fbpx

Автобусите на ЈСП се враќаат на улиците, вработените утре ќе добијат плата

-

Советот на Град Скопје денеска на втората вонредна седница, едногласно со 39 гласа „ЗА“, го изгласа ребалансот на градскиот буџет со што ќе се одвојат 133 милиони денари за субвенционирање на ЈСП. Претседателот на Синдикатот при ЈСП, Миќо Стојановски потврди дека трансферот на пари е направен, а вработените утре ќе ја добијат платата.

„Работниците на ЈСП утре ќе ја добијат септемвриската плата. И ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје за наредните три плати. Што значи дека ќе нема потреба повеќе да чекаме 15-ти за тие средства да бидат доделени на вработените. А уште повеќе ме радува тоа што во ребалансот на буџетот за 2023 година јавното претпријатие ќе биде побогато за 360 милиони денари“, рече Стојановски.

Градоначалничката Данела Арсовска по седницата изјави дека е задоволна затоа што, како што рече, конечно се создал консензус за да се помогне на ЈСП. Таа додаде дека со овој ребаланс е обезбедено до крајот на годината претпријатието да работи непречено.

„Верувам дека ќе се побара одговорност што се случувало во јавното претпријатие со години и за тешката финансиска состојба во која е доведено, за мултимилионските долгови кои ги има ова претпријатие“, рече Арсовска.

Таа рече и дека очекува од управниот одбор да не го блокира работењето на претпријатието.

На денешната седница, која за разлика од вчера беше и пократка и без драматични исклучувања на микрофонот, Арсовска ги замоли сите заеднички да најдат начин како да се помогне претпријатието.

„Ова е првпат во историјата на Македонија да се излезе на штрајк и да нема превоз за 5 дена доцнење на плата. Но, Градот до доцна работеше и најде начин да се обезбедат пари за овие луѓе кои работат секојдневно да добијат плата. ЈСП со децении е загубар и никој 30 години не ја смени оваа ситуација. Сите тие што се членови на управни одбори носат исто така одговорност за оваа ситуација. Сега ве замолувам сите да ја гласате оваа одлука и во иднина заеднички да работиме да се решат проблемите кои се влечат со години“, кажа Арсовска од говорницата.

Сепак, таа инсистираше дека Владата и неколку општини имаат долг кон ЈСП кој треба да го подмират. Истакна дека сите јавни претпријатија се пред колапс.

Утрово автобусите останаа во базите на ЈСП, а работниците си ја бараа заостанатата септемвриска плата. Патници, како што забележа Мета.мк утрово, превезуваа само приватните превозници.

Штрајкува ЈСП: Студенти не стигнаа на предавања, граѓани пропуштаат ден од работа и термини на лекар

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Постигнат цензусот за претседателските избори

Излезноста во вториот круг на претседателските избори до 17 часот е 42,32 отсто, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Процентот на излезност до 17 часот, како што...