fbpx

Имиња на политичари и славни личности во документите за сексуалниот престапник Епстин

Епстин се изјасни за виновен за барање проституција од малолетничка во 2009 година, а почина во 2019 година додека го чекаше судењето по обвиненијата за трговија со луѓе. Неговата смрт беше прогласена за самоубиство

-

Бројни судски документи кои ги идентификуваат соработниците на познатиот сексуален престапник Џефри Епстин беа објавени вчера, а меѓу имињата се споменуваат поранешните американски претседатели Бил Клинтон и Доналд Трамп, британскиот принц Ендру, починатиот пејач Мајкл Џексон и познатиот магионичар и илузионист Дејвид Коперфилд.

Овие имиња се спомнуваат во документите поднесени како дел од тужбата против Гислајн Максвел, девојката на Епстин, која е во затвор бидејќи му помагала да злоупотребува девојки, јавува Гардијан.

Максвел, јавна личност од Велика Британија, во декември 2021 година беше осудена за сексуална трговија и по слични обвиненија за принуда на тинејџерки да вршат сексуални услуги за финансиерот Епстин.

Личностите чии имиња се споменуваат на листата не значи и дека се обвинети за неправилности поврзани со Епстин. Досегашните документи не откриваат нови наводи за Епстин, ниту пак за неговите соработници, пишува Би-би-си.

Во документите, Максвел вели дека принцот Ендру го посетил островот на Епстин на американските Девствени Острови. Епстин е обвинет за злоупотреба на бројни девојки токму на овој остров. Максвел, сепак, тврди дека во моментот додека принцот бил на островот, таму немало девојки и жени, освен персоналот што работи во кујната.

Принцот Ендру е обвинет дека допирал жена, што тој го негира.

Во 2022 година, британското кралство семејство ѝ платило милиони долари на тужителката Вирџинија Џуфре за да ја повлече нејзината тужба во која се тврди дека принцот наводно сексуално ја злоставувал кога имала 17 години.

Другите имиња во документите ги вклучуваат пејачот Мајкл Џексон и магионичарот Дејвид Коперфилд, иако не се тврди дека истите направиле нешто погрешно. Нивните имиња ги споменува една од жените-сведоци на прашањето дали некогаш сретнала некој познат додека била со Џефри Епстин.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се појавува во голем број документи, иако нема импликации за незаконитости. Клинтон призна дека е поранешен соработник на Епстин, но категорично негираше дека имал какви било сознанија за неговите злосторства.

Претходно во 2019 година, портпаролот на Клинтон, Ангел Урења, ги негираше тврдењата за вмешаност на Клинтон и во изјава на Твитер напиша дека „претседателот Клинтон не знае ништо за ужасните злосторства за кои Џефри Епстин се изјасни за виновен во Флорида“.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон имаше афера со Моника Левински, неговата тогашна 22-годишна практикантка, за време на неговиот прв претседателски мандат, кога тој имаше 49 години.

Во документите се споменува и Доналд Трамп, за чија поврзаност со Епстин беше на големо пишувано во светските медиуми. Поранешниот американски претседател не е обвинет за незаконски постапки. Една од сведоците зборува за Трамп – како раскажувал како отишле во едно од неговите казина во Атлантик Сити кога бура го спречила авионот на Епстин да слета во Њујорк. Запрашана дали некогаш им дала масажа на Трамп или на Мајкл Џексон, сведокот негира.

Во своите тврдења, тужителката Џуфре вели дека била принудена да има секс со истакнати личности, вклучувајќи го и гувернерот на Ново Мексико, Бил Ричардсон. Пред неговата смрт минатата година, Ричардсон негираше дека некогаш се сретнал со Џуфре и не беше обвинет за никакво кривично дело.

Првите досиеја од популарната ризница, кои содржат документи на околу 900 страници, беа објавени по наредба на њујоршката судијка Лорета Преска, која рече дека многу од именуваните лица веќе биле идентификувани од медиумите или во судењето за Максвел.

Во наредните денови се очекува да бидат објавени и други документи.

Епстин се изјасни за виновен за барање сексуални услуги од малолетничка под форма на проституција во 2009 година, а почина во 2019 година додека го чекаше судењето за обвиненијата за трговија со луѓе. Неговата смрт беше прогласена за самоубиство.

Поранешната девојка на Епстин и ќерка на издавачкиот тајкун Роберт Максвел, во моментов отслужува 20-годишна затворска казна за нејзината улога како регрутер за Епстин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...