fbpx

Европа гневна откако кинески дипломат зборуваше против суверенитетот на земјите од поранешен СССР

Кинескиот амбасадор во Франција Лу Шаје на телевизиско интервју рече дека поранешните советски земји, вклучително и балтичките земји, немаат „ефективен статус во меѓународното право“

-

Европските земји бараат одговори од Пекинг откако кинески висок дипломат во Париз го доведе во прашање суверенитетот на поранешните советски републики, и тоа во коментари кои би можеле да ги поткопаат напорите на Кина да се смета за потенцијален посредник меѓу Русија и Украина, пишува Си-ен-ен.

Официјални лица од Литванија, Латвија, Украина, Франција и од Европската Унија  возвратија против забелешките дадени од кинескиот амбасадор во Франција Лу Шаје, кој за време на телевизиско интервју рече дека поранешните советски земји, вклучително и балтичките земји, немаат „ефективен статус во меѓународното право“.

Лу ги даде забелешките како одговор на прашањето дали Крим, кој беше незаконски анектиран од Русија во 2014 година, е дел од Украина.

„Дури и овие поранешни советски земји немаат ефективен статус во меѓународното право, бидејќи немаше меѓународен договор за материјализирање на нивниот статус како суверени земји“, рече Лу, откако прво истакна дека прашањето за Крим „зависи од тоа како е проблемот перципиран“, бидејќи регионот бил „на почетокот руски“, а потоа „понуден на Украина за време на советската ера“.

Забелешките се чинеше дека го негираат суверенитетот на земјите кои станаа независни држави и членки на Обединетите нации по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, а доаѓаат во време на бруталната инвазија на Русија врз Украина според визијата на лидерот Владимир Путин дека земјата треба да биде дел од Русија.

Кина досега одбиваше да ја осуди руската инвазија на Украина или да повика на повлекување на нејзините трупи, наместо тоа повикуваше на „воздржаност од сите страни“ и го обвинуваше НАТО дека го поттикнува конфликтот. Исто така, продолжи да ги продлабочува дипломатските и економските врски со Москва.

Шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел вчера рече дека забелешките на кинескиот дипломат се неприфатливи.

„ЕУ може само да претпостави дека овие декларации не ја претставуваат официјалната политика на Кина“, напиша Борел на Твитер.

Франција, исто така, одговори во неделата, при што нејзиното Министерство за надворешни работи изјави дека е „целосна солидарно“ со сите засегнати сојузнички земји и ја повика Кина да разјасни дали овие коментари ја одразуваат нејзината позиција.

Неколку водачи од поранешните советски држави, вклучително и од Украина, брзо возвратија по интервјуто, кое беше емитувано во петокот на француската станица LCI.

Латвискиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс повика на „објаснување од кинеската страна и целосно повлекување на оваа изјава“ во објава на Твитер во саботата.

Тој вети дека ќе го покрене ова прашање за време на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој се очекува да се разговара за односите со Кина.

„Чудно е да се слушне апсурдна верзија на „историјата на Крим“ од претставник на земја која е скрупулозна за нејзината илјадагодишна историја“, напиша на Твитер советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хамас не го прифаќа понудениот договор за примирје, преговорите продолжуваат

Висок функционер на Хамас во текот на ноќта изјавил за новинската агенција Франс прес (АФП) дека одговорот на групата на предложениот договор за примирје со Израел, а постигнат со...