Расте бројот на загинати лица по вчерашниот ракетен напад што го изврши Русија врз станбена зграда во Лвив, во крајниот западен дел на Украина. Властите соопштија дека 10 лица загинале во нападот, а 42 се повредени, пренесува весникот Гардијан. Рускиот напад со ракета „Калибр“ се случи вчерашниот ден, а беше истрелана од Црното Море. Украинските власти го оквалификуваа настанот како уште еден терористички чин врз цивилното население.
Во меѓувреме, Русија изминатава ноќ изведе нови напади со камикази-дронови од иранско производство. Украинската противвоздушна одбрана на југот и истокот од земјата успеала да собори 12 од вкупно 18 дронови лансирани од Русија. Сепак, остатоците од соборен дрон во Днипропетровскиот регион погодиле возило во движење на автопат, при што двајца цивили загинале во нападот, јавува Укринформ.
Руските сили во изминатово деноноќие извршиле ракетен напад и врз населени места во Донецкиот регион, при што едно лице загинало во нападите, додека пет биле повредени, пренесува Укринформ.
Во Херсонскиот регион биле погодени населени места во близина на мостот Антонивка од страна на руските сили, при што пет цивили биле повредени. Во изминатово деноноќие во 29 наврати биле изведени напади врз овој регион, информираат украинските власти.
Според последните податоци на украинските вооружени сили, од почетокот на руската инвазија врз Украина до денешниот ден загинале 232.810 руски војници, а само во изминативе 24 часа загинале 510. Жестоките воени дејствија продолжуваат во Донецкиот регион, во околината на Бахмут, како и во регионот Запорижја, пишува Украинформ.