Пријави за неодговорно сопствеништво, организирање борби со кучиња, малтретирање и убивање животни на улица, шверц на диви животни, нелегални зоолошки градини. Правата на животните во Македонија секојдневно се прекршуваат, активистите и здруженијата го вклучуваат алармот, а институциите недоволно и несоодветно реагираат на прекршоците.
Денешниот ден, 10 декември, освен што е Меѓународен ден на човековите права, се одбележува и како Меѓународен ден на правата на животните, а застапниците за заштита на животните ширум светот се обидуваат да ги убедат луѓето дека љубезноста и почитта ја заслужуваат сите живи суштества.
Овој ден беше прогласен во 1998 година од страна на Здружението за права на животните „Uncaged“ со седиште во Англија, чија цел тогаш била да ги истакнат сите форми на насилство врз животните. Датумот не случајно се поклопува со денот на човековите права, бидејќи желбата на активистите е сите живи суштества, и покрај тоа што се различен вид од луѓето, да добијат исти неотуѓиви права.
Права само на хартија, законите не се применуваат
За разлика од некои од земјите во Европа каде нема улични животни и каде законите за заштита на животните се почитуваат, а несовесните сопственици или оние што ги повредуваат одговараат кривично, кај нас правата на животните постојат само на хартија и недоследно или воопшто не се спроведуваат во пракса од страна на надлежните институции, велат активистите.
Рената Богдановска која е сопственичка на куче во Швајцарија, за Мета.мк раскажа дека животните во оваа земја се максимално заштитени, а на оние кои ги повредуваат им следуваат тешки казни. Таа ни посочи пример дека во случај некој да се обиде да отруе животно, се суди како обид за убиство, а се потсети и на случај кога сопственик кој не ги ранел и не им давал доволно вода на своите кучиња бил осуден на 10 месеци затвор и му била изречена забрана да чува животни.
Нашите здруженија, од друга страна, постојано иницираат заложби и се борат против секој вид злоупотреба и искористување на животните од страна на човекот.
Од „Анима Мунди“ за Мета.мк велат дека благосостојбата на животните е всушност уредување на нивната експлоатација, па тие не се за да има никаква благосостојба, туку едноставно животните да живеат посебно од човекот и на ниту еден начин да не ги користиме за ништо.
„Во денешните модерни општества, а посебно кај нас, животните, без оглед колку и да сметаме дека имаат права, вистински ги користиме како ресурсни материјали и предмети. Се трудиме барем оние права што им се загарантирани со законот за благосостојба да бидат испочитувани. Но, тоа кај нас воопшто не се случува. Законот за заштита и благосостојба многу тешко се имплементира“, велат од ова здружение.
И од Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“, состојбата со правата на животните во земјава ја оценуваат како катастрофална.
„За жал, не е многу различна ни состојбата со човековите права. И таа поврзаност во кривичното право е докажано правопропорционална. Toa е и најголемата причина што 10 декември е истовремено и интернационален ден на правата на животните и на човековите права. Во Македонија не постои никаква програма за хуман третман на мачки, кучињата се убиваат од самите институции кои се задолжени хумано да ги третираат. Коњи на секој чекор умираат во најтешки маки од прегладнетост, преработеност и секаква можна физичка злоупотреба. Наводната благосостојба кај „фармските“ животни во кланиците никој не ја контролира. Труења каде и да се свртиш. Ниту е некој осуден, ниту соодветно казнет. А и што повеќе може да се очекува кога на институциите чијашто надлежност им е заштита на животните се првите кои замижуваат пред сурови злодела?!“, сметаат од „ЕДЕН“.
Според активистите, Законот за заштита и благосостојба кој е донесен во 2014 година, по консултации со невладините организации и другите засегнати страни, не се применува. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е надлежна и за спроведување на управните и стручните работи со овој закон.
Голема улога во заштитата на животните имаат и Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) кои треба да постапуваат во случаи на прекршување на правата на животните или да вршат инспекциски надзор во институциите под нивна надлежност.
„Секојдневно на терен сме сведоци на напуштени миленици, оставени бебиња, кои потоа завршуваат трагично, плус се зголемува репродукцијата на улични мачки и кучиња. Сите здруженија и активисти веќе сме финансиски и психички исцрпени, бидејќи ние сме тие кои потоа се грижиме за овие животни да се лекуваат или да најдат нов дом. ЈП Лајка исто така не може да постигне да се справи со толкав број колку што има на улиците на Скопје, а стационар за мачки воопшто и немаме“, за Мета.мк изјави активистката Тина Мицковска.
Таа смета дека е неопходно да се направат и некои законски измени, да се засилат инспекциските контроли на АХВ и апелира дека најважното за сите љубители на животни е да се создаде првата „Полиција за животни“ во Македонија, за што веќе има доставено предлози до неколку институции и министерства.
„Се надевам дека заеднички со сите активисти ќе се избориме за ова да стане реалност. Тогаш, тоа ќе биде победа за сите – преку систем на казнување на несовесните, масовна стерилизација и кастрација, едукативни кампањи, постепено, но значително ќе се намалува бројот на бездомните животни. Кај нас активистите постои голема желба и мотивација да помогнеме со сите капацитети, ова да се реализира, останува на државата дали ќе сака да се справи со овој горлив проблем“, вели Мицковска.
Од Македонското еколошко друштво (МЕД) на проблемот со уличните животни пристапуваат од друг значаен агол, кој ретко е тема во јавноста.
„Освен етичката димензија за состојбата на уличните животни, ние на проблемот му припишуваме и заштитарска димензија и сметаме дека неконтролираната состојба со улични животни влијае погубно врз дивиот свет. Ова особено е очигледно во руралните предели, каде бездомни кучиња напаѓаат и убиваат диви животни, а честопати постои и хибридизирање со волци. Ова му наштетува на генетскиот интегритет на волкот. За жал, прашањето за уличните животни главно се става во една урбана рамка, а притоа се занемаруваат ефектите во руралните подрачја, каде дивиот свет е многу позасегнат“, изјави Александар Павлов од МЕД.
И додека во државните институции има и исклучоци – луѓе кои што сакаат да помогнат и помогнале во заштитата и унапредувањето на правата на животните, генералната слика укажува на еден цел закочен систем, сметаат од „Анима Мунди“.
„Ние секојдневно работиме на случаи за насилство врз животни од секаков тип, дали тоа било мачење и малтретирање, убиство, неодговорно сопствеништво и редовно ги пријавуваме ваквите дејствија до институциите, а тука би ги споменале Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство како едни од најнеажурните и недоследни, а клучни за спроведување на законите и санкционирање на сите прекршувања на законот. Голем дел од пријавите остануваат непостапени, директно сме биле одбиени од службениците или пак се постапувало после месец до два кога е веќе премногу доцна за животното во невоља“, велат од „Анима Мунди“.
Тие реагираат дека институциите не постапуваат ниту во оние случаи каде што се пристапува со докази, видеа, фотографии и точни адреси од сторителите кои ги прекршуваат правата на животните и сметаат дека е потребно формирање на посебен оддел кој ќе се грижи за заштита на животните.
„Полицијата воопшто не е заинтересирана да спроведува било што што е во нејзина надлежност за животните. Дефинитивно во државата недостасува сегмент, некаква полиција за животни или контрола за животни која би имала поголеми овластувања од обичен инспектор“, сметаат од Здружението за заштита на животните.
Никој не одговара за организирани борби со кучиња, ниту за одгледување животни за производство на крзно
Од „Анима Мунди“ додаваат и дека здруженијата и активистите немаат никаков увид во тоа како се третираат животните во прехранбената и месната индустрија или на живинарските фарми.
„Со Законот за благосостојба од 2014 година успеавме да забраниме одгледување на животни исклучиво за производство на кожа и за крзно, а сепак слушаме дека постојат нелегални фарми за крзно и покрај тоа што е забрането со закон“, тврдат од „Анима Мунди“.
Од „ЕДЕН“, пак, велат дека според нивните сознанија досега никој не е гонет кривично ниту за организирање борби со кучиња и покрај тоа што станува збор за класично мачење животни, кое е дел од Кривичниот законик на Македонија и за што, освен парична, следува и затворска казна до една година.
„Организирањето борби со кучиња може да се гони и по член 398 од Кривичниот законик, меѓутоа имаме информации дека службени лица се вклучени во тој организиран криминал и затоа од време на време ќе се појави некој што е парично казнет, но тоа не е ништо повеќе од навреда на интелигенцијата на јавноста и создавање привид дека се постапува по закон“, сметаат од „ЕДЕН“.
Од таму додаваат дека ситуацијата може преку ноќ да се смени доколку Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи и судската власт почнат да работат по закон.
„Тие имаат обврска по службена должност да ги гонат и да бараат највисоки казни за кривичните дела во кои жртви се животни со оглед дека сторителите се опасност и за луѓето“, велат од Здружението „ЕДЕН“.
Евтаназија на бездомни кучиња
Активистите кои се борат за заштита на правата на животните, изминатиов период реагираа дека Јавното препријатие „Лајка“ одбива секаква соработка со нив и бараа информации за бројот и причината за евтаназија на голем број на кучиња во ова прифатилиште.
Минатата седмица „Лајка“ доби нов в.д. директор, Воислав Димитровски, откако дотогашната в.д. директорка Тина Петрушевска беше разрешена од функцијата. Димитровски беше избран за прв човек на јавното претпријатие кое ги третира бездомните кучиња токму на предлог на здруженијата за заштита на животните.
Од „Анима Мунди“ велат дека сè уште не ги добиле бараните информации, зашто новото раководство на „Лајка“ побарало продолжување на рокот за објавување на информациите за еден месец.
„Она што според закон им е загарантирано на бездомните животни, кои заради некаква причина за агресивност ќе бидат затворени и ставени на опсервација, мора да се направат обиди да се ресоцијализираат, мора Комисија за агресивност, за која што убаво во законот е утврдено од какви профили на луѓе треба да биде составена, да го констатира тоа. Ние не знаеме дали тие постапки се правени во „Лајка“. Ние немаме информации кој констатирал дека некое животно е агресивно. Има низа процедури кои треба да се истераат за едно здраво животно да се убие од некаква друга причина, а тоа да не е неизлечива болест. Ние сакаме да знаеме зошто 25 кучиња, ако се вистински толку, се убиени. Првичниот официјален извештај велеше 15, потоа извадија уште 10, а прашање е колку други постојат за кои немаме сознанија. Нашите барања за информации од јавен карактер беа упатени токму поради ова“, велат од „Анима Мунди“.
Потребен е комплетен регистар на миленици и одгледувачници
Рената и нејзиното семејство во Швајцарија уште пред да решат дека ќе станат сопственици на Гизмо морале да се информираат за сите законски процедури.
„Откако го донесовме од Македонија требаше да обезбедиме царински документи, вакцини и за седум дена морав да го однесам на ветеринар и да го пријавам во општина во дата-базата за животни. За него плаќаме и годишен данок, а тие пари се користат за помош на други животни. Му плаќаме и здравствено осигурување. Ние како сопственици моравме да поминеме обука со експерти и тренери кои не учеа како правилно се чува куче. Сега со Гизмо можеме да одиме и во воз, и во автобус, а и во ресторани и продавници кога си купуваме облека“, раскажа Рената.
За разлика од едноставната, но ефективна процедура низ која морале да поминат Рената и Гизмо, здруженијата за заштита на животните во Македонија со децении бараат формирање на комплетен регистар на миленици, но и регистар на одгледувачници и нивно строго контролирање.
„Тие се двата главни извора од каде што македонските улици се полнат со бездомни кучиња. Регистарот на миленици во Македонија почна да функционира, но со регистарот на одгледувачници сè уште нема никаков напредок. А тука имаме сива економија, хиперпродукција на животни и исфрлање на „неподобните“ зашто не ги исполнуваат критериумите, односно ги немаат соодветните карактеристики на расата која би требало да ја претставуваат“, сметаат од „ЕДЕН“.
Од таа причина активистите со години организираат интензивни кампањи за вдомување наместо купување, бидејќи, како што велат, животните не се предмети и не смее да бидат третирани така.
„Истовремено, бараме единиците на локална самоуправа да обезбедат субвенции за стерилизација/кастрација на миленик со што би се спречиле несакани нови легла. Градските прифатилишта мора доследно да ја спроведуваат програмата залови-стерилизирај-вакцинирај-врати (на локација од каде што е заловено) на најмалку 75% од репродуктивно способните единки на дадена територија во период од шест месеци до една година за да се прекине размножувањето на улиците. Оперираните животни се за 90% помалку агресивни, не формираат глутници и ја чуваат територијата од прилив на нови единки кои може да се размножуваат. И во овој случај ако Агенцијата за храна и ветеринарство си ја работеше работата и неселективно казнуваше за напуштање миленици, ќе имавме далеку помалку бездомни животни“, децидни се од здружението „ЕДЕН“.
Освен милениците и уличните кучиња, немилосрдниот однос на човекот го чувствуваат и дивите животни, кои во земјава се чуваат во заробеништво и нелегално, а активистите се исправени пред предизвикот каде да ги сместат по нивното „спасување“.
Автори: Илинка Иљоска
Гоше Николов