fbpx

Димитриев ги повика пратениците да ги изгласаат новите министри и заменици од ДУИ

-

Техничкиот премиер за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска пред расправата за новите министри и заменици на ДУИ, ги повика пратениците да гласаат за новите функционери.

Тој рече дека новите кандидати само ги пополнуваат испразнетите места на министрите што си дадоа оставка. Димитриев побара од пратениците да ги поддржат измените велејќи дека оваа техничка влада има малку време, а мандатот ѝ е даден само за да ги организира изборите.

Иако кандитатот за заменик министер за одбрана, Беким Максути, кој е дел од списокот на ДУИ, прво го немаше во предлогот за избор на нови министри и заменици министри што премиерот Емил Димитриев го доставил до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, тој сега е на списокот.

Шпекулациите говореа дека Максути е предлог со кој не се согласува ВМРО-ДПМНЕ, а како причина се наведува тоа што тој во 2012 година, заедно со тогашниот министер за одбрана, Фатмир Бесими, во униформа на АРМ се поклони пред споменикот на ОНА во Слупчане.

Вчера Собранието ги констатираше оставките на претходните министри во Владата од редовите на ДУИ.

Фестим Халили е предложен за заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Арбер Адеми за заменик претседател на Влада задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Валдет Џафери за министер за правда, Пиштар Лутвиу за министер за образование и наука, Дритон Кучи за министер за економија, Башким Ахмети за министер за животна средина и просторно планирање, Шухрете Елези за министер за локална самоуправа, а Арлинд Зеќири за министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.