Според извори од грчкото воено воздухопловство, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не го прогонувале воени авиони за време на обидот за државен удар минатата недела.

Ердоган тврдеше дека „избегнал смрт за само неколку минути“, откако, наводно, неговиот авион го пресретнале воени авиони „ф-16“ кои биле под контрола на пучистите.

Во турските медиуми објавени се приказни дека пилотот на авионот на Ердоган ги уверил пресретнувачите дека станува збор за патнички авион полн со луѓе, поради што воените пилоти го поштедиле авионот.

Меѓутоа, извори од грчкото воздухопловство тврдат дека цело време го следеле летот на претседателскиот авион на Ердоган сè до неговото слетување во Истанбул.

Според информациите на грчката медиумска група „Скај“, авионот на Ердоган во ниту еден момент не бил следен од ниеден друг авион.