Депонијата „Русино“ привремено средена, апел до пратениците да го усвојат заемот за нова инвестиција

Депонијата „Русино“, првата фотографија направена од Мета.мк во октомври лани, а втората направена од МЖССП на 1 ноември годинава

Наместо расфрлан отпад на сите страни, депонирање на смет којшто се покрива со земја. Наместо протекување на исцедокот од депонијата неконтролирано во природата, изграден е систем за рециркулација на исцедокот од депонијата со канали, бунари и други градежни интервенции за заштита на почвата. Ваква е денешната поправена слика за регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар, која што денеска ја посети министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, швајцарската амбасадорка во земјава Вероник Улман и градоначалниците на сите девет општини од Полошкиот плански регион од каде се доведува отпадот во депонијата.

Итните мерки за санација на регионалната депонија „Русино“ се финансираат преку проектот за Интегрирано управување со отпад од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO).

Министерот Нуредини истакна дека првата фаза од проектот за средување на депонијата „Русино“, која вклучува реализација на интервентните мерки на депонијата, е успешно имплементирана, што е услов за преминување кон втората фаза – градење на инфраструктура и воспоставување на системот за управување со отпад. За оваа фаза од големо значење е донесување на Предлог-законот за заем од ЕБОР, со што ќе им се помогне на општините да инвестираат во воспоставување на системот.

Заемот од ЕБОР за изградба на регионалните депонии ги чека пратениците да се вратат од одмор

Министерот Нуредини, заедно со директорот на меѓу-регионалното јавно претпријатие „Русино Полог“ денеска упатија апел до пратениците од Собранието на РСМ да го усвојат Предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај ЕБОР за финансирање на изградбата на современи депонии за пет региони во земјава, меѓу кои е и Полошкиот плански регион.

„Ние како Министерство изготвивме Предлог-закон за заем од ЕБОР. Постапката за овој Предлог-закон по поминати 5 месеци е се уште во собраниска постапка“, изјави министерот Нуредини додавајќи дека општините немаат финансиска моќ сами да инвестираат и затоа е важно да соработуваат меѓусебно и со централната власт.

Швајцарската амбасадорка Вероник Улман истакна дека со реализацијата на овој проект се постигнати видливи резултати како за животната средина, така и во однос на заштита на здравјето на граѓаните.

„Денеска можев да видам дека со швајцарската инвестиција за неколку месеци всушност направивме огромна разлика, по она што го видов за време на претходните посети. Физичката работа, работата на машините, работата на тимот овде навистина направи голема разлика за животната средина, за јавното здравје и секако за луѓето од општините од Полошкиот регион“, изјави швајцарската амбасадорка Вероник Улман, која потсети дека Швајцарија планира да додели грант и за втората фаза доколку Законот за заемот од ЕБОР помине во Собрание.

Инаку, и директорот на ЈП „Русино Полог“, Бесим Догани изјави дека после неколку децении за прв пат депонијата „Русино“ е уредена. Сепак, тој предупреди дека општините од Полошкиот регион имаат долг од 7 милиони денари кон ова претпријатие и дека ако навремено општините не го плаќаат долгот, илјадниците тони отпад можат повторно да се појават во „Русино“.

Новинарска екипа на Мета.мк и Порталб.мк пред точно една година беа во посета на регионалната депонија „Русино“, каде што на локацијата пронајдовме жена со деца, десетици кучиња и расфрлан отпад покрај патот што води до депонијата, како и неконтролирано истекување на исцедокот од депонијата во природата и натрупано ѓубре на самата депонија кое воопшто не беше покриено со земја, а со тоа и беше под опасност од потпалување.

Депонијата „Русино“ и денес го труе Гостивар, жителите бараат селекција и рециклирање на отпадот (галерија)

Една година подоцна, двата медиума направија уште една новинарска сторија, во која ги контактиравме градоначалниците и општините (Гостивар, Новаци и Василево), на чија што територија треба да бидат лоцирани современите регионални депонии за пет плански региони, коишто ќе се финансираат со средства од ЕБОР.

Општините спас од ѓубрето гледаат во изведбата на современите регионални депонии

Иако највоздржана беше токму Општина Гостивар, локалните власти сметаат дека заемот од Европската банка за обнова и развој ќе им помогне да се спасат од загадувањето што го предизвикуваат постојните депонии врз почвата, водите и воздухот.

Од Општина Гостивар нѝ рекоа оти се надеваат дека „Русино“ ќе постане санитарна депонија по сите стандарди, но и дека ќе се користи само во период од пет години, по што ќе се затвори со сите прописи.