Депонијата „Русино“ и денес го труе Гостивар, жителите бараат селекција и рециклирање на отпадот (галерија)

Постојните општински депонии ги критикуваме, современи не сакаме: Депонија „Русино; Фото: Мета.мк

На речиси 10 километри од центарот на Гостивар се наоѓа една од најголемите депонии во земјава. Екипата на „Мета.мк“ и „Порталб.мк“ еден дождлив октомвриски ден се упати кон депонијата „Русино“ и за многу кратко време успеа да сними шокантни сцени. Освен десетици кучиња и една жена со неколку деца, на оваа локација не можевме да најдеме ниту едно одговорно лице кое се грижи за тоа кој влегува и излегува од депонијата.

Во депонијата „Русино“ може слободно да влезе било кој, што пак доведува до тоа да се фрла секаков отпад и да се пали ѓубрето од несовесни граѓани. Меѓу разновидниот отпад, на локацијата пронајдовме и медицински отпад спакуван во картонски кутии и измешан со останатото ѓубре. Поради врнежите од дожд, обилни количества на загадена вода со исцедокот од отпадот се излеваше од депонијата, додека коски и остатоци од животни беа расфрлани во депонијата.

Исцедокот од отпадот на депонијата „Русино“; Фото: Мета.мк

Цивилизацискиот шок што го доживеаме од состојбата во која се наоѓа депонијата „Русино“, за жителите на Гостивар е секојдневие.

„Знаеме сите дека сакаме да дишеме чист воздух. Овде тоа не ни е овозможено со таа депонија. Значи, имаше периоди поради народот што се бунеше, сега запре малку нешто. Меѓутоа, кога беше во ек, дома не можевме да ги отвориме прозорците. Јас седам на другиот крај, на излезот од градот, не можеше да се отвори“, ни изјави Горан Трпески, којшто го сретнавме во центарот на Гостивар.

Друг жител кој побара да остане анонимен, ни рече дека депонијата „Русино“ е многу стар проблем којшто треба да се реши така што таа ќе се премести на друга локација.

Надвор од Општина Гостиварзошто во Гостивар“, се запраша еден од жителите во однос на идната локација на депонијата „Русино“.

Исто како и другите општински депонии во земјава, „Русино“ нема А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање и може да се каже дека досега работела на диво, без исполнување на законските стандарди за една ваква локација. Вакви општински депонии ги има десетици низ Македонија, но проблемот со „Русино“ е во тоа што таа е регионална депонија на која се одлага отпадот од сите девет општини од Полошкиот регион.

Брзите мерки за санација на „Русино“ се имплементирани, но допрва ќе се контролира влезот во депонијата; Фото: Мета.мк

Владата на РСМ веќе обезбеди 1,9 милиони швајцарски франци за воспоставување на нов самоодржлив систем за управување со комунален отпад во Полошкиот регион, со кој на „Русино“ веќе се имплементираа брзи мерки за санација на депонијата. На терен е изграден нов асфалтен пат, поставена е вага за мерење на количеството на отпад што влегува на депонија и рампа со времен објект за сместување на одговорните лица, а изграден е и систем за рециркулација на исцедокот од депонијата со канали, бунари и други градежни интервенции за заштита на почвата.

Веќе е формирано регионалното јавно претпријатие за интегрирано управување со отпадот во Полошкиот регион „ЗЈП Русино/Полог“, кое во иднина треба да стопанисува со депонијата. Во моментов тече постапката за кадровско екипирање.

„Во овој момент претпријатието сè уште не е функционално поради тоа што истото не е во можност да изврши кадровско екипирање поради одредбите од Изборниот законик. Имено, во време на избори односно од денот на распишување на избори до денот на завршување на изборниот циклус, во државните институции вклучително и јавните претпријатија, забрането е да се вршат вработувања. Од денот на завршување на избори за краток рок ќе се реализираат потребните вработувања при што претпријатијето ќе биде функционално“, ни одговорија од Центарот за развој на Полошкиот плански регион.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснуваат дека на почетокот во ова заедничко јавно претпријатие ќе се користат вработени од постојните комунални претпријатија од Тетово, Гостивар и Маврово и Ростуше.

Фото: Мета.мк

Тие додаваат дека со дополнителни неповратни средства од Швајцарија во висина од 6 милиони швајцарски франци, ќе се чистат дивите депонии во Полошкиот регион, а ќе се изгради и компостара за органски отпад. Швајцарските средства ќе се искористат и за кампања за подигање на јавната свест на граѓаните во однос на управувањето со отпадот. Паралелно со ова, Министерството за финансии поднесе барање за заем од 17.370.614 евра кои ќе бидат наменети за изградба на новата регионална депонија „Русино 2“, како и за набавка на камиони и контејнери со кои ќе се овозможи целосно собирање и селекција на отпадот во сите полошки општини.

За оваа цел, веќе е изработен новиот Регионален план за управување со отпадот до 2029 година, како и физибилити студија и техничка документација за стандардизација и систематизација на работите при управување со отпад во Полошкиот регион.

Сепак, како што увидовме и од терен при нашата посета на Гостивар, не сите граѓани, но и локалната самоуправа се среќни поради надградбата на регионалната депонија „Русино“ на постојната локација.

Од Општина Гостивар велат дека се согласиле со централните власти во депонијата „Русино“ да се имплементираат санациони мерки кои ќе ја претворат во координирана, контролирана депонија во период од пет години.

Фото: Мета.мк

„По пет години истата треба да се затвори, а во меѓувреме да се побара позиција за посоодветна локација за изградба на зелена депонија какви што се изградени во европските земји, и сигурно Министерството за животна средина и општините на Полог работат во таа насока. Нашата позиција беше депонијата да се затвори, но во рок од пет години додека не се реши прашањето за нова депонија, таа да се трансформира во нова депонија со стандарди“, вели Зуди Џелили, одговорен за екологија и советник на гостиварскиот градоначалник.

Тој додава дека во моментов на „Русино“ има единствено багер, со којшто ЈКП „Комуналец“ од Гостивар го израмнува отпадот и го покрива со земја, и тоа до оној момент додека овие обврски не ги преземе новоформираното регионално јавно претпријатие.

Џелили тврди дека капацитетите на депонијата „Русино“ се преполнети, односно таа повеќе нема да може да прифати отпадоци од целиот регион.

Фото: Мета.мк

Наспроти ова, од граѓанската иницијатива „Environmental Youth Organization“ (EYO) велат дека тие како еколози не го поддржуваат дислоцирањето на депонијата „Русино“ во друга општина, но даваат поддршка за нејзината реконструкција и нејзина изведба на попериферна локација во Гостивар, која ќе ги задоволи европските стандарди.

„EYO би предложил план во кој приоритет ќе се даде на класификацијата и рециклирањето на отпадот, бидејќи за управување со проблемот со отпадот е потребна работа и мали капитални инвестиции за да се постигне прво целта за класификација на отпадот во неколку циклуси, а потоа формирање фабрики за третман и повторна употреба од ист отпад“, велат од оваа иницијатива.

Инаку, мизерната состојба во која се наоѓа депонијата „Русино“ не е единствена во земјава. Исто така, отпорот на локалните власти и граѓаните за изградба на регионална депонија во нивната општина не е исклучок.

Во Македонија цели 17 години не може да се изгради ниту една регионална депонија по стандардите на ЕУ, во која најголем процент од отпадот што се создава би се селектирал и би се рециклирал, компостирал или горел. Покрај во општина Гостивар, сличен отпор за ваквите еколошки проекти во изминатиов период се појави и во општините Дебарца, Росоман, Свети Николе, односно во населените места од речиси сите други плански региони каде требаше да се градат ваквите регионални депонии.

Поради ова, наместо на едно место да се доведува отпадот, да се селектира и третира за да не се одлага, додека ѓубрето што ќе мора да се фрли да се лоцира на соодветно место за да не ги загадува почвите, водите и воздухот, Македонија до денешен ден има десетици депонии на кои непрекинато се врши загадување на животната средина, без никаква контрола кој и што фрла на овие локации, како и каде завршува исцедокот од отпадот што се распаѓа во природата.