Фото: Генералштаб на АРМ

На свечен собир во Домот на Армијата во Скопје, во рамките на завршните активности со кои Армијата на Република Северна Македонија (АРМ) го одбележува својот 30 годишен јубилеј, беа доделени голем број на признанија за остварените резултати и придонесот за Армијата на од составот на Генералштабот и Министерството за одбрана, како и унапредувања во повисок чин на припадници на Армијата кои ги исполнуваат условите, соопшти Генералштабот.

Истовремено, министерката за одбрана Славјанка Петровска и Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски доделија признанија и на претставници од институциите со кои соработуваат Министерството за одбрана и Генералштабот.

Министерката за одбрана, Петровска пред вработените во Министерството и припадниците на Армијата порача дека денешниот јубилеј не е само бројка, туку дека 30 години Армија значи 30 години сигурност, безбедност и државност. Подвлече дека секој припадник на Армијата, секој вработен во одбраната има свој удел во создавањето на армија со препознатлив имиџ за професионалност, дисциплина, мотивација и успех и дека токму со нивната енергија и посветеност ја остваривме нашата клучна стратешка цел – членството во НАТО.

„Бевме сами, а сега сме дел од една милијарда луѓе под колективниот безбедносен чадор на НАТО. Армијата има за што да биде горда пред своите граѓани затоа што вие чесно, мотивирано и професионално си ги извршувате своите задачи, но и многу повеќе од тоа. Способностите на Армијата не се само зборови на хартија, туку вештини на дело. Армијата на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Нашиот Лесен пешадиски баталјон е првата поголема единица која неодамна беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО“, рече министерката Петровска.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски честитајќи го јубилејниот празник на сите припадници на Армијата, како и на унапредените, пофалените и штотуку пензионираните, упати порака да се продолжи со уште поголемо залагање и динамика во остварување на поголеми резултати, како што доликува на Армија членка на НАТО.

Покрај министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски пред присутните се обратија и поранешните началници на ГШ, генералите Горанчо Котески и Методија Величковски кои оваа година ги исполнија законските услови за заминување во пензија, на кои за дадениот придонес во развојот на Армијата во текот на вршењето на должноста им беа врачени соодветни признанија.

Во рамки на церемонијата, од страна на командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, кој присуствуваше на прославата во рамки на дводневната официјална посета на државата, исто така се доделија признанија на припадници од Армијата за нивното залагање за извршување на задачите во текот на најголемата меѓународна вежба „Swift Response” која беше реализирана оваа пролет на АП Криволак.

Во рамките на големото одбележување на јубилејот 30 години од формирањето на Армијата, во чиј склоп вечерва со почеток во 18.30 часот, на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ќе се реализира отворен настан за граѓаните.

Централната свеченост по повод одбележување на јубилејот ќе се реализира утре, 18 август во касарната Илинден во Скопје.

Напишете коментар