fbpx

Баланс меѓу пристапот до јавни информации и приватноста: Навигација низ деликатна дилема

Правото на пристап до информации од јавен карактер и правото на заштита на личните податоци се две основни човекови права, вградени во различни меѓународни и домашни правни рамки

-

Во ерата на дигитализација и очекувањата граѓаните да имаат брз и лесен пристап до информации од јавен карактер, судирот помеѓу транспарентноста и правото на слободен пристап до информации наспроти императивот за заштита на личните податоци стана значајна грижа за владите и институциите ширум светот. Така е и кај нас.

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во повеќе наврати истакнa дека секој граѓанин има право на пристап до информациите што се неопходни за да добие преглед за тоа како функционира системот, како се располага со парите на граѓаните, со буџетот и притоа да има можност да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за сите недоследности.

„Транспарентноста и отчетноста на институциите се несомнено најважните елементи во процесот на справување со корупцијата, но и во јакнење на интегритетот“, рече Грковска, кон крајот на февруари годинава во своето обраќање при презентацијата на Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор.

Од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер (АСПИ) нагласуваат дека информациите од јавен карактер кои ги создале или со кои располагаат имателите на информации, како дел од службеното постапување од страна на институциите – иматели на информации, треба да бидат достапни до јавноста, односно имателите на информации треба да бидат проактивно транспарентни во своето работење.

„Јавниот интерес е неприкосновен и секоја институција – имател на информации од јавен карактер е должна своето работење да го базира на заштита на јавниот интерес“, изјавија од АСПИ за Мета.мк.

Сепак, институциите во Северна Македонија се соочуваат со деликатна дилема при одлучувањето кои права треба да бидат приоритетни при одговарање на барањата за пристап до информации од јавен карактер. Често се наоѓаат пред тенка линија помеѓу транспарентноста и заштитата на личните податоци.

Балансирање на транспарентноста и приватноста

Правото на пристап до информации од јавен карактер и правото на заштита на личните податоци се две основни човекови права, вградени во различни меѓународни и домашни правни рамки. Од една страна, правото на пристап до информации од јавен карактер промовира транспарентност, отчетност и учество на граѓаните во управувањето, обезбедува граѓаните да се добро информирани за постапките и одлуките на јавните власти, со што се поттикнува довербата и се намалуваат можностите за корупција. Од друга страна, заштитата на личните податоци ја штити приватноста на поединците, спречувајќи злоупотреба на чувствителни информации и потенцијалната штета што може да произлезе од неовластено откривање.

Дилемата на институциите

На владините тела, јавните агенции и институциите често им се доверуваат чувствителни податоци за поединци, кои може да варираат од медицинска евиденција до финансиски информации. Истовремено, од овие институции, кои имаат службени лица за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер се очекува да обезбедат високо ниво на транспарентност и отвореност кон јавноста.

Минатата година, базирајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (ЗСПИЈК) според Годишниот извештај за 2022 година, само до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија биле упатени 58 барања за добивање на информации од јавен карактер. А, до Канцеларија на претседателот на Владата, како што за Мета.мк потврдија од службата за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, минатата година биле испратени преку 30 вакви барања со прашања за заклучоци од седници, управување со државно земјиште, број на вработени од ранливи глупи, хонорари на ангажирани советници и слично.

И од Владата и од АСПИ велат дека најчести барања за пристап до информации од јавен карактер се однесуваат токму на прашања од делокругот на работата на имателите на информации, кои ги создале или со кои располагаат имателите на информации.

„Сепак, постојат и случаи каде барателите, најчесто физички лица, се обраќаат со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер иако од содржината на барањето е очигледно дека се странки во одредена постапка, кои бараат остварување на некое свое право или интерес кое ги засега само нив, а постапката се води пред институцијата – имател на информацијата. Наведеното, од причина што граѓаните посегнуваат кон поднесување барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, знаејќи дека на овој начин имаат право на заштита пред Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, доколку постои молк на администрацијата. Без разлика на тоа, Агенцијата постапува и по жалби поднесени од овие баратели“, изјавија од АСПИ.

Во вакви случаи, според оваа Агенција, постои несоодветна употреба на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, од причина што овие баратели, своето право за кое се лично засегнати и кое не претставува јавен интерес, може и треба да го остварат согласно материјалните закони по кои работи и постапува институцијата пред која се води нивниот предмет.

Фреквенцијата со која институциите се соочуваат со оваа дилема зависи од различни фактори, вклучувајќи ја природата на информациите што се бараат, контекстот во кој се поднесува барањето и преовладувачките правни и културни норми во однос на приватноста и транспарентноста. Случаите од висок профил или случаите кои вклучуваат спорни прашања се со поголема веројатност да ја стават оваа дилема на прв план.

Од Кабинетот на премиерот појаснија дека класификацијата на информациите е сложен процес и за пристап до одредени информации, како на пример, тие што се означени како доверливи или државна тајна потребен е безбедносен сертификат, а задолжително треба да се провери и дали одредена информација има одреден рок на тајност, а задолжително е и да се направи тест за штетност за потенцијална штета на личната приватност наспроти потенцијалните придобивки од транспарентноста.

„Доколку штетата е несразмерно поголема од користа, заштитата на личните податоци може да надвладее“ велат од кабинетот на премиерот.

Од таму исто така потсетуваат дека покрај правото да дадат делумна информација, институциите според ЗСПИЈК можат да одбијат барање за пристап во случаи ако информациите се класифицирани со одговарачки степен на тајност според законот, ако откривањето на лични податоци ја загрозува приватноста, ако обелоденувањето на податоци нарушува доверливост на даночната постапка, ако информациите се поврзани со истрага или правни постапки и нивното објавување би предизвикало негативни последици, или ако информациите се поврзани со индустриска или интелектуална сопственост, односно содржат патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг или ознака на потекло на производ.

Кое право треба да преовладува?

„Сепак, и покрај тоа што одредени информации се заштитени има случаи кога може да се одобри пристап до нив, но само ако спроведен тест на штетност покаже дека нивното објавување нема да предизвика повеќе негативни последици од јавниот интерес што би бил остварен со нивното објавување, според законот. Доколку информациите се дел од документ кои може да се одвојат без да загрозат за неговата безбедност, тие можат да бидат издвоени од документот и барателот да биде известен за содржината на преостанатиот дел од документот“, велат од кабинетот на премиерот.

Од АСПИ велат дека според законските одредби, кога станува збор за избрано или именувано лице кое врши јавна функција на централно или локално ниво или лице кое е член на управен или надзорен одбор на јавно претпријатие како и лице кое е административен службеник, исклучок од информации од јавен карактер се само личните податоци како единствен матичен број или пак број на лична карта или пасош, домашна поштенска адреса, број на приватен мобилен или фиксен телефон, приватна меил адреса.

„Сите останати информации како висината на нето или бруто плата, висината на надоместоците за членување во управни или надзорни одбори, трошоците за репрезентација или патни трошоци и слично, како и биографии на овие лица во делот на професионалната кариера, видот и степенот на образование, работното искуство и слично, претставуваат информации од јавен карактер и истите треба да бидат проактивно објавени од страна на имателите на информации, како и останатите информации од јавен карактер согласно одредбата од член 10 од ЗСПИЈК. За овие информации од јавен карактер не треба согласност, но за сè друго потребна е изјава за согласност од лицето чии податоци се обработуваат“, истакнаа од АСПИ.

Од таму укажуваат дека најефективните практики за минимизирање на личните податоци кои се откриваат при барањата за пристап до информации од јавен карактер, со цел поддршка на транспарентноста и приватноста треба да се базираат согласно одредбата од член 6 став 4 од ЗСПИЈК, ако документот или негов дел содржи информации од ставот (1) на овој член, што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот.

„Одвојувањето на информациите кои содржат лични податоци може да се изврши со анонимизирање на личните податоци, на начин што истите ќе бидат прецртани со темен маркер или прекриени со коректор, а потоа таквиот акт да се фотокопира за да се избегне можноста на откривање на личните податоци“ велат од АСПИ.

Во однос на справувањето на предизвикот за балансирање на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и правото на заштита на личните податоци, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер изразува став дека институциите треба да постигнат хармоничен баланс помеѓу двата важни аспекти во контекстот на зачувување на основните човекови права. Притоа, институциите треба да се стремат кон висок степен на отвореност кон граѓаните, а со тоа и да создаваат општество кое е информирано и заштитено.

 

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...