Фотографијата на Силјановска-Давкова со бугарскиот европратеник Ковачев е стара пет години

Иако ја критикуваат Силјановска дека отишла кај Ковачев да бара поддршка пред изборите, сепак ова не е вистина. Заедничката фотографија на Ковачев и Силјановска датира од нивната средба во 2019 година во Брисел, за којашто тогаш известија и македонските медиуми

Фото: Исечок од рецензираниот Фејсбук пост

Наспроти тврдењата во објавите, не е вистина дека Силјановска-Давкова дека отишла кај Ковачев да бара поддршка пред претседателските избори. Заедничката фотографија на Ковачев и Силјановска-Давкова не е скорешна, туку датира од нивната средба во 2019 година во Брисел, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На неколку објави на социјалните мрежи споделена е фотографија од Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот политичар Андреј Ковачев, при што се тврди дека таа се сретнала сега со него, но тоа не е вистина.

Гордана отиде да бара поддршка од бугарскиот европратеник Ковачев кој нас не негира како Македонци. Мизерија, пишува во една од објавите.

На социјалната мрежа Фејсбук (тука, тука, тука, тука) може да се забележат повеќе објави со критики кон кандидатката за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова затоа што се сретнала со бугарскиот европратеник и потпретседател на Европската народна партија од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев. Во објавите се споделува нивна заедничка фотографија и се напаѓа Силјановска-Давкова дека се сликала со политичар од Бугарија кој во неколку наврати силно ја негираше македонската историја и на кого му беше забранет влез во нашата држава.

Овие објави кои вирално се споделуваат на Фејсбук, се случуваат на неполн месец пред да започне  кампањата за избор на претседател на државата, на кои Силјановска е еден од седумте кандидати.

Иако ја критикуваат Силјановска дека отишла кај Ковачев да бара поддршка пред изборите, сепак ова не е вистина. Заедничката фотографија на Ковачев и Силјановска не е скорешна, туку е стара цели пет години, односно датира од нивната средба во 2019 година во Брисел, за којашто тогаш известија и македонските медиуми.

Потпретседателот на Европската народна партија од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев, во март 2019 година објави на неговиот Фејсбук профил дека се сретнал со Гордана Силјановска-Давкова, која и тогаш беше кандидат за претседател на државата, но изгуби од нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски. Тогаш, Ковачев во својот пост изрази жалење поради фактот што Гордана Силјановска-Давкова имала многу забелешки во однос на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија, посебно во делот со историјата.

Искрено жалам што негативниот однос кон Бугарија наследен од времето на комунистичка Југославија, засилен во времето на Никола Груевски, сè уште е доминантен во главите на многу луѓе во Македонија. Прифаќањето на заедничката историја и стопирањето на говорот на омраза е минимумот што треба да биде исполнет од секој еден политички субјект, што ја бара и очекува поддршката и пријателството на партијата ГЕРБ. Токму поради таа причина многу тешко веројатно е Силјановска-Давкова да ја добие мојата и поддршката на партијата ГЕРБ за својата претседателска кандидатура, напиша Ковачев на 20 март, 2019 година.

Но и покрај тоа што пребарувањето на фотографијата со само неколку клика покажува кога и каде е таа снимена и со која цел, сепак, на социјалните мрежи пет години подоцна се споделува како да е нова и направена во скоро време.

Затоа овие објави ги оценуваме како невистинити.