Решенија за забрана за прием на деца кои немаат примено некоја од потребните дози ДиТеПер вакцина, ќе издаваат од понеделник здравствените инспектори, соопшти денеска Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ).
Оттаму информираат дека ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со вакцината.
„За секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје“, се наведува во соопштението.
ДСЗИ денеска ја добило одлуката од министерот за здравство врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи кои не се имунизирани со вакцината против голема кашлица.
Членовите на Комисијата за заразни болести, на 5 март, препорачаа да се засили инспекцискиот надзор во градинките за да се види реалната слика со вакцинирани и невакцинирани деца со ДиТеПер вакцина против голема кашлица. Ова следуваше неколку дена откако Мета.мк го отвори прашањето за тоа, дали и колку се почитува одлуката за забрана за прием во градинка за деца кои ги немаат примено потребните дози од вакцината за пертусис.
Вакциналните пунктови работат во две смени. Досега се аплицирани повеќе од 22.300 дози вакцини.
„Вакцинацијата се одвива добро, на родителите ќе им бидат овие вакцинални пунктови достапни и во идина. Една од денешните препораки е и да се овозможи тестирање на територија на цела држава за пертусис, спроведувана од центрите за јавно здравје. Она што исто така е важно е и дигиталната евиденција за вакцинација на децата. Комисијата одлучи да препорача во пунктовите дигиталната евиденција да биде задолжителна, за да имаме подобар преглед за децата што се вакцинираат“, додаде Мехмедовиќ.
Во земјава, согласно последната евиденција од минатата недела, регистрирани се 123 случаи на пертусис, од кои 109 од заболените лица се од Скопје. Состојбата во државата, според надлежните, е стабилна. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) секој петок информира за состојбата со оваа болест, па се очекува до крајот на денот да бидат објавен новиот број случаи во државата.