Сообраќајната несреќа кај Ласкарци, кога превртувањето на автобусот на „Дурмо Турс“ однесе 15 животи, а триесетина лица беа повредени, е најголемата автобуска несреќа во Македонија од осамостојувањето, ако не и порано.
Овој настан што ја потресе земјата во поглед на бројките на загинати и повредени значително отскокнува над бројките за инциденти со автобуси од претходните години собрани на куп. Но она што посебно загрижува е што од 2014 година почнува да расте бројот на повредени и загинати во несреќи во кои биле вклучени автобуси или минибуси.
Според податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, бројот на 15 загинати и 38 повредени, од кои дел уште се во болници е многу, многу поголем од 2017 година, кога е забележан еден смртен случај на патник во автобуска несреќа, а 169 лица, од кои 10 возачи, биле повредени. Во оваа година во сообраќајки загинале 155 луѓе.
Во 2016 година бројките се речиси идентични – еден загинат патник и 151 лица повредени, од кои 11 биле возачи, а вкупната бројка на загинати во сообраќајки била за 10 повеќе од годината потоа, односно 165.
Претходната, 2015 година, не е забележан ниту еден загинат, а 158 лица повредени. Затоа пак, во 2014 година, загинал еден возач на автобус или минибус, а 192 лица биле повредени во автобуски несреќи. Оваа бројка можеше да биде многу поголема поради несреќата кај Сарамзалино, кога автобус на „Струмица Експрес“ беше удрен од шинобус на премин преку пругата, но за среќа без загубени човечки животи, туку само со 32 повредени. Оваа несреќа исто така се случи на 13-ти во месецот, со таа разлика што сообраќајката кај Ласкарци беше на 13 февруари, а таа кај Сарамзалино на 13 мај.
Токму 2013 отскокнува „позитивно“ од годините што ќе уследат во поглед на епилогот од автобуски несреќа – без загубен живот и „само“ 66 повредени, од кои 9 биле возачи. Ист епилог е во 2012, без жртви и со 87 повредени.
Во 2011 е загубен во автобуска несреќа еден човечки живот, а 65 лица биле повредени, а во 2010 година речиси исто толку лица со повреди – односно 66, но без жртви.
Од 2007 до 2009 година не е забележан загинат патник во автобус или возач, а бројот на повредените бил уште помал отколку годините од 2010 до 2017 година, велат податоците од Државниот завод за статистика. Во периодот од 2001 година до 2007, само во 2006 имало една жртва, а бројката на повредените била многу помала отколку во деценијата од 2007 до 2017.
Во Македонија, секоја година во периодот 2008-2017 година, во просек се случувале по 4.141 сообраќајна несреќа во коja имало загинати, потешко или полесно повредени лица.
Притоа, животот го губеле во просек 158 лица, а потешко и полесно биле повредени по 6.285 лица секоја година.
Според анализата на Центарот за интернет, развој и добро управување „Импетус“ – Скопје, „Сообраќајно-безбедносната состојба на патиштата во Македонија“, која е објавена на крајот на јануари годинава, за ваквите бројки најбитен фактор е човекот.
„Причините за големиот број на сообраќајни несреќи најмногу се наоѓаат во субјективниот фактор – човекот … Сообраќајно-безбедносната состојба на патиштата во Република Македонија е неповолна и тенденциите во функционирањето на сообраќајот на патиштата, се алармантни, загрижувачки и неприфатливи за нашето општество. Поради тоа, како императив се наложува неопходната потреба за преземање на дополнителни напори од страна на сите надлежни органи и институции кон пронаоѓање на ефикасни и ефективни стратешки решенија, мерки и активности“, се вели во студијата.