Фото: Мета.мк и Новак Ѓоковиќ инстаграм

Федералниот суд ја одби жалбата на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ за да остане во земјата и да игра на Австралија опен. Тој ќе мора да биде депортиран од Австралија, а пресудата на главниот судија Џејмс Алсоп дојде по едногласна одлука на тројцата судии кои расправаа за случајот во Мелбурн на 16 јануари, јавува Би-би-си.

Ѓоковиќ се соочува и со можноста за забрана за влез во Австралија во наредните три години, јавува белградскиот весник Данас. Тенисерот ќе остане во притвор до моментот на неговото депортирање од Австралија, а ќе мора да ги плати и трошоците за судењето.

Одлуката која што ја донесе Федералниот суд ја поддржаа австралискиот премиер Скот Морисон и министерот за имиграција Алекс Хоук.

„Австралијците направија многу жртвувања за време на оваа пандемија и тие со право очекуваат дека резултатот од тие жртвувања ќе биде заштитен“, изјави австралискиот премиер Морисон.

И министерот за имиграција на Австралија, Алекс Хоук, којшто ја укина визата за Ѓоковиќ, ја поздрави одлуката на судот.

„Цврстата политика за заштита на границата на Австралија нас не заштити во текот на пандемијата, што резултираше со една од најниските стапки на смртност, најсилно економско заздравување и највисока стапка на вакцинација во светот“, ја појасни Хоук јасната причина поради која Ѓоковиќ е депортиран од Австралија.

Тенисерот Новак Ѓоковиќ по пресудата на австралискиот суд изјави дека ќе соработува со релевантните власти во врска со неговото депортирање од Австралија.

И покрај тоа што е еден од најзначајните тенисерски имиња на светот, неговата антиваксерска политика во периодот на ковид-19 пандемијата силно ја пропагираше изминатиов период. За да влезе во Австралија, неопходно беше тој да има примено две дози на вакцина против ковид-19, а бидејќи Ѓоковиќ одбива да се имунизира, тој во земјата допатува со медицинска документација со која што тврдеше дека заболел од ковид-19 во последните шест месеци.