fbpx

Германската влада во криза за буџетот, граѓаните очекуваат предвремени избори

Владејачката коалиција која се состои од социјалдемократите, зелените и либералите не успева да се договори за прекројување на буџетот за 2024 година

-

Германскиот парламент нема да може на време да гласа за буџетот за 2024 година, извести во четвртокот пратеничката на Социјалдемократската партија, Катја Маст во СМС-порака до партиските колеги, пренесува германската новинска агенција ДПА. 

Владејачката коалиција која се состои од социјалдемократите, зелените и либералите не успева да се договори за прекројување на буџетот за 2024 година, откако претходниот буџет непосредно пред неговото усвојување падна пред Уставниот суд во текот на ноември.

„Иако од своја страна го направивме сето она што го можевме, буџетот за 2024 година не може повеќе, правовремено, оваа година да биде одобрен“, порача пратеничката Маст од Социјалдемократската партија на Германија.

Уставниот суд во ноември заклучи дека владата на Олаф Шолц го прекршила законот за прелив на средства од кризниот пандемиски фонд, кој го пополнила со кредити за останати потреби. Со ова во нацрт-буџетот биле пречкртани милијарди евра. Станува збор за 60 милијарди евра за наредните неколку години.

Шолц водеше неколкудневни преговори со лидерите на Зелените – Роберт Хабек и на либералите ФПД – Кристијан Линднер кои не доведоа до решение.

Буџетот за 2024 година мора да помине низ неколку филтри, од експертска проверка, преку комисијата за буџет во Бундестагот и пленарна сесија во Бундестагот до гласање во домот на покраините Бундесрат. Доколку се појави на време во Бундесратот, гласањето за буџетот би можело да се случи на 22 декември.

Сепак, ако процедурата не се заврши на време, државата некое време ќе мора да обезбеди вонредно финансирање. Ако не се најде решение за државниот буџет за 2024 година, тоа ќе биде нов сериозен проблем за канцеларот Олаф Шолц.

Германската коалициска влада се соочува со постојани кризи од нејзиното формирање пред две години и тешко се доаѓа до решенија меѓу коалиционите партнери. Мнозинството германски граѓани сакаат одржување на предвремени парламентарни избори во земјава заедно со изборите за Европскиот парламент на 9 јуни, јавува ДПА.

Според анкетата на Југав, 55 отсто од испитаниците се сложиле со предлогот за одржување предвремени избори, кој го даде лидерот на десничарската Христијанско-социјална унија ЦСУ Маркус Зедер.

Само 34 отсто од германските граѓани сметаат дека парламентарните избори треба да се одржат во редовниот термин во есента 2025 година.

Притоа, радикалната десница од Алтернатива за Германија и гласачите на демохристијанскиот блок од ЦДУ и ЦСУ се најголеми поддржувачи за одржување на предвремени парламентарни избори. Речиси дво-третинска поддршка за ова прашање има и кај симпатизерите на либералната партија ФДП, која е најмал коалиционен партнер во владата на Олаф Шолц.

Од друга страна, гласачите на социјалдемократите и зелените сметаат дека владата треба да продолжи да владее до крајот на нејзиниот мандат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...