Граѓанските здруженија обединети околу иницијативата за слободни избори денеска пред Собранието го најавија почетокот на акцијата „Ние одлучуваме“, која треба да ги информира, да ги мотивира и да ги охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Акцијата, како што соопштија денеска на прес-конференција пред Собранието на Република Македонија дел од организаторите, исто така ќе ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели и евентуланите закани и заплашувања кон граѓаните за остварување на изборачкото право.

Граѓаните активисти во рамките на акцијата подготвија и издадоа весник на македонски и на албански јазик, преку кој ќе ги запознаат и ќе ги потсетат граѓаните за состојбите и за проблемите во здравството, образованието, социјалната политика, правосудството и во животната средина.

– Ги охрабруваме сите граѓани да ја користат бесплатната СОС-телефонска линија 0800 88888, која ќе биде достапна од 9 до 21 часот секој ден, за да пријават нерегуларности и злоупотреби – рече активистот Драган Додевски.

Активистот Љуми Бекири ги повика особено младите да излезат да гласаат и нагласи дека политиката им припаѓа ним и на сите граѓаните, а не само на политичарите.

– Младите се најзасегнати од политиката, а најмалку заинтересирани за гласање – рече младиот Бекири.

Акцијата ќе се спроведува на целата територија на државата, а во неа ќе бидат вклучени голем број граѓански здруженија од сите градови.