Во недостаток на активности, студентите од Тетово времето го поминуваат во кафулиња

Студентите од двата универзитета во Тетово во разговор за Порталб.мк говорат за студентскиот живот во овој град, кој најчесто им се сведува на излегување во кафулиња

Универзитетот во Тетово и Универзитетот на Југоисточна Европа, фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Студенските денови се најубавиот дел од животот, вака велат повеќето студенти откако ќе дипломираат. Но, колку е убав овој период и со какви проблеми се соочуваат студентите на двата универзитета во Тетово, Универзитетот во Тетово (УТ) и Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ)? На оваа тема Порталб.мк разговараше со дел од студентите и поранешните студенти на овие универзитети.

Студентката Зана Речи од Струга, која студира на Универзитетот во Тетово, нагласува дека студентскиот живот во овој град има предизвици кои ги демотивираат студентите, и како студенти и како граѓани.

„Диверзитетот во Тетово, со студенти не само од цела Северна Македонија, туку и од други земји, бара градот да понуди разновидни општествени, културни и научни активности. Главниот предизвик на кој наидов беше адекватното користење на времето поради немањето услови во градот. Потрошувачката култура (особено кафулињата), недостатокот на зеленило, на библиотеки или читални, на услови за научни истражувања, на културно-забавни активности, на активистички организации, на негувањето на заедниците, па дури и игнорирањето на гласот на младите, мислам дека регресивно влијаат врз генерацијата која е иднината на оваа земја. Она што треба да се промени е свеста не само кај лидерите, туку и кај самите студенти за овие услови кои се од суштинско значење за еден продуктивен студентски живот“, нагласи Зана.

Ултра, едно од најпосетуваните кафулиња во Тетово. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Од друга страна, еден студент по медицина на УТ од Тетово, нагласи дека со оглед на големиот број на студенти што ги има Тетово, градот не е ни блиску до остварување на големиот потенцијал што го има за да се нарече студентски град.

„Немањето читална, немањето културни активности и студентски средини е голем недостаток за градот. Организираниот јавен превоз е позитивен чекор напред, тој многу им го олесни движењето на студентите низ градот. Традицијата треба да се продолжи со еден поширок план за опремување на студентите со студентски картички со кои ќе можат да добиваат попусти во одредени бизниси, особено на местата кои што најчесто ги посетуваат (брза храна, ресторани, кафулиња и сл.). Главниот проблем е да се најдат станови за сместување на студентите, бидејќи градот има недостаток од студентски домови и станови со услови за студентите. Високата семестрална тарифа за странските студенти, главно државјани на Косово, го отежнува нивното ангажирање во Тетово. Внимание и политичка волја бара и можноста за хонорарно вработување на студентите, за да можат да заработат малку за трошоците кои ги имаат за време на студирањето“, потенцираше студентот по медицина со кој разговараше Порталб.мк.

Универзитетот во Тетово; Фото: Порталб.мк

Тој додаде дека ако сакаме Тетово навистина да го заслужи епитетот студентски град, институциите мора да им пристапат многу сериозно на овие прашања.

Флорентина Садику, сега поранешен студент по стоматологија на УТ, имаше добро искуство во Тетово. Таа за Порталб.мк вели дека одлуката да студира во Тетово останува една од најдобрите одлуки што ги донела.

„Кога бев студент во Тетово, покрај сигурноста што ја чувствував, широкиот социјален круг што го создадов, максималното време посветено на студиите, се обидов да го избалансирам и со активности надвор од универзитетот што ми овозможија да се интегрирам уште повеќе. Секогаш има простор за подобрување и за подобро, недостаток кој е многу евидентен кога сте студент во Тетово е тоа што нема студентски дом, особено за студентите кои доаѓаат од Косово. Исто така, како поранешен студент на Факултетот за медицински науки го почувствував недостатокот на посебни кабинети за клиничките предмети што ги имавме, но нашите професори се трудеа да најдат други алтернативи. Се обидов да ги следам активностите внатре и надвор од универзитетот онолку време колку што имав на располагање и мислам дека е можно, но за да стане дел и да биде што е можно повеќе интегриран студентот треба да има интерес и да истражува“, потенцира Флорентина, која има порака за студентите: „Уживајте во секој момент, учете напорно и најдете време за забава“.

Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово; Фото: Порталб.мк

Друга студентка од Тетово која студира информатика на УЈИЕ истакнува дека студентскиот живот во Тетово е претежно добар, но дека има и недостатоци.

„Најголем недостаток е немањето активности за младите. Честопати се наоѓаме себеси слободни по предавањата, но немаме што да правиме. Иако универзитетот донекаде помага во тоа, сепак потребно е нешто повеќе. Најголемиот придонес на Универзитетот е во обезбедувањето можности за поврзување со меѓународни луѓе и организации како и за спроведување на студиски семестри во земји надвор од Северна Македонија“, рече студентката по информатика.

Од друга страна, Ард Хасанај од Косово, кој минатата година ги заврши студиите за англиски јазик на УЈИЕ, нагласува дека студентскиот живот во Тетово е преполн со промени и нови можности.

„Еден важен аспект е менаџирањето со времето, бидејќи студентите треба да ги организираат студиите, работата и социјалниот живот. Исто така, студентите се соочуваат со разни предизвици за време на нивните академски студии, кои им носат нови знаења и ги зајакнуваат нивните критички и аналитички вештини. Во Тетово, некои студенти не се вклучуваат во социјалните, културните и истражувачките активности. Сепак, кампусот на УЈИЕ нуди многу можности за вклучување на студентите во студентски клубови, културни настани и истражувачки проекти“, рече Арди.

На Универзитетот во Тетово и на Универзитетот на Југоисточна Европа постојат студентски парламенти чија цел е да ги поддржат студентите, да ги заштитат нивните интереси и да организираат разни активности за студентите.

Но, овие два студентски парламенти останаа неми на новинарските прашања на Порталб.мк за предизвиците на студентскиот живот во Тетово. Од студентскиот парламент на УЈИЕ ни потврдија дека ќе одговорат на нашите прашања, но одговор не испратија.

ФПО: Во недостаток на други активности, студентите времето го поминуваат  во кафулиња

Форумот за промени во образованието (ФПО) за Порталб.мк. посочува дека единствената активност која им е на располагање на студентите во Тетово е одењето по кафулиња.

„Тоа е поради немањето кино, функционален театар, културни активности за нив, работни места, паркови и слично. Овде сè е поврзано. Почнува од кај органите на локалната самоуправа кои потребите на студентите никогаш не ги ставаат во нивниот список на приоритети, потоа продолжува со студентските парламенти, за кои студентите плаќаат одредена сума пари секој семестар, а тие не прават ништо за нив“, велат од Форумот за промени во образованието.