Грција ќе ја бира новата државна власт на вториот круг на парламентарните избори, што најверојатно ќе се одржи на 25 јуни, откако денеска и Алексис Ципрас, лидерот на второпласираната политичка сила, коалицијата СИРИЗА, го одби мандатот за формирање влада доделен од претседателката Катерина Сакеларопулу. Вчера мандатот го отфрли и лидерот на Неа Демократиа, Киријакос Мицотакис. Неа Демократиа имаше најдобри резултати на гласањето, освојувајќи 41 отсто од гласовите, додека СИРИЗА освои 21 отсто.
Бидејќи најдобро пласираните на парламентарните избори во неделата не се нафатија да формираат влада, сосема очигледно е дека за новата власт ќе се решава на следниот круг избори, што најверојатно ќе се одржи на 25 јуни.
Ниту СИРИЗА со 20,1 отсто од освоените гласови, ниту пак ПАСОК, со 11,46 отсто од гласовите, немаат шанса да формираат каква било влада без Неа Демократиа, Поради тоа, иако Сакеларопулу треба формално да го додели третиот мандат на ПАСОК, сосема сигурно Грците ќе мора повторно да излезат пред гласачките кутии на 25 јуни, бидејќи ПАСОК нема никакви шанси за формирање коалициска влада. Пред гласањето во неделата, СИРИЗА ги повика и социјалистичката ПАСОК и други леви партии, вклучително и комунистичката ККЕ да формираат коалициска влада, но беше одбиена. Потоа СИРИЗА ги обвини за вртење грб кон напорите да се формира алијанса против конзервативците.
Претходно, сега владејачката Неа Демократиа со 40,8 отсто од освоените гласови се откажа од какви било намери да формира влада, пишува „еКатимерини“, па ќе си ја бара шансата во вториот изборен круг, кога победничката партија може да очекува бонус гласови, односно бонус пратенички места.
Според изборниот законик на Грција, победникот во вториот круг ќе добие плус 20 пратенички места ако освои вкупно 25 отсто од гласовите и до 50 плус пратеници ако освои околу 40 отсто од гласовите, пишува „еКатимерини“. Но, за да ги добие бонус пратеничките места, Неа Демократиа мора да остане најуспешната партија на изборите, што според сегашните 20,1 отсто од гласовите за СИРИЗА, е многу веројатно, пишува „еКатимерини“.