fbpx

Реакции во регионот по опасната изјава на српскиот министер за одбрана Вучевиќ

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи реагираше по изјавата на Вучевиќ, при што на социјалната мрежа X напиша дека земјава ги отфрла мешањето и несоодветните изјави на официјални лица од соседните земји

-

По распламтувачката пропаганда на српскиот министер за одбрана и претседател на Српската напредна партија Милош Вучевиќ кон С.Македонија и Црна Гора, со реакции излегоа високи државни функционери од земјава, Црна Гора и Албанија.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи реагираше по изјавата на Вучевиќ, при што на социјалната мрежа X напиша дека земјава ги отфрла мешањето и несоодветните изјави на официјални лица од соседните земји.

„Ние се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и Косово. Се чека појаснување од министерот за одбрана на Србија“, напиша министерот Бујар Османи.

По реакцијата на Османи, српскиот министер за одбрана наместо да испрати извинување кон С.Македонија за мешањето во внатрешнополитичките и надворешнополитичките прашања на земјава, Вучевиќ влезе во препукувања со Бујар Османи на социјалната мрежа X.

„И покрај сите злонамерни и неосновани медиумски известувања, #Србија делува како одговорен, доверлив и предвидлив партнер на сите наши соседи. Нашата поддршка за територијалниот интегритет на сите земји-членки на ОН е безусловна. Сепак, не можеме да пофалиме ничие непочитување на нашиот сопствен територијален интегритет. Неодамнешните настани ги докажаа нашите предупредувања дека #Kosovo* UDI не е случај од sui generis и дека ќе им се удри по глава порано или подоцна. Никој во Србија не се фали за тоа, само ги кажува фактите“, напиша српскиот министер Вучевиќ.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски синоќа имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, по што Ковачевски на својот профил на Фејсбук напиша дека во разговорот Вучиќ го уверил оти тој ги смета македонскиот народ и македонската држава за исклучително пријателски и дека доколку некој македонски граѓанин е навреден од било која порака од српската држава, Вучиќ лично ќе се извинел.

И црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ реагираше по изјавата на српскиот министер за одбрана, потенцирајќи дека обидот за мешање на странски актери во формирањето на новата црногорска влада е неприфатливо.

Милатовиќ потенцираше дека избраниот нов состав на црногорскиот парламент е израз на волјата на граѓаните и граѓанките на Црна Гора, кои се носители на сувереноста на државата. Тој дополни дека очекува формирањето на новата влада да биде втемелено на слободно изразената волја на граѓаните и граѓанките на парламентарните избори, како и на програмските приоритети кои ќе овозможат забрзување на членството на Црна Гора во ЕУ.

На изјавата на српскиот министер за одбрана реагираше и албанскиот премиер Еди Рама, кој оцени дека заканите за стабилноста и територијалниот интегритет на С.Македонија и Црна Гора се опасни и неприфатливи и истакна дека „голема Европа “ е единствената иднина на трите земји.

Рама го потсети Вучевиќ дека Албанија, Црна Гора и С.Македонија како земји-членки на НАТО се целосно посветени на меѓусебната безбедност и територијален интегритет.

Реакциите на високите државни функционери од регионот доаѓаат откако српскиот министер за одбрана рече признавањето на Косово ќе им се удри од глава на С.Македонија и Црна Гора.

„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО Алијансата и дека си ги решиле проблемите… Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно на НАТО Алијансата, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи. Мора да погледнете она што е во историјата, да ги разберете малку другите околности и да разберете што се случува во нивниот двор. Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да констатираме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од власта во Северна Македонија. Ако е „ок“ за Македонците, „ок“ е и за нас, само очигледно ќе имате политика која нема да ја гледаат Македонија како своја земја“, изјави српскиот министер за одбрана Вучевиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...