Лани пожарите ги покосија македонските шуми, но и за дрвокрадците имало повеќе работа [инфографик]

Изгорени шуми, последиците од шумските пожари во земјава; Фото: Мета.мк

Македонските шуми минатата година претрпеле катастрофални штети, при што најновите податоци објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека уништувањето на шумите лани не било единствено од пожари, туку и од зголемената бесправна сеча на дрвја, како и од елементарни непогоди и штети врз шумите што ги предизвикуваат инсекти.

Како што веќе пишуваше Мета.мк во неколку наврати, во минатогодишните шумски пожари во Македонија настрадале шумски пространства со површина од 11.420 хектари. За период од само четири месеци, шумските пожари предизвикале материјална штета проценета на над 37,6 милиони евра. Ланскиот неславен биланс е најголема шумска површина зафатена од пожари во изминатата деценија. Поголеми пожари имало единствено во 2012 година, кога во шумски пожари изгореле 19.312 хектари со насадени дрвја и друга вегетација во земјава.

Сепак, податоците на ДЗС за 2021 година покажуваат дека бесправната сеча на дрвја се зголемила во споредба со претходната година. Лани дрвокрадците успеале да исечат 29.800 метри кубни дрва на нелегален начин, што е за над 10.000 метри кубни повеќе во однос на 2020 година.

Минатата година имало зголемено уништување на шумите и поради други причини во споредба со 2020 година. Па така, како последица на штети од инсектите, лани биле уништени 2.434 метри кубни дрвна маса. Дополнително, од елементарни непогоди настрадала дрвна маса во износ од 3.102 метри кубни.

Површината на шумското земјиште расте, обемот на пошумување опаѓа

Статистичките податоци покажуваат дека лани имало рекордна површина на шумско земјиште, како ниту една година претходно. Шумското земјиште се протегало на површина од 1.159.926 хектари, од кои шумите имале рекордна површина од 1.049.300 хектари, додека останатиот дел било друго шумско земјиште и неплодно земјиште. Во делот од шумите што се во државна сопственост, лани тие се простирале на 907.255 хектари, што е минимално опаѓање во однос на 2020 година. Најголем дел од шумското богатство е од листопадни насади.

И покрај големото уништување на шумските пространства поради пожарите, лани биле имало скромни резултати во делот на пошумувањето на нови површини. Во 2021 година биле пошумени само 338 хектари, што претставува намалување во однос на 2020 година, кога биле пошумени 569 хектари. Низ годините забележлив е падот на новопошумени површини.

Притоа, податоците на ДЗС покажуваат дека биле засадени 212.430 класични садници, 382.807 контејнерски садници, а биле употребени и 399 килограми семе при минатогодишното пошумување.

Наспроти ова, во 2021 година вкупната бруто дрвна маса која била исечена во земјава изнесувала 700.136 метри кубни дрво, наспроти 734.848 метри кубни колку што биле исечени во 2020 година. Најголемиот дел од исеченото дрво е од шумите во државна сопственост – 513.651 метри кубни, а лани доминирала и сечата на листопадните дрва со исечени 620.847 метри кубни.

Со ваквиот негативен биланс на уништени шуми во минатата година, допрва треба да се пресмета влијанието коешто го предизвило тоа врз климатските промени, односно колкави емисии на стакленички гасови биле предизвикани со минатогодишните шумски пожари. Во 2000 година, кога пожарите зафатиле големи пространства засадени со дрвја, емисиите на стакленички гасови се искачиле на рекордни 10.441,1 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти. 

Да потсетиме, токму секторот Шумарство е најмногу поврзан со влијанието на климатските промени. Кога има големи шумски пожари и други оштетувања на шумите, ваквите уништувања влијаат врз директното зголемување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата. Наспроти ова, директната заштита на шумите и оневозможувањето на шумските пожари, заедно со пошумувањето, значи поголем број на здрави дрвја кои ги апсорбираат стакленичките гасови во атмосферата и директно влијаат на намалувањето на ефектите од климатските промени кај нас, но и во светот.

На локално ниво, спречувањето на уништувањето на шумите доведува и до заштита од ерозија на земјиштето и материјални штети при временски непогоди, но и овозможува реализација на контролирана, планска сеча за сигурно снабдување со огревно дрво за домаќинствата во грејната сезона. Во Македонија, најголем дел од домаќинствата ги затоплуваат своите домови во зимските месеци со печки на огревно дрво.