Институциите да се разбудат: Да се спречат напади врз граѓани од кучиња, но и убиства на кучиња и фрлање отрови

Фото: Мета.мк

Убиствата на уличните кучиња во Струга кои се случија завчера и големиот број на каснувања ја прелеаа капката на трпението на граѓаните, кои со години очекуваат од надлежните институции да го решат проблемот со сè поголемиот број на улични кучиња низ државата. Активисти од повеќе здруженија за заштита на правата на животните, но и други граѓани и поединци кои помагаат за спас на уличните кучиња денеска пред владата се собраа на протест.

Тие заедно со своите вдомени миленици, а придружени и од уличните кучиња, кажаа дека се тука за да го изразат незадоволството од институциите, од кои со години наназад добиваат ветувања дека проблемот со кучињата по улиците ќе биде решен – но секојдневно десетици немили настани нè потсетуваат дека овој проблем не е никаков приоритет за државата.

„Имаме отрови по улиците и парковите, граѓани нападнати од кучиња, ѕверско изживување врз животни, како последниот настан во Струга кога над 20 кучиња беа немилосрдно убиени со пушка на различни локации“, рекоа активистите и прашаа дали луѓето кои слободно се шетаа со оружје во рака размислија дека куршумите можеа да погодат и луѓе.

„Дали се чувствувате безбедни во општините каде што живеете? Ние НЕ! Гледаме дека дел од граѓаните одговорноста за сето ова ја препишуваат на невладините организации. Но, ние не сме тие кои носиме и спроведуваме одлуки. Тука се институциите, платени со наши пари, кои треба да си ја вршат својата работа! Кај нас, таа институција се вика Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), која за жал со години не мрда со прст за оваа проблематика, па можеби затоа и граѓаните револтот го насочуваат кон здруженијата, бидејќи гледаат дека само тие се активно вклучени во решавање на проблемот со бездомните животни во оваа држава“, истакнаа активистите пред Влада.

Тие ги потсетија и граѓаните дека треба да разберат дека здруженијата и самостојните активисти секојдневно вон своите работни часови се борат да се намали бројката на бездомни животни на територијата на земјава.

„За една година вдомивме над 5 илјади кучиња во странски држави, да не зборуваме за кучињата кои се вдомени во земјава и за кучиња стерилизирани и кастрирани и вратени на својата локација од страна на активистите и здруженијата. Не од државата, туку од здруженијата и активистите! Ние не сакаме да има напади на граѓани од страна на кучиња! Не сакаме ниту да има бездомни животни по улиците. Токму затоа бараме поддршка да се избориме сите заедно и да извршиме притисок, институциите да започнат еднаш засекогаш да работат на овој проблем. Сите општини, сите градоначалници, сите пратеници се платени од нашиот данок и време е да започнат со работа. Секоја една општина има буџет за решавање на проблемот со бездомните кучиња, а каде завршуваат тие пари никој не знае“, истакнаа активистите од повеќе здруженија.


За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња, убиства и расфрлани отрови од кои може да настрадаат и луѓе, до надлежните институции, тие до институциите ги поставија ги следните барања:

– Обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територијата на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците;

– Задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – глоба од 80 евра првиот пат и 180 евра доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата;

– Зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело што ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво (испуштање миленици на улици, фрлање легла од мали кутриња и сл.) и за нечипирани миленици;

– Зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици бидејќи моментната глоба од 30, односно од 15 евра, само ги стимулира луѓето да ги напуштаат своите миленици, со што се зголемува бројот на бездомни кучиња;

– Забрана и казни за оплодување на домашните миленици, освен за легално регистрираните одгледувачници;

– Ангажирање локални инспектори или формирање посебно тело, Animal Police, кое ќе врши надзор и пријавување на секое легло исфрлено на улица бидејќи секојдневно се соочуваме со нови и нови кутриња, кои како партали се фрлаат пред контејнерите. Сите тие понатаму стануваат бездомни кучиња доколку не ги преземат здруженијата и љубителите!

Проблемот се решава од две страни – строго санкционирање на неодговорните сопственици на миленици, од каде почнува проблемот и сериозен ангажман од надлежните за справување со постојните кучиња кои ги има по улиците, на хуман и цивилизиран начин, како што доликува на една држава која претендира да биде демократска, посочуваат активистите.

Сѐ повеќе домашни миленици завршуваат на улица додека нивните сопственици се сончаат на плажа

Во меѓувреме, веќе два дена тема во фокусот на јавноста е и важноста на донесувањето на нов закон за миленици, за чија важност Мета.мк пишуваше повеќе пати, бидејќи последниот Закон за благосостојба на животните е од 2014 година и не нуди адеквантно решение за намалување на големиот број улични животни, вклучително и кучиња и мачки, а активистите повеќе пати испраќаа барања со предлози во однос на ова прашање.

Животните имаат права само на хартија, активистите финансиски и психички исцрпени, но не се откажуваат

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека му дал налог на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, да подготви сосема нов закон за миленици, во кои ќе биде опфатени барањата на организациите за заштита на животните.

„Барањата се легитимни и ќе се подготви нов закон кој ќе ги опфати сите услови за чување на домашни миленици, почнувајќи од чипирањето. И јас чувам куче и знам како е. Во однос на кучињата скитници, сметам дека е време и градоначалниците да си ја вршат својата работа и да поведат грижа за тоа што им се случува на нивните улици. Не ги биравме градските татковци, постојано да се жалат, туку да работат“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој вчера најави и дека иако овој проблем не е во надлежност на државата за решавање на проблемот со бездомните живонти, чиј број според сознанијата на Мета.мк ниту една институција во земјава не го знае точно а според груба пресметка на активистите само во Скопје веројатно има 6.000 бездомни кучиња, ќе побара помош од Брисел за преку ИПАРД програмите да се изгради стационар, кој ќе биде дом за тие кучиња.

Згрижувањето на уличните животни останува на поразително ниво

Покрај фрапантните податоци за големиот број каснувања од кучиња кој за минатата година изнесува 1.673, а само од почетокот на оваа година до денеска се случиле 70 каснувања, низ земјава се шири и заразна болест- штенечак од која многу кучиња не можат да се спасат, а заради тоа веќе еден месец ЈП Лајка не заловува кучиња.

Но, од Агенцијата за храна и ветеринарство за Мета.мк изјавија дека не прават ништо за да се спречи ширењето на заразата.

„Согласно Законот за ветеринарното здравство и Годишната наредба за здравствена заштита на животните за болеста Чума кај кучињата (штенечак) не се предвидени мерки за сузбивање и искоренување. Болеста не се наоѓа на листата на болести за кои се спроведуваат мерки за сузбивање и искоренување и не се предвидени финансиски средства за истото, односно Агенцијата за храна и ветеринарство не прогласува жариште на конкретната болест“, гласи одговорот од АХВ во однос на нашето поставено прашање.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека има многу малку пријави за неодговорно сопствеништво кои биле упатени до оваа институција. Нивните бројки се многу помали, во споредба со големиот број на напуштени кучиња што може да се забележат на улиците.

Планините полни со напуштени кучиња, го јадат пленот на рисот и напаѓаат луѓе

„За неодговорно сопствеништво се однесувале 91 од претставките. Од вкупниот број на поднесени претставки за неодговорно сопствеништво, по стапено е по 83, а 8 се во постапување. Со контролите донесени се 66 записници за утврдување на фактичка состојба, изречени се 13 мерки за спроведување на едукација заради утврдени неусогласености, издадени се 19 решенија со наредба за отстранување на неусогласеностите во одреден временски рок, изречени се и 12 парични казни за сторен прекршок“, велат од АХВ.