fbpx

Грција задоволна од договорот ЕУ – Турција

-

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, се враќа во Атина задоволен од договорот меѓу Европската Унија и Турција за поголема контрола на бегалскиот бран кон Европа.

На Атина ѝ одговара планот од недела, 20 март, сите бегалци кои влегуваат од Турција во Грција да бидат вратени назад на турска територија, меѓутоа свесна е дека ја очекуваат тешки технички процедури и измени, како забрзување на процесот за одредување азил, поефикасна регистрација на бегалците и неопходно брзо распоредување на бегалците од Идомени и од Пиреа во постојаните и во привремените мигрантски центри.

Расчистувањето на Идомени е врвен приоритет за грчката влада и по договорот со Турција. Сè уште постои мала неизвесност што ќе се случува со оние веќе постојани 46.000 бегалци што се во Грција, низ дивите и организираните кампови и во мигрантските центри, инсистирајќи да останат таму во надеж дека границата некогаш ќе се отвори. Останува да се види кога, како и во кои членки на ЕУ ќе можат да бидат примени и преместени дел од нив.

Според информациите во Грција, кратко по завршувањето на состанокот во Брисел, низ камповите во Идомени и во Пиреа се прошири погрешна информација дека границите се отвараат, што предизвика лажна надеж, а потоа и бунт кај бегалците кои таму чекаат со денови.

Со европскиот договор од следниве денови, Грција станува епицентар на голема европска акција за релокација на бегалците. Низ државата и на островите ќе се воспостави огромен европски механизам за проверка, регистрација, одлучување за молбите за азил и за враќање назад кон Турција на новите бегалци. Поради ова во Грција деновиве ќе пристигнат околу 4.000 членови на различни европски организации, како 2.300 претставници на Фронтекс и претставници на Европската организација за бегалци. Целиот процес се проценува дека ЕУ во следните шест месеци ќе ја чини околу 280 милиони до 300 милиони евра.

Премиерот Ципрас на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот истакна дека Грција извојувала значаен дипломатски успех и во однос на бегалците и во однос на кипарското прашање, кое беше еден од условите на Турција за постигнување на договорот со ЕУ. За Ципрас е значајно што со постигнатиот договор се воспоставуваат три филтри, три начини за намалување на бегалците кон грчките острови.

Овие три филтри, како што истакна грчкиот премиер, се уривање на шверцерските канали кои нелегално ги пренесуваат бегалците до Грција, турската обврска да се отстранат сите пречки за да може да биде успешна операцијата на НАТО во Егејско Море и доколку ништо од ова не успее, дестимулирање на бегалците со истакнување дека тие што ќе стигнат нелегално во Грција, нема да имаат приоритет да бидат разгледани нивните барања за азил во ЕУ.

Премиерот истакна дека приоритет за Грција останува справување со хумантирарната криза со бегалците во државата, особено тие на Идомени, која, според него, е создадена поради едностраните одлуки на некои членки. Грчката влада веќе почна со повици бегалците да заминат од Идомени затоа што нивното останување таму станува опасно од повеќе аспекти. Изрази задоволство дека се „смрзнуваат“ едностраните одлуки за затворање на границите.

За договорот негативно реагираше опозициската Нова демократија. Според нив, фактот што е постигнат договор е позитивна работа, меѓутоа текстот на самиот договор не е јасен и самиот договор, доколку не биде имплементиран, нема да помогне да се реши кризата. Опозицијата ја постави дилемата дали овој план воопшто може да се имплементира и дали ќе ги донесе итните резултати што ѝ се неопходни на Грција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...