fbpx

Потпалувачка пропаганда од Србија за уставните измени: „Стануваат ли Македонците малцинство во сопствената држава?“

Пропагандата започната од Радио Телевизија Србија ја пренесе и српскиот весник „Политика“, додавајќи свој провокаторски наслов на онлајн изданието - „Северна Македонија по мерка на Бугарите и Албанците“

-

„Стануваат ли Македонците малцинство во сопствената држава, иако според последниот попис се повеќе од 58 отсто?“. Со оваа реченица српската државна телевизија РТС (Радио Телевизија Србија) го започнува пропагандистичкиот текст против уставните измени кои сè уште се во процес во македонското Собрание и кои се услов за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската Унија.

Во својот новинарски извештај, српскиот јавен сервис пишува дека „бројките не се во согласност со барањата на малцинските заедници како и со постапките на одредени етнички групи“, потпалувајќи го понатаму читателското искуство со случајот кога за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово беше истакнато знаме на „Голема Албанија“.

„Така, неодамна во Тетово не можеше да се види знамето на Северна Македонија, туку на Голема Албанија“, пишува репортерот на РТС.

Пропагандата започната од Радио Телевизија Србија ја пренесе и српскиот весник „Политика“, додавајќи свој провокаторски наслов на онлајн изданието – „Северна Македонија по мерка на Бугарите и Албанците“.

Овие два српски медиума пишуваат дека „идентитетот на Македонците прво го оспоруваа Грците, што е решено со договорот од Преспа, а сега тоа го прават и Бугарите“.

Според РТС, Бугарија „држи рампа“ на европскиот пат на Северна Македонија, барајќи Бугарите како национално малцинство да бидат вклучени во преамбулата.

„Политика“, пак, текстот го завршува со тоа дека властите во Северна Македонија веќе направиле отстапки пред Албанците, кога во 2019 година албанскиот јазик, покрај македонскиот, стана службен на територијата на целата држава.

РТС и „Политика“ се задржуваат на посетата на Курти на Северна Македонија претходно месецов, пишувајќи дека „во Тетово кое важи за престолнина на Албанците во Северна Македонија, неодамна беше одржан собир без ниту едно обележје на земјата домаќин, наместо тоа, знамиња на Албанија и Голема Албанија“.

Мета.мк веќе пишуваше дека по овој случај, речиси координирано, еден по друг, косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ со своите изјави се обидоа да се мешаат во внатрешнополитичките и надворешно политичките односи на Македонија.

Најпрво косовскиот премиер Албин Курти за време на неофицијалната посета на земјава на 11 август од Тетово порача дека Македонија треба да се држи што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а што подалеку од Србија и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

На српскиот претседател Александар Вучиќ не му беа потребни повеќе од два дена за да одговори на прозивките на Курти од Тетово. Во неговото интервју за српската телевизија „Пинк“, српскиот претседател рече дека посетата на Курти на Тетово била скандал над скандалите и дека таму била, како што вели тој, „промовирана идејата за голема Албанија“.

Ова интервју на Вучиќ се најде на ударните позиции во српските медиуми, вклучувајќи ги и јавниот сервис РТС и дневниот весник „Политика“.

Опасна пропагандна изјава кон Македонија, но и Црна Гора, даде и српскиот министер за одбрана и претседател на владејачката Српска напредна партија, Милош Вучевиќ, кога рече дека овие две земји се огрешиле кон Србија со признавањето на независноста на Косово.

Ваквата распламтувачка пропаганда предизвика реакции од високи државни функционери во Македонија, Црна Гора и Албанија, додека претседателот на Србија Александар Вучиќ ги повика српските фунцкионери да бидат „повнимателни“ за да не кажат нешто што, како што рече, би можело да биде искористено „од страна на некои“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...