fbpx

Згрижувањето на уличните животни останува на поразително ниво

-

Светскиот ден на животните (4 Октомври) се одбележува со цел да се подобрат стандардите за благосостојба на животните. Но, додека глобално движење се стреми кон создавање свет во кој животните секогаш се препознаваат како чувствителни суштества и секогаш се посветува целосна грижа за нивната благосостојба, кај нас состојбата е поразителна.

Улиците во Скопје, а и во другите градови се преполни со напуштени мачки и кучиња, а лицата кои напуштаат домашни миленици тешко се идентификуваат и покрај тоа што во Законот за заштита и благосостојба на животните, за напуштањето на домашни миленици се предвидени казни. Граѓаните постојано објавуваат на социјалните мрежи дека нашле напуштено животно, многу често тоа се тукушто родени кученца и мачиња, и бараат помош за да ги спасат. Но, ретко пријавуваат сторители на вакви или слични прекршоци до надлежните институции.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за Мета.мк велат дека доколку тие што си го напуштиле миленикот се фатат и се идентификуваат, тогаш делото е казниво како прекршок. Казната за напуштање на домашен миленик за правно лице изнесува 500 евра во денарска противвредност и дополнителни 30 проценти од предвидената казна за директорот на фирмата. За физичките лица казните за напуштање на миленик се движат од 50 до 75 евра во денарска противвредност.

Но, според податоците на АХВ минатата година од страна на граѓани поднесени се само четири претставки за напуштање на домашни миленици.

„Една од претставките е одбиена како неоснована, а по 3 е постапено. Од страна на инспекциските служби спроведена е контрола, а сторителите се казнети“, потврдија од АХВ.

Оваа година бројот на пријавени случаи за напуштање на миленик е исто така мал во споредба со стотиците постови во групите за миленици на Фејсбук. Во АХВ поднесени се две претставки од граѓани за напуштање на домашни миленици. Од нив, една е отфрлена како неоснована, а по една е постапено и сторителот е казнет согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.

Точната бројка колку бездомни животни има во главниот град, а и пошироко во земјава не се знае бидејќи ниту ЈП Лајка, јавно претпријатие основано од Град Скопје кое извршува дејност од посебен јавен интерес за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување на систем за контрола на популацијата на кучиња, ниту АХВ немаат конкретни информации, ниту пак знаат колкав е процентот на зголемување на бројот на напуштени домашни миленици во земјава.

„Тешко се утврдува дали некое куче кое не е микрочипирано, а се затекне на улица, било домашен миленик или не. Стерилизацијата на домашните миленици кои се чуваат дома, не е задолжителна, но, е еден од темелите на одговорното сопствеништво. Една од стратешките цели на АХВ е донесување на Законот за измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните каде се регулира држењето на репродуктивно способен миленик. Измените предвидуваат и регистрирање на одгледувачниците на домашни миленици, со што значително ќе се придонесе во воспоставувањето на контрола на неконтролираното размножување“, велат од АХВ.

Радмила Пешева, која од крајот на септември е новата директорка на ЈП Лајка, вели дека проблемот со бездомните животни е долгогодишен и дека за да имаме градови без напуштени кучиња ќе биде потребно уште време. Според неа, треба да биде законска обврска и шетањето на млениците, односно да биде задолжително да се шетаат на поводник за да се спречат напади или непланирано размножување.

Според планраните трошоци за храна на кучињата и медицински материјали за оваа година за ЈП Лајка предвидени се 7.530.445 денари или околу 120.000 евра. Лајка заловува само возрасни кучиња кои ги стерилира/кастрира и потоа ако не се вдомат повторно ги враќа на локацијата каде што се заловени. Но, бројни граѓани се жалат дека вратените кучиња се групираат во чопори и напаѓаат бранејќи ја територијата или заради некоја провокација.

Полициските билтени скоро секојдневно регистрираат каснувања од куче, а се случува и лица кои користат ортопедски помагала да бидат нападнати затоа што можеби штаките им личеле на стап. Сепак, според Пешева стационарот нема можност овие кучиња да ги чува долгорочно.

„Стационарот е со исклучително огранчени финансиски средства. Во Скопје, не знам која е точната бројка на кучиња, да кажеме една груба бројка дека е три илјади, може да е повеќе или помалку. Според една формула, ако Скопје има 600 илјади лица тогаш има 6000 бездомни кучиња. Но еве да речеме дека се 3000, и кога би ги стационирале сите, треба по едно евро на ден само за храна за секое од нив што би значело 3000 евра дневно и таквото функционирање едноставно не е одржливо“, вели Пешева.

Таа истакна дека ако не постојат граѓанските здруженија и активистите кои вдомуваат животни во земјава и во странство, состојбата би била уште подраматична и би имало уште повеќе бездомни кучиња.

Од АХВ исто така се со став дека здруженијата за заштита на животните претставуваат важна алка и може многу да придонесат во справување со проблемот и контрола на популација на бездомните животни.

Но, овие здруженија и активисти, спасот го гледаат и во градското претпријатие кое е финансирао од општинскиот буџет и во државните институции кои се на товар на државниот буџет. Активистите често се приморани сами да плаќаат за ветеринарни услуги за операции и долготрајни лекувања од болести. Исто така плаќаат и пансиони, а и купуваат храна за кучињата од улица. Има и такви кои со малку пари изработуваат топли засолништа за уличните мачки, а и едукативни кампањи со социјални експерименти.

Едно од нив, кое се грижи за голем број бездомни мачки е „Енџелкетс санктуари“. И тие, мнатата недела од Собранието на Република Северна Македонија, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, Координаторите на пратенички групи, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенција за храна и ветеринарство како и од Владата побараа измена и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните.

Заради справувањето со бројната мачешка популација во земјава, која, како што истакнуваат од Енџелкетс санктуари, со децении се прави на нехуман начин, тие предлагаат законско препознавање и уредување на минималните стандарди за заштита и благосостојба на мачките како миленици и како бездомни животни.

„Постоечките законски решенија го игнорираат проблемот на прекубројноста на бездомните мачки, како и нерегулираноста на сопствеништвото и продажната дејност на мачките. Потребно е и Република Северна Македонија да овозможи бесплатна стерилизација на бездомните мачки и наложи стерилизација на мачките домашни миленици. Терминот миленици да се доуреди и да опфаќа и кучиња и мачки; терминот бездомни животни да се доуреди и да опфаќа и кучиња и мачки. Третманот на мачките да бидe изедначен со третманот на кучињата“, бараат од Енџелкетс санктуари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...