„Министерство за финансии продолжува со ист начин на работа како и претходно и во последниот месец, откако сум повторно на функција, немаме никаква соработка“, се пожали дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, на средбата со претседателот на Стопанска комора на Сојузот на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Тој додаде дека ниту еден документ што го побарал од кабинетот на министерот за финансии, Кирил Миноски, не му бил доставен.

– Досега од сите испратени барања до кабинетот на министерот немам повратни информации. Не ми е доставен ниту еден баран документ со печат од Министерство за финансии. Се кријат податоци и информации од Царинската управа, Управата за јавни приходи. Штом кријат, има некаков проблем со стопанството. Ликвидноста е на ниско ниво, повратокот на ДДВ оди лошо – додаде Наумов.

Тој истакна дека ќе почека уште некое време за да ги добие потребните податоци, а потоа ќе види кои се законските можности за да дојде до нив, бидејќи, како што рече, овој однос на Министерство за финансии е неоправдан.

Уште еднаш истакна дека податоците за субвенциите на странските компании мора да бидат јавни за да може да се види нивниот ефект врз македонската економија.

– Штом се кријат податоците за субвенциите, можеби во заднината се крие корупција, а отсуствува и систем по кој се доделувани. Треба да се утврди нивната сума и врз основа на што се доделувани – рече Наумов.