fbpx

Договор нема, Хан разочаран, но верува дека уште има шанси

-

По десетчасовни маратонски разговори, лидерите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, не успеаја да постигнат договор на средбата што се одржуваше со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во резиденцијата на ЕУ.

Еврокомесарот Хан рече дека е разочаран од денешната средба, но и дека сè уште има време и заради европската иднина на државата, партиите во текот на денешниот ден да постигнат договор.

– Се надевам дека сите ќе ја препознаат сериозноста на ситуацијата. Дефинитивно, ова не беше добар ден, но мислам дека денешниот ден ќе биде добар и дека ќе има договор. Потребно е политичките партии да се држат до договореното од 2 јуни и од 15 јули, за да се одржи во живот европската перспектива на земјата. Искрено, не можам да предвидам што ќе значи тоа за европските аспирации, но во моментов е потребно лидерство, одговорност и грижа за судбината на државата. Сè уште верувам дека сè е можно, моите луѓе ќе останат тука, иако јас морам да заминам. Ние можеме да помогнеме, но не можеме да ја завршиме работата на политичките лидери – изјави Хан.

Тој уште еднаш истакна дека е разочаран, но сè уште е оптимист и се надева дека крајниот исход ќе биде позитивен. Хан изјави дека нема да се постават нови рокови и дека ќе биде среќен ако сегашните рокови се испочитуваат.

Изјава пред медиумите даде и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Исто како и еврокомесарот Хан, и Заев беше разорачаран од преговорите. Тој потврди дека договор не е постигнат и рече дека преговорите заглавиле кај законот за „бомбите“ и кај законот за преодна влада, односно надлежностите на дополнителните заменици-министри.

– Не можам да си поверуваме ниту јас, ниту членовите на нашиот преговарачки тим, како може некому да му биде поважно да донесе закон со цензура кој предвидува затворски казни за новинири, односно главни уредници, од европската иднина на државата. Од овие 12 часа разговори, повеќе од 8 до 9 часови потрошивме разговарајќи за законот за „бомбите“. Не можеме да си поверуваме дека не може да се постигне договор за едноставни работи и упорно да се купува време за последните моменти. Остануваат уште 20 часови од денешниот ден за да се имплементира законот за специјалниот јавен обвинител и да се избере техничка влада, за да може да се испочитува договорот од 2 јуни и од 15 јули – изјави Заев.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека прогрес за одредени теми имало, но финален договор не бил постигнат.

– Разговаравме за законот за „бомбите“ и се обидуваме да најдеме баланс меѓу јавниот интерес и заштитата на слободата на изразување, она за што имаше најмногу забелешки од вас новинарите. И баравме начин да се испочитува она што е договорено и предвидено од договорот на 2 јуни и на 15 јули. Разговаравме сериозно и за законот за свиркачите. Во текот на денешниот ден би требало да се одржи уште една средба на работните групи, ние ќе останеме целосно посветени на постигнување финален договор – изјави Димовски.

Тој рече дека разговарале и за законот за влада, кој, според него, е многу значаен за да може да се назначат дополнителни заменици-министри. Димовски изјави дека изборната регулатива е усогласена и дека уште денеска би можела да се најде пред пратениците во Собрание.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...