сабота, 13 јуни, 2026
Meta.mk

„Тајм“ ги објави највлијателните 100 личности за 2020 година

На 23 септември угледниот магазин „Тајм“, ја објави листата на највлијателните 100 личности за 2020 година. На оваа листа која се објавува на годишно ниво од 1999 година, се наоѓаат личностите кои го промениле светот и се смета за огромна чест за сите оние кои што ќе се најдат на неа. Луѓето кои најчесто се наоѓале на оваа листа се Барак Обама кој бил на листата 11 пати, Хилари Клинтон и Опра Винфри по 10 пати, Џеф Безос и Стив Џобс по 5 пати и многу други.

Оваа година одбраните 100 беа поделени на неколку категории: Пионери, артисти, лидери, титани и икони.

На листата пионери се најдоа раперката Меган Д Сталион, кошаркарот Јанис Антетокумпо, астронаутите Кристина Кош и Џесика Меир и други.

На листата артисти се најдоа музичарите Д Викенд, Селена Гомез, Халси, Џеј Балвин, актерот Мајкл Б Џордан…

На листата лидери се најдоа Ентони Фаучи, Ангела Меркел, Џо Бајден, Доналд Трамп и тн.

Помеѓу останатите, на листата титани се најдоа актерката Габриел Јунион и нејзиниот сопруг поранешниот кошаркар Двејн Вејд, и Формула 1 возачот Луис Хамилтон.

На листата икони се најдоа медицинската сестра Ејми О Саливан, основачите на движењето Црните Животи се Важни Алиша Гарца, Патрис Калорс и Опал Томети, тенисерката Наоми Осака.

Целосната листа со повеќе информации за сите оние кои се наоѓаат на неа можете да погледнете овде.

Викендов се одбележува 50 години Златно Славејче

Оваа сабота, 26 септември, на паркингот на спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се оддржи 50-тото издание на фестивалот Златно Славејче. На овој настан ќе бидат изведени најголемите хитови од сите претходни изданија на овој фестивал меѓу кои се песните „Сакам кола убава“, „Дајте раце“, „Слонче“ и многу други.

„Се потрудивме за безбедно другарување според сите услови и протоколи кои ни се на располагање“ – велат организаторите.

Фестивалот ќе започне од 11 часот со ограничени билети кои можете да ги набавите на овој линк.

https://www.facebook.com/zlatnoslavejce/photos/gm.326051655329940/10158618626509696

 

https://www.youtube.com/watch?v=jC2FvdPBFuk&fbclid=IwAR0PJKGNHZuGOigOLEi_dN0pTDAi8ElsQ8WwRC-l3TeLii8zEpJXChS5Ky4

Охис еколошка „бомба“? (видео)

Во нејзиното ново видео Кика Авеиро ни кажува нешто повеќе за влијанието врз здравјето на луѓето на хемикалиите што се чуваат во Охис и прави споредба со неодамнешната трагична случка во Либан. „Овие штетни материи не можат да предизвикаат експлозија, не се опасни на таков начин, меѓутоа се опасни заради тоа што предизвикуваат лоши влијанија врз здравјето на луѓето кои живеат околу таа фабрика“ – вели таа.

Погледнете го видеото:

Пронајдени знаци на живот на Венера

На 14ти септември пронајдени се знаци на живот во облаците на Венера велат Њујорк Тајмс (NYTimes) и Национална Географија (National Geographic). До ова откритие е дојдено откако се пронајдени траги од токсичниот гас фосфин, а за овој гас е откриено дека може да биде создаден само од некое живо суштество. Порано годинава научниците тврдеа дека пронаоѓање на ваква хемикалија би сугерирало дека постои некаков живот надвор од оваа планета и предложија идните телескопи да бараат траги од такви хемикалии.

„Бев избезумена секако. Претпоставував дека станува збор за некаква грешка, но се надевав дека не е“ – вели еден од истражувачите на институтот за технологија во Масачусетс (MIT). Ова сѐ уште е хипотеза што допрва треба да се потврди, а целосното истражување со сите мерења можете да го прочитате овде.

Фејсбук лансира „кампус“ за студенти

Фејсбук соопшти дека додава нова функционалност за студенти наречена Фејсбук Кампус. Со оваа новост Фејсбук се враќаат кон своите корени бидејќи оваа апликација беше оригинално дизајнирана од студенти за студенти. Намената на кампусот е создавање на простор каде што студентите можат да имаат интеракција со други студенти и давање на пристап до новости, групи и настани специфични само за кампусот.

Пристап до кампусот ќе имаат сите оние студенти коишто ќе го внесат студентски е-маил и годината до којашто би требало да дипломираат. Студентите исто така ќе можат да ја внесаат својата насока на студии, предмети коишто ги слушаат и слично. Како причина за создање на ваква функционалност од Фејсбук велат дека студентите би сакале да имаат посебен профил каде што би можеле да споделуваат информации за нивните студии кои не би сакале да ги објават на нивниот јавен профил.

Засега оваа функционалност е во тест фазата на неколку универзитети во САД и е ограничена со тоа што студентите коишто студираат на ист факултет можат меѓусебно да си ги погледнат профилите. Целосното соопштение можете да го прочитате овде.

Оскарите со нови стандарди за номинирани филмови

На 8ми септември Академијата за филмски уметности и науки соопшти дека воведува нови стандарди за наградата најдобар филм како дел од нивната иницијатива под името Academy Aperture 2025. Целта на оваа иницијатива е да се зголеми разноликоста на актерите, но и на целата екипа која што работи зад камерите.

Создадени се А, Б, Ц и Д стандарди и секој од нив се однесува на различен дел од екипата: А стандардот се однесува на актерите кои се одбрани и темата на филмот, Б стандардот се однесува кон креативниот лидер и тимот на проектот, Ц стандардот се однесува кон можностите за пристап до индустријата, а Д стандардот се однесува кон развој на публиката. Во секој од овие стандарди треба да бидат претставени луѓе од различна раса, националност и сексуална ориентација. За еден филм да може да биде номиниран за наградата најдобар филм од 2024 година треба да исполнува барем 2 од овие стандарди.

Целосното соопштение од Академијата за филмски уметности и науки можете да го прочитате овде.

 

https://www.instagram.com/p/CE5U-hwsk-U/

Реалити шоуто на Кардашијан завршува наредната година

Познатите сестри Ким и Клои Кардашијан на своите Инстаграм профили соопштија дека нивното реалити шоу „Keeping Up with the Kardashians“ ќе ја има својата последна сезона. Ова шоу беше едно од најпопуларните во неговиот жанр со досега објавени 18 сезони и преку 250 епизоди.

„Без ова шоу немаше да бидам каде што сум денеска. Благодарна сум на сите оние коишто нè гледаа и нè поддржуваа мене и моето семејство“, вели Ким во нејзината објава.

Ова шоу започна во 2007 година, а неговата последна сезона ќе биде објавена наредната година.

https://www.instagram.com/p/CE5AwirA4Cx/?utm_source=ig_web_copy_link

Амазон има проблем со лажните прегледи за производи што се нудат на продажба

Еден од најпопуларните веб-сајтови за е-трговија Амазон, има огромен проблем со лажни прегледи кои сѐ потешко се забележуваат, пишува Си-Ен-Би-Си (CNBC). Во јули на факултетите во Калифорнија направена била студија во која биле пронајдени преку 20 групи на Фејсбук посветени на создавање на лажни прегледи на Амазон. Ваквите прегледи ги поттикнуваат продажбите на „небезбедни“ и лажни производи на оваа платформа, што е голема причина за прекин на соработка помеѓу Амазон и поголеми брендови како што е Најк, коишто ја прекинаа соработката минатата година.

Овој проблем не го засега само Амазон туку и останатите платформи за трговија, меѓу кои е И-Беј (e-Bay), но и маркети кои што нудат продажба онлајн, како што е Волмарт (Walmart).

„Урбана змија“ – проект од студенти за дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“

На 18 септември, во дворот на Ерор колектив, ќе биде организирана промоција на проект на студенти за дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Проектот е наречен „Урбана змија“ (Urban Snake) и е изработен од студенти по архитектура, студенти од Машинскиот факултет и студенти на дизајн.

„Проектот се состои од креативна урбана опрема во дворот на студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје која има за цел да внесе нови содржини и поголема активност во дворот“ – велат од МЕЕЛЕМ, кои го организираат настанот. Бидејќи овој проект е направен од студенти, тие примаат донации за реализација на истиот, а повеќе за тоа можете да прочитате овде.

На настанот ќе се внимава на дистанцата и сите коишто ќе присуствуваат треба да носат маски согласно мерките и протоколите на владата.

Повеќе за проектот можете да погледнете овде:

https://www.facebook.com/skopjemeleem/posts/1184651428568293

Говор на омраза (видео)

Во нејзиното најново видео Кика Авеиро ни кажува за омразата со која што се соочуваме секојдневно на социјалните медиуми. „Некако многу полесно ни е да напишеме нешто негативно за некој или за нешто отколку да дадеме некој позитивен збор“ – вели таа.

Погледнете го видеото:

Кои се твоите права? (видео)

Во нејзиното ново видео Кика Авеиро нè потсетува на правата и одговорностите кои што секој граѓанин би требало да ги има. „Јас можам да сакам да возам со 150 на улица меѓутоа немам право да го направам тоа затоа што ја загрозувам јавната безбедност“ – вели таа.

Погледнете го видеото:

Инфлуенсери промовираат тестирање за ковид-19

Инстаграм инфлуенсери и учесници на реалити шоуто Love Island биле платени од страна на британската влада за да промовираат тестирање за ковид-19, објави Би-Би-Си (BBC). Ова е дел од поширока кампања како обид за тестирање и следење на заболени од ковид-19, која што е организирана од националната здравствена организација наречена NHS Test and Trace. Според нивна анализа, овие објави достигнале над 7 милиони луѓе. Објавите кои што се однесуваат на оваа кампања се означени како реклами и се обележани со хаштазите “#gettested” и “letsgetback”.

Една од објавите можете да ја погледнете овде:

https://www.instagram.com/p/CD_ih3AByot/

Нетфликс нуди бесплатен преглед на серии и филмови

Една од најпопуларните платформи за стриминг на филмови и серии Нетфликс нуди бесплатен преглед на неколку филмови и неколку епизоди на серии. Сите кои што немаат претплата на оваа платформа сега се пречекани со пораката: „Погледнете некои од нашите омилени шоуа и филмови бесплатно.“

Дел од филмовите коишто се понудени се Murder Mystery, популарниот трилер Bird Box и The Two Popes кој беше номиниран за Оскар. Понудените серии се популарната Stranger Things, When They See Us и други. Филмовите и сериите можете да ги погледнете овде.

Фустанот на првата дама на САД стана интернет меме

За време на републиканската конвенција, првата дама на САД, Меланија Трамп се појави во елегантен зелен фустан од дизајнерската куќа Валентино. Поради специфичната боја на фустанот која се користи како зелен екран при снимање филмови, фустанот брзо стана меме на твитер. Зелената боја се користи бидејќи може многу лесно со помош на видео монтажа да “исчезне” и на нејзино место да се стави било каква фотографија или видео.

 

https://twitter.com/FallFilms/status/1299215167075553280

https://twitter.com/EmptyWording/status/1299175233287524353

 

Освен зелениот фустан, првата дама предизвика реакции и за костумот кој го носеше за време на нејзиниот говор, за кој јавноста забележа дека наликува на фашистичка униформа.

https://www.instagram.com/p/CEWyLcMHMjV/?utm_source=ig_web_copy_link

https://twitter.com/The_DebG/status/1298460960890421253?s=20

Џеф Безос е најбогатиот човек во историјата благодарејќи на ковид-19

Основачот на компанијата Амазон стана првиот човек со богатство од над 200 милијарди долари, објави Форбс. Земајќи ја во предвид инфлацијата на вредноста на валутата, Форбс верува дека Џеф Безос е најбогатиот човек во историјата, којшто во моментов поседува богатство од 201,6 милијарди долари.

Порастот на богатството на Безос во голема мера се должи на пандемијата од ковид-19, која што доведе до значителна промена во навиките на потрошувачите. Во јануари годинава, Безос имал 115 милијарди долари, што значи дека пандемијата му донела над 86 милијарди, а акциите на Амазон доживеале покачување од 80 отсто.

Безос ќе беше уште побогат да не беше неговиот развод минатата година, којшто важи за најскапиот развод во светот. Неговата поранешна жена Мекензи Скот во разводот добила 25 отсто од акциите во Амазон, кои денеска вредат 63 милијарди долари.

Компанијата Амазон е позната и по тоа дека Безос долго време наоѓал начини да избегне плаќање на данок. Во 2019 година по долго време платил данок на државата и тоа само 1,2 отсто, значително помалку од задолжителниот данок кој го плаќа секој обичен граѓанин на САД од 14 отсто.

Следен на листата на најбогати во светот се наоѓа Бил Гејтс со 90 милијарди помалку, односно со вкупно богатство од 116.1 милијарди.

https://www.youtube.com/watch?v=xBF7csgJvl8

Чадвик Бозман познат како суперхеројот Црниот Пантер, почина од рак на 43 години

Почина актерот Чадвик Бозман, најпознат по неговата улога на суперхеројот Црниот Пантер (Black Panther) во истоимениот блокбастер од Марвел. На неговите профили на социјалните медиуми беше објавена официјална порака од неговиот тим дека Чадвик починал вечерта на 28 Август, на 43-годишна возраст, по 4-годишна борба со ракот, во тајност.

https://www.instagram.com/p/CEdLs05FWTn/

Иако Чадвик се борел со болеста веќе 4 години, за ова знаеле само мал круг на луѓе, а за светот оваа вест одекна како огромно изненадување. Холивуд жали за својот колега, кој важи за еден од најпочитуваните актери на нашето време. Речиси да нема јавна личност која не оддаде почит за прераното заминување на актерот.

https://www.instagram.com/p/CEdR9S4BVCS/

https://www.instagram.com/p/CEdU-afBhvC/

https://www.instagram.com/p/CEdTIivDeUh/

 

Во април годинава, фановите забележале дека нешто се случува со актерот одкако тој на својот инстаграм профил објавил видео каде се забележува дека актерот е значително ослабен. Ова видео ја загрижи јавноста, но набрзо фановите заклучиле дека падот на неговата телесна тежина веројатно се должи на подготовка за нова улога во филм за која е потребно да изгледа послабо. За жал се покажа дека тоа не е вистина.

https://www.instagram.com/tv/B_BgHvnF0UI/

 

По веста за неговата смрт, јавноста се потсети на ова видео во кое Чадвик зборува за две дечиња кои починале од рак, со кои тој комуницирал во текот на снимањето на Црниот Пантер. Во видеото актерот станува емотивен додека ја раскажува приказната, а според датумот на интервјуто може да се заклучи дека во тој период тој веќе знаел дека и тој самиот боледува од рак.

Неколку хаштази поврзани со смртта на актерот веќе се трендинг на Твитер, а фановите побрзаа да ја искажат својата жал, меѓу другото, барајќи од Марвел да не ставаат друг актер во улогата на Кралот Т’Чала во Црниот Пантер.

 

 

 

„Жените се малцинство“ – Осмо издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“

Осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ ќе започне на 17 Август под мотото „Жените се малцинство“.

„Со ваквото политичко позиционирање имаме за цел да го преиспитаме значењето на терминот ‘малцинство’, свесно одбегнувајќи ја неговата национална, доминантна претпоставеност. Сакаме да посочиме дека во значењето на овој поим многу поважни се, всушност, односите на моќ помеѓу најразличните општествени групи, како и доминацијата на едни врз други. Таквата доминација секојдневно се случува преку вкоренети штетни политички уредувања и општествени норми, кои подразбираат дискриминација на мноштво идентитети што не се вклопуваат во идеалот што му е припишан на хегемониското мнозинство. Токму затоа, прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање,“ велат организаторите

Фестивалот ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар со почитување на  протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата. А организацискиот тим најавува многу изложби, предавања дискусија, музика и многу друго.

Повеќе за фестивалот можете да прочитате на овој линк.

Вечерва на небото ќе биде видлив метеорски дожд

Еден од најпопуларните метеорски дождови, Персеиди, вечерва ќе биде видлив на небото и од нашите простори. Персеидите започнаа на 17 јули, а ќе траат до 26 август и се случуваат секоја година во овој период.

Причината поради која што токму овој метеорски дожд е популарен е бидејќи е еден од поинтензивните со 50 до 75 метеори на час, кога и всушност е најсилен. Овој метеорски дожд својот пик ќе го достигне ноќта меѓу 11 и 12 август.

Повеќе информации за овој метеорски дожд можете да прочитате овде.

Точакот е за сиромашни? (видео)

Во нејзиното најново видео Кика Авеиро споделува некои податоци за користењето на автомобилите наспроти велосипедите во нашата држава. „Значи нас уствари ни се омилени автомобилите, нигде не мрдаме без автомобил. Абе до продавница ако треба со кола ќе идеме“, вели таа.

Погледнете го видеото:

Во тек е пријавувањето за Младинскиот Филмски Фестивал Скопје

Првото издание на Младинскиот филмски фестивал за кратки филмови на автори до 24 години, ќе се одржи на 28 и 29 август, во киното на отворено „Мирно лето“ во Кинотеката во Скопје. До сега овој настан беше дел од тридневната програма на најголемиот средношколски фестивал во Македонија „Три дена култура“, а годинава за прв пат се одвива самостојно.

„На 28 и 29 август во дворот на кинотеката на Македонија, во киното „Мирно лето“ ќе имаме 2 убаво исполнети фестивалски вечери со вкупно 20 кратки филмови распоредени во 3 програми: Домашна програма, кратки играни филмови и кратки документарци. Фестивалските вечери ќе ги завршуваме со 2 млади локални бендови. Фестивалот ќе додели една награда за најдобар филм на фестивалот“, велат организаторите.

Во тек е пријавувањето, а повикот е отворен до 20 Август на: https://mff.mk