Пет деца на возраст од девет години пројавиле симптоми од труење со храна во детското одморалиште „Радости“ во Охрид, потврдија во Државниот здравствен и санитарен инспекторат за Мета.мк.
Резултатите од лабораторските анализи на земените примероци од храна, покажале дека три примероци од храна (салата од зелка, сирење и мoртадела) не ги задоволиле прописите од микробиолошка безбедност на храната. Исто така, од вкупно земени 12 брисеви од опрема и работни површини, четири бриса не биле во согласност со микробиолошките критериуми за хигиена на површини и предмети кои доаѓаат во контакт со храна. Дополнително, и брис од раце кај една вработена не бил во согласност со микробиолошките критериуми за хигиена на рацете.
Како што е наведено во информацијата од ДСЗИ, станува збор за пет деца на деветгодишна возраст, од населба Радишани, кои биле сместени во овој објект, а кои во 3 часот по полнќ пројавиле исти симптоми – стомачни болки и повраќање.
„Вработен во одмoралиштето ги однел децата на инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид, од каде биле препратени на детско одделение, каде што биле згрижени и после потребните испитувања и ординирана инфузија, утрото биле вратени во одмаралиштето во добра здравствена состојба“ велат во ДСЗИ.
Оттаму додаваат дека веднаш организирале екипа во состав од епидемиолог и техничар од Центарот за јавно здравје – Охрид, инспектор од ДСЗИ и двајца инспектори од АХВ, кои извршиле вонреден инспекциски надзор во детското одмoралиште, при што било констатирано во тој момент дека таму биле сместени 126 деца и 16 возрасни водичи со нив, како и 20 вработени лица – персонал. Сите се хранеле од кујната во објектот. Последно за вечера сите јаделе леб и салама, а некои и сирење.
При надзорот било утврдено дека општата санитарно-хигиенска состојба во кујната е на задоволително ниво. Објектот бил постар, но површините биле чисти, мазни, од материјал погоден за лесно одржување хигиена-росфрај и плочки. Имале доволни количини на дезинфекциски средства – Дезинтал и уредно се водела писмена евиденција за динамика на одржување хигиена.
Во кујната имало вработени три готвачки, сите со уредни и чисти работни униформи, капи и ракавици. Презентирани биле исправни санитарни книшки.
„При надзорот од страна на ЦЈЗ и АХВ земени беа четири примероци од храна за микробиолошка анализа и тоа салама, сирење, јајца и зелка, а од страна на епидемиолошката служба земени биле 12 брисеви од работни површини и опрема и 9 материјали од вработени (брис од грло, нос и раце). Од страна на ДСЗИ ПО Охрид, во врска со пријавеното сомнение за акутно труење со храна, а со цел спречување на натамошно ширење на алиментарната токсоинфекција, кујната на детското одморалиште е затворена записнички и со службена лента, а било издадено и Решение со наложени против епидемиски мерки и забрана за работа на кујната за подготовка на храна до обезбедување на уредни наоди по извршените вонредни здравствено-хигиенски прегледи на вработените лица, објектот, просториите, предметите, вклучувјаќи ги и земените материјали од насочено лабараториско испитување“, наведено е во информацијата од ДСЗИ.
Откако подоцна била извршена контрола, утврдено било дека во целост е постапено по издаденото Решение, записнички објектот е отворен и симната е претходно поставената лента.
„Врз основа на стручното мислење од ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид, Државниот
санитарен и здравствен инспекторат, согласно законските надлежности, ќе покрене
постапка пред Основно Јавно Обвинителство Охрид“, додаваат во Инспекторатот.
Случајот го потврди и директорот на АХВ, Николче Бабовски.
„Постојано вршиме контроли, посебно во лето, и досега најдени се повеќе од 200 килограми храна која не е за употреба и храна која не одговара на одредбите на Законот за безбедност на храна. Млекото и месото, односно нивните преработки се производи кои често се расипуваат и затоа треба со нив многу да се внимава“, вели Бабовски.
Она на што граѓаните треба да внимаваат е рокот на употреба на производите, како и тоа, дали тие се чуваат во ладен ланец, односно дали е чуван на соодветна температура.