fbpx

Се реактуелизира рускиот дезинфо наратив за постоење лаборатории за биолошко оружје во Украина

Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти,  така и од Вистиномер

-

Приказната за „тајните американски биолаборатории во Украина” е мит на руската пропаганда. За таа цел се злоупотребува изјавата на Викторија Нуланд од март 2022 година, дека има биолошки лаборатории за истражување во Украина. Нуланд тогаш пред Сенатот на САД кажа дека Украина има подлога за биолошко истражување, додавајќи дека е загрижена дека руските воени сили настојуваат да ги заземат тие лаборатории. Претходно и СЗО предупреди на истото и порача дека во Украина има лаборатории во кои се истражува како да се ублажат заканите од опасните болести, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост: 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која  се вели:

Американскиот водител Такер Карлсон остро го критикуваше постоењето на био лаборатории во Украина.

Во рамките на објавата се споделува  стар текст, од пред две години со наслов:

ТАКЕР КАРЛСОН ЈА „ШОКИРА“ АМЕРИКАНСКАТА ЈАВНОСТ: Што правеа во тајните украински биолаборатории?(ВИДЕО)

Во самиот текст има и видеоматеријал со излагање на Карлсон во кое тој зборува дека во Украина има биолаборатории, за кои тој не верува дека се места каде се произведува лек за леукемија, туку дека станува збор за биооружје. За да го поткрепи овој наратив Карлсон го злоупотребува излагањето на Викторија Нуланд, која во тоа време беше заменик државен секретар по политички прашања во американскиот Стејт департмент. Нуланд деновиве најави дека ќе се пензионира, но самиот текст што се споделува во објавата е од 10 март 2022 година и повторно се актуелизира на Фејсбук дури две години подоцна.

Написот се инсинуира дека имало тајни украински биолаборатории контролирани од САД и дека Америка била многу исплашена тие материјали кои се чувале во лабораториите, да не паднат во рацете на руските воени сили. Но, наспроти изнесеното во овие лаборатории не се прави биолошко оружје, ниту пак, биле „тајни“.

Приказната за „тајните американски биолаборатории во Украина”, е мит на руската пропаганда. За таа цел се злоупотребува изјавата на Викторија Нуланд дека има биолошки лаборатории за истражување во Украина, за кои постои загриженост дека руските сили ќе ги преземат под своја контрола и затоа САД соработува со Украина за да се осигури дека материјалите од биолошките истражувања не паднат во рацете на руските сили.
Светската здравствена организација ѝ  препорача на Украина да ги уништи патогените од лабораториите за да се спречи да се прошират и да настанат болести.
Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ изјави дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести.
Како што претходно пишуваше „Вистиномер“, оваа теорија на заговор руската страна ја шири уште од 2018 година.

Објавата што ја рецензираме погрешно го толкува Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. 

Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.

Во мај 2020 година, Службата за безбедност на Украина објави соопштение во кое ги повикува политичарите да престанат да шират лажни информации за постоење на странски воени биолошки лаборатории во Украина.

Неодамна, „лажните вести“ за наводните активности на американските воени биолошки лаборатории во Украина се шират во медиумите и социјалните мрежи… Ниту една странска биолошка лабораторија не работи во Украина. Неодамнешните изјави на поединечни политичари не се точни и се намерно искривување на фактите, се вели во соопштението.

Според Службата за безбедност на Украина, главната безбедносна агенција во земјата, овие лаборатории се во сопственост и финансирани од украинската влада.

Американската амбасада во Украина преку соопштение во април 2020 година, овие теории ги нарече „дезинформации што се шират во некои кругови во Украина што ги отсликуваат руските дезинформации во врска со силното американско-украинско партнерство за намалување на биолошките закани“.

Во Украина нема американска воена лабораторија, рече во изјава за „ПолитиФакт“ Енди Вебер,член на Одборот на директори на Здружението за контрола на оружјето и поранешен помошник секретар за одбрана за програми за нуклеарна, хемиска и биолошка одбрана.

Напротив, Програмата за намалување на кооперативните закани на Министерството за одбрана на САД обезбедува техничка поддршка на украинското Министерство за здравство од 2005 година за подобрување на лабораториите за јавно здравје, чија мисија е аналогна на американските центри за контрола и превенција на болести. Овие лаборатории неодамна одиграа важна улога во запирање на ширењето на ковид-19, изјави Вебер за „ПолитиФакт“.

За овие лаборатории прво, неосновано се тврдеше дека  таму бил наводно создаден коронавирусот, за сега да се промени наративот и да се кажува дека нивната намена е уништување на словенските народи преку некакво биолошко оружје.

„Гардијан“ има објавено цел текст во кој објаснува како оваа Кју анон теорија на заговор за лабораториите во Украина, стигна до интернационална покриеност на социјалните мрежи и во медиумите.

Дел од приказната е вистина, дека Одделот за одбрана финансира биолошко истражување и лаборатории во Украина, како и во други делови во Европа, за да спречи појава на инфективни болести и да ги држи безбедни објектите во кои порано имаше советски биооружја од нивната програма. Но, Вашингтон не финансира истражувања на биолошко оружје никаде во светот, а уште помалку во Украина и тоа го потврдуваат интернационални организации и адвокати, пишува „Гардијан“.

Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти,  така и од Вистиномер.

Во 2020 година, украинската безбедносна служба издаде соопштение во кое наведе дека нема биолошки лаборатории во Украина кои се водени од странски држави а особено не воени лаборатории.

Истакнуваме дека тие лаборатории се финансирани од државни пари, лабораториите се под Министерството за здравство, соопштија од безбедносната служба на Украина.

Мет Филд, уредник на списанието Булетин на атомската наука, за „Си Ен Ен“ потсети дека во 2018 година, Русија пласирала тврдења за биолаборатории во Грузија, баш во времето кога актуелен бил случајот на Сергеј Скрипал, поранешен службеник во руската војска кој подоцна стана британски агент и беше отруен во Англија со ќерка му.

Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и сигурносна политика рече дека ЕУ не е запознаена дека во Украина се наоѓаат лаборатории кои не се во согласност со меѓународното право.

Викторија Нуланд пред Сенатот на САД кажа дека Украина има подлога за биолошко истражување, додавајќи дека е загрижена дека руските воени сили настојуваат да ги заземат тие лаборатории. Таа рече дека американските служби соработуваат со Украинците за материјалот од тие лаборатории да не падне во рацете на руската војска.

Претходно и СЗО предупреди на истото и порача дека во Украина има лаборатории во кои се истражува како да се ублажат заканите од опасните болести.

Светската здравствена организација препорача на украинското Министерство за здравство и на другите одговорни тела да ги уништат опасните патогени како би се спречило тие да излезат, рекоа од СЗО.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...