Во последниот извештај доставен до Европската комисија (ЕК), како потписник на Кодексот на практики против дезинформациите, „Фејсбук“ посочува дека само во последните неколку седмици отстраниле осум координирани мрежи на лажни профили од Северна Македонија, Косово и Русија. Од „Фејсбук“ во извештајот објаснуваат дека вкупно отстраниле над 2.000 профили, страници и групи, од кои 212 потекнувале од Косово и од Северна Македонија, а останатите 1.907 од Русија.

– Остранивме 212 Фејсбук страници, групи и профили поради координирано неавтентично однесување кои потекнуваа од Северна Македонија и Косово – стои во извештајот. Оттаму додаваат дека овие лажни профили биле администрирани Фејсбук страници кои ширеле општа содржина на теми од „астрологијата, познати јавни личности и упатства за разубавување“. Но, тие исто така управувале и со мал број на Фејсбук страници преку кои лажно се претставувале дека се „претставници на политички заедници од Австралија, Обединетото Кралство и САД“ и постирале содржини кои се однесуваат на „религиозни и политички теми, како национализам, Ислам, политички фигури“.

Станува збор за 40 Фејсбук страници и 172 лажни профили на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ кои ги следеле околу 685.000 индивидуални профили.

Истовремено, Фејсбук отстранил и 1.907 Фејсбук страници, групи и профили кои потекнувале од Русија главно поради „спамирање“ (масовно ширење на содржина која примателот не ја побарал) и во мал дел поради координирано неавтентично однесување поврзано со Русија.

– Индивидуите зад овие активности користеа лажни профили главно да управуваат со групи и страници кои објавуваат „спам“ содржини. Дополнително, мал дел од нив објавуваа содржини поврзано со вести и политички случувања во Украина, вклучувајќи го тековниот конфликт во источните делови на Украина; потоа за локални и регионални политики; Украински патриотизам; бегалци; Украинска армија; ситуацијата во Крим; како и за корупција.

Најголем дел од отстранетите биле Фејсбук групи – 1.757, потоа 86 страници и 64 профили. „Околу 50.000 профили ги следеа овие страници и околу 1,7 милиони профили беа членови на една или повеќе од групите“, се вели во извештајот на Фејсбук.

Покрај „Фејсбук“, како потписници на Кодексот на практики против дезинформации, месечни извештани до ЕК доставија и „Твитер“ и „Гугл“.

Комисијата, во посебно соопштение до јавноста, истакна дека ги цени нивните напори за зголемување на транспарентноста пред европските избори, додавајќи дека сите три компании сега означуваат кој стои зад политичките огласи објавени на нивните страници, а „Фејсбук“ и „Твитер“ веќе имаат и библиотеки на сите објавени политички огласи, додека оваа функционалност кај „Гугл“ е во фаза на тестирање.

Сепак, Комисијата оценува дека се потребни дополнителни чекори, особено во насока на објавување на методологијата и сетовите на податоци за лажните профили и страници со цел да им се овозможи на независните експерти, проверувачите на факти и истражувачите да можат да вржат посебни евалуации. Во извештајот се вели и дека „Гугл“ и „Твитер“ немаат остварено никаков напредок на планот на обезбедување на транспарентност во врска со огласите кои се однесуваат на прашања од областа на јавниот интерес и јавните политики, а кои влијаат врз важни дебати во текот на изборен период.