fbpx

Фејсбук, Гугл и Твитер под лупа на Европската комисија

-

Европската комисија вчера објави извештај во кој го оцени напредокот на трите големи Интернет компании Фејсбук, Гугл и Твитер во нивната борба против дезинформациите. Овие три компании потпишаа Кодекс на практики и се обврзаа да известуваат еднаш месечно за нивните активности на ова поле пред изборите за Европскиот Парламент во мај 2019 година, објави „КриТинк.мк“.

Комисијата истакна дека ги цени нивните напори за зголемување на транспарентноста пред европските избори, додавајќи дека сите три компании сега означуваат кој стои зад политичките огласи објавени на нивните страници, а Фејсбук и Твитер веќе имаат и библиотеки на сите објавени политички огласи, додека оваа функционалност кај Гугл е во фаза на тестирање.

Сепак, Комисијата оценува дека се потребни дополнителни чекори, особено во насока на објавување на методологијата и сетовите на податоци за лажните профили и страници со цел да им се овозможи на независните експерти, проверувачите на факти и истражувачите да можат да вржат посебни евалуации. Во извештајот се вели и дека Гугл и Твитер немаат остварено никаков напредок на планот на обезбедување на транспарентност во врска со огласите кои се однесуваат на прашања од областа на јавниот интерес и јавните политики, а кои влијаат врз важни дебати во текот на изборен период.

Од друга страна, пак, изразено е задоволство што платформите преземаат чекори во борбата против штетните ботови и лажните профили. Особено се истакнува како позитивен чекор соработката со организации и мрежи за проверка на факти од страна на Гугл.

Во однос на конкретните активности на овие платформи, Комисијата ги издвојува политиките на Гугл во однос на политичкото рекламирање кои стапија во сила минатиот месец, како и бришењето на значителен број Јутјуб канали, кои продуцираа спам, измами, користеа измамнички практики и лажно претставување.

Фејсбук, пак, е пофален за преземените акции против огласите кои содржат неточни содржини или ги заобиколуваат нивните контролни системи. Компанијата извести и дека во првото тромесечје годинава отстрани од нејзината платформа осум координирани мрежи заради неавтентично однесување (ширење дезинформации, лажно претставување и слично), кои потекуваат од Северна Македонија, Косово и Русија. Твитер, пак, исто така, презеде акции против лажните профили и оние кои продуцираат спам, но не објави податоци колку од овие активности се однесуваат на земјите од Европската унија.

Комисијата длабински ќе ги оценува заложбите на овие три платформи да ги исчистат своите мрежи од штетно и неавтентично делување на корисниците во период од 12 месеци до крајот на годинава. Доколку резултатите се покажат незадоволителни најавени се дополнителни активности, како и донесување на законска регулатива која потоа интернет платформите ќе мора да ја почитуваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...