие што решавање посветивме многу внимание и енергија“, изјави министерот Нуредини. Тој информира дека за целото времетраење на чистењето на малата депонија лабараторијата на Институтот за хемија на ПМФ континуирано ќе го следи квалитетот на воздухот и почвата во околината и ќе ја информира јавноста.

Малата депонија на линдан во ОХИС; Фото: Мета.мк

Од грчката компанија „Полиеко“ велат дека проектот ќе биде реализиран со најновите достапни технологии и во согласност со светските стандарди за третман на ваков вид отпад. Шаторот со кој што ќе се загради локацијата, во моментов се подготвува во Италија и ќе биде монтиран до септември. Тој ќе биде обезбеден со посебни единици за филтрација, а работниците ќе имаат и посебна респираторна заштита.

„Сите активности ќе се одвиваат во затворен простор за да се заштити околината и жителите на околните населби. Линданот и контаминираната почва нема да бидат на никој начин третирани тука, туку само спакувани и транспортирани. Очекуваме откако ќе се тргне првиот слој од нафрлена земја да ископаме уште 1,7 метри во длабина, каде што е закопан линданот во бетонски базен. По чистењето ќе се извади и бетонот и ќе се направи дополнително истражување дали хемикалијата пенетрирала и подлабоко во почвата. Тогаш ископувањето ќе продолжи сè додека има потреба“, велат од „Полиеко“ и нагласуваат дека сè додека траат работите на терен тие ќе имаат континуирано следење на состојбата со животната средина.

За  чистењето на малата депонија Министерството воспостави соработка со две агенции на Обединетите Нации, УНИДО и УНОПС. Првично, за реализација на проектот Канцеларијата за РOPs во соработка со УНИДО обезбеди 3,1 милиони долари од ГЕФ. Дополнителните средства, потребни за завршување на чистењето на малата депонија, се обезбедени од повеќе-партнерскиот Фонд за животна средина, а се имплементираат од страна на УНОПС. Партнер во проектот е и Норвешка, која во изминатите три години обезбеди 1,5 милиони евра како поддршка на чистењето на депонијата во ОХИС. Се проценува дека целиот проект ќе чини околу 8 милиони евра.

Големата депонија во ОХИС; Фото: Мета.мк

Решавањето на проблемот со линданот во ОХИС, како една од најголемите закани за животната средина во главниот град е тема која „Мета.мк“ ја обработува повеќе години наназад. Како што веќе пишувавме, во ОХИС, покрај малата и големата, има и уште една, трета депонија, а благодарение на истражувањата на „Мета“, четврта депонија беше откриена и надвор од границите на фабриката во месноста Пеленица, близу Драчево.

Во овие депонии, можеме само да претпоставуваме колкави количини на линдан лежат. Експерти и тогаш, а и сега предупредуваат дека опасноста од токсичната хемикалија ќе го демне градот сè додека не се исчисти и последната количина на линдан од почвата и подземните води. Активностите за чистење на малата депонија започнаа во 2019 година, кога беше објавен тендерот за избор на компанијата. Иако беше најавено дека чистењето ќе започне во 2020 година, а ќе заврши до крајот на оваа година, пандемијата на ковид-19 го забавија процесот и ги изместија роковите.

„Мета.мк“ на почетокот од 2019 година објави и видео сторија за закопаните над 50.000 тони канцероген отров, кој повеќе од половина век го уништува здравјето на скопјани и ја загадува почвата, водата и воздухот.