Планините полни со напуштени кучиња, го јадат пленот на рисот и напаѓаат луѓе

Фото: Мета.мк

Планините се полни со напуштени кучиња кои се закана за луѓето, но и за дивиот свет. Глутници гладни кучиња го јадат пленот на рисот и другите диви животни, а заради генетската блискост хибридизираат и со волците. Иако гледани како предатори, и самите кучиња во овие случаи се жртви. Особено заради неодговорните сопственици кои ги довеле во ситуација да мораат да ловат и да станат агресивни, но и заради системските пропусти низ институциите, кои иако имаат добри закони што ги регулираат овие ситуации, слабо ги спроведуваат.

Теренските истражувања со фотозамки на Македонското еколошко друштво (МЕД) откриваат кучиња длабоко во шумите, а ги има и на планинските превои како Ѓавато, Буково, Маврово и Попова Шапка. Своите сознанија за последиците што ги оставаат тие за дивите животни денеска беа презентираа на трибината „Напуштените кучиња – закана за дивиот свет“. Според Диме Меловски, програмски координатор во МЕД, кучињата и ловат и мршојадат, опасност се за луѓето што се движат во планина, а и самите се под постојан стрес и закана од други животни.

„Проблемот со напуштени кучиња во дивина ескалира во последните години. Тие се закана за опстанокот на рисот бидејќи ја јадат неговата храна. Само половина од младите рисови достигнуваат полова зрелост, а оваа состојба се влошува доколку женките со принова, кои потешко ловат, се оставени без храна. За популација од 40-50 возрасни единки балкански рис колку што има во земјава, Албанија и Косово, тоа е огромен ризик“, вели Меловски.

Во последните години јавна тајна е дека кучиња од рурални општини организирано се разнесуваат и се оставаат во дивина. Овој начин, некои општини кои немаат финансии, кадар или желба, го усвоиле како решение за големиот број напуштени миленици. Според активистите од здруженијата за заштита на животните, една од најголемите причини за зголемување на случаите за неодговорно сопствеништво е казната од 15 евра, која е смешно ниска во поглед на последиците кои настануваат заради напуштањето на животните, а и не се изрекува редовно.

„Повеќе од половината од општините во земјава немаат договор со прифатилиште каде би се згрижиле и третирале напуштени животни, иако законите ги посочуваат како една од главните алки за решавање на овој проблем“, вели Димитар Терзиевски од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поголемиот број, особено руралните општини, немаат ниту програми со кои би го имплементирале Законот за благосостојба на животните, не располагаат со бројки колку бездомни кучиња имаат на својата територија, ниту пак имаат план како да се справат со проблемот. Терзиевски вели дека со ефикасна стерилизација на 75 отсто од животните, за краток период ќе се видат резултатите на терен.

Најголемиот број од напуштените кучиња кои се среќаваат во шумите се ловечки, покажуваат податоците од Министерството за земјоделство. Тие имаат природен инстикт за ловење и многу брзо се снаоѓаат во средината. Половината, пак, од кучињата кои завршуваат во скопскиот стационар „Лајка“ се или расни или со еден расен родител. Тоа, според директорот Воислав Димитровски, несомнено упатува на несовесни сопственици.

„Решението на проблемот со напуштените кучиња не може да се бара во индивидуални планови и програми. Тоа мора да биде системско и да предвиди Национална програма во која ќе учествуваат сите засенати страни“, посочува Димитровски.