fbpx

Ганиу и Касами повикани на разговор во полициска станица во врска со посетата на Курти

Од МВР велат дека за време на манифестациите организирани по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти на земјава, не била интонирана државната химна и не било поставено државното знаме, што е спротивно на Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија

-

Барање за поведување прекршочна постапка против Општина Чаир и Општина Тетово, како и градоначалниците на овие две општини – Висар Ганиу и Билал Касами, поднело Министерството за внатрешни работи (МВР), соопштија денеска од ова министерство.

Од МВР информираат дека за време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата на Република Косово, Албин Курти, при организираниот пречек во петокот на улицата „Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија.

„Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон“, велат од МВР, од каде додаваат дека продолжува потрагата по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и оти по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Дека градоначалниците на Чаир и на Тетово биле повикани на разговор во полициска станица во врска со посетата на косовскиот премиер Курти, потврдија и од политичката партија Алтернатива.

Тие тврдат дека двајцата градоначалници се повикани на разговор во полиција заради иконографијата за време на посетата на премиерот на Косово, Албин Курти. Од Алтернатива велат дека „овој чин се случил со наредба на Вучиќ“, алудирајќи на српскиот претседател.

„Како и да е, ако оваа власт смета дека полицијата, силата, уценувањата и насилството се начини за да се бори против оваа коалиција и да се угаси опозицискиот ентузијазам, тогаш треба да потсетиме дека оваа е најдобриот начин само да се забрза нивниот пораз“, велат од партијата Алтернатива.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу попладнево изјави дека бил повикан во полициска станица и дека против него биле поднесени две прекршочни пријави од полицијата, и тоа за неинтонирање на државната химна и за неистакнување на државното знаме.

„Околу 13:30 часот бев поканет од началникот на полицијата „Бит Пазар“ да дојдам на информативен разговор. Претставени ми беа причините“, изјави градоначалникот на Чаир, Ганиу.

Од партијата БЕСА на Билал Касами велат дека реакцијата на државниот врв по повод посетата на Албин Курти била хистерична и надополнета со доза на етнонационализам.

Потпретседателот на Движењето БЕСА, Блерим Сејдиу денеска на прес-конференција во Тетово не сакаше да одговори дали за нив е прифатливо да се вее знаме со карта на „голема Албанија“, иако фотографија со ова знаме се најде на профилот на социјалните мрежи на партискиот лидер Биљал Касами. Според Сејдиу, тие не можат да преземат одговорност за публиката на настанот, а тој вели дека Курти бил пречекан со сите државни знамиња и законски постапки.

„Општина Тетово го покани Курти како премиер и поради присуството на таков висок државен функционер беа поставени знамиња пред зграда“, изјави Сејдиу.

Од владејачката партија СДСМ реагираат дека Христијан Мицкоски со денови молчи и не собра храброст да ги осуди настаните и провокациите што се случија во минатата недела во Тетово.

„Ниту збор не кажа Мицкоски за тоа што немаше државно знаме, за тоа што немаше државна химна. Молчи Мицкоски и за провокациите, а неговиот молк никој и ништо не може да го оправда. Наместо осуда Мицкоски се стави во одбрана на Касами, неговиот коалициски партнер, кој беше организатор на настанот. Касами, токму со гласовите и поддршката на ДПМНЕ стана на градоначалник на Тетово“, наведуваат од СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...