МОН: Објавени конкурсите за стипендии за магистерски и докторски студии

За лицата кои запишале магистерски студии се предвидени 50 стипендии, а за докторандите се наменети 15 стипендии

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави двата конкурса за доделување стипендии за академски студии од втор и трет циклус за академската 2023/2024 година. За лицата кои запишале магистерски студии се предвидени 50 стипендии, при што 40 се наменети за природно-математичките науки, а десет за општествените науки. Висината на стипендиите е 9.000 денари, а се исплаќаат во времетраење од девет месеци.

За докторски студии ќе се доделат 15 стипендии, при што висината на стипендијата е 18.000 денари, а селектираните докторанди ќе ја добиваат во времетраење од 12 месеци.

Двата конкурса ќе траат сè додека не се исполни вкупниот број на предвидени стипендии. Доколку се пријават поголем број на кандидати за стипендиите за магистерски и докторски студии, тогаш МОН ќе изврши рангирање врз основа на критериумите за пријавување.

Како услови за доделување на стипендија на докторските студии се наведени: да имаат постигнат успех од најмалку 8,5 на прв и втор циклус студии, да се запишани на трет циклус студии, да имаат објавено најмалку еден труд во меѓународно научно списание или публикација, да има две препораки од универзитетски професори, да не е корисник на стипендија од други даватели и на денот на конкурирање да не е постар од 38 години.

Воедно, лицата кои сакаат да конкурираат за стипендија на магистерски студии треба да ги задоволат следниве услови: да имаат остварен успех од најмалку 8,50, да се запишани на втор циклус студии, да не се во работен однос, да не се корисници на стипендија од други даватели и на денот на конкурирањето да не се постари од 27 години.