Пресврт во договорот меѓу Маск и Твитер – милијардерот сепак ја купува социјалната мрежа?

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Милијардерот Илон Маск се предомисли и сега е подготвен да продолжи со преземањето на Твитер, објави „Би-би-си“. Во писмото до компанијата, Маск се согласил да ја плати цената што ја понуди пред неколку месеци пред да се обиде да се повлече од договорот.

Изненадувачкиот пресврт доаѓа само неколку недели пред двете страни да излезат на суд. Се сметаше дека Твитер, кој го тужеше Маск во обид да го принуди да продолжи со преземањето на платформата, има посилен случај.

Во писмото адвокатите на Маск рекле дека тој има намера да продолжи со купување на Твитер, во очекување на завршувањето на правната битка.

Од Твитер потврдиле дека го добиле писмото, додавајќи дека намерата на компанијата е трансакцијата да се затвори на 54,20 долари по акција, цена што Маск ја вети во април.

Инаку, Маск во вторникот на Твитер напиша „Купувањето на Твитер е забрзувач на создавањето на X, апликацијата за сѐ“.

Кога Маск првпат ги откри плановите за купување на социјалната мрежа, тој рече дека сака да ги исчисти спам-профилите на платформата и да ја зачува како место за слобода на говорот. Милијардерот потоа се откажа од купувањето, наведувајќи ја загриженоста околу бројот на лажните профили на Твитер како причина за повлекувањето.

Како што пишува „Би-би-си“, набљудувачите на индустријата, кои се изнадени од развојот на настаните, сметаат дека последниот пресврт може да се разбере како конкретна понуда или пак како тактика за одложување.