Израелските воздушни напади повторно татнат низ Газа и утрово, дури и во рамките на евакуациската зона во која според насоките од Израел треба да бидат Палестинците што ги напуштија своите домови по предупредувањето дека во другите подрачја ќе се дејствува против милитантите на Хамас, јави новинската агенција Асошиејтид Прес.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Џо Бајден, треба да пристигне во посета на регионот, во кој е и Појасот Газа со повеќе од 2.3 милиона Палестинци, коишто од час во час се во се полоша ситуација, без вода, храна, струја и нафта, поради опсадата на Израел. Се очекува посетата на Бајден да биде еден мал чекор кон обезбедување хуманитарна помош за жителите на Газа, но главната негова цел е давање поддршка на Израел.
Големата копнена офанзива врз северниот дел на Газа, подолго најавувана од Израел уште не е почната. Во меѓувреме, припадници на Хамас повремено уште вршат ракетни напади врз Израел.
И утрово и ноќеска, според Асошиејтид Прес, во нападите има повредени и загинати луѓе. Во околината на јужните градови Рафах и Кан Јунис се случиле посебно жестоки напади и според Басим Наим, висок функционер на движењето Хамас и поранешен министер за здравство, 27 луѓе загинале во Рафах и 30 во Кан Јунис.
Израел врши жестоки воздушни напади на Газа, која е под контрола на Хамас, уште од 7 октомври, кога Хамас почна со ракетни напади врз јужен Израел, со копнени упади и убиства и киднапирање цивили. Се смета дека трагичниот епилог во јужен Израел е околу 1.400 луѓе, главно цивили. Десетици Израелци беа киднапирани и однесени во Газа од страна на милитантите на Хамас.
Во Газа, пак, се смета дека трагичниот биланс од израелските напади е 2.778 загинати и над 9.700 повредени.
Повеќе од еден милион Палестинци избегаа од своите домови и сега 60 отсто од нив се во област долга 14 километри јужно од евакуациската зона, велат од ООН. Хуманитарните работници предупредуваат дека територијата е на работ од колапс, бидејќи залихите вода, лекарства и струја во болниците ужасно се намалуваат. На граничниот премин Рафах, единствената врска на Газа со Египет, чекаат голем број камиони со хуманитарна помош да влезат во Газа, а во спротивен правец сакаат да заминат од Газа во Египет. Иако имаше најави дека преминот Рафах ќе биде вчера отворен, рампите се уште спуштени.